Search for content, post, videos

Единствените нешта за среќа!

Некој некогаш рекол: НАПРАВИ ГО ТОА ШТО МОЖЕШ, СО ТОА ШТО ГО ИМАШ, ТАМУ КАДЕ ШТО СИ…

И еве го пречекоривме прагот на уште една Нова година. Се што ви треба за добар почеток е да се
свртите кон вистинската насока и да продолжите да одите со храброст и уверување дека ништо не може да ве одврати од патот. И покрај својата тежина, животот сепак нуди и подобри опции. Ајде весело да ги пречекаме…
Нов живот може да започнете секој миг, ако сте убедена дека не ви одговара начинот на кој живеете сега. Верувале или не, но подобро би живееле ако гледаме напред отколку ако се вртиме назад. Но, минатото секогаш има голема моќ врз нас, па било добро или лошо, секогаш не втурнува во своите одаи. Но, време е да научиме дека се она што ни се случило, така требало да биде. Дури и грешките за кои не можеме да си простиме. Но, разберете, понекогаш околностите се такви, така што животот сам не наведува на грешки. Но, затоа, извлечете поука и продолжете напред. Затоа што, се додека сме живи, треба да учиме како најдобро да живееме. Бидејќи никогаш не било постигнато ништо големо без длабока љубов и ентузијазам, оваа година најдете време да поработите на себеси. Најпрво почнете да верувате во себеси и во она што го правите, бидејќи така ќе знаете дека сте на вистинскиот пат. Единственото вистинско задоволство е да знаете дека сте на вистинската насока кон своите желби и соништа. А тоа можете да го направите така што секој ден ќе се трудите најдобро што можете. Започнете вака: Запрашајте се колку обврски имате во животот? Обврски кон децата, обврски кон сопругот, кон работата, обврски кон пријателите… бескрајно многу обврски. Но, ја заборавивте најважната. Основна и најважна е обврската која ја имаме кон себеси. И покрај сите талкања, сепак, на крајот се враќаме кај себе. Затоа, имајте искрени мисли и чисти чувства за да можете да го гледате животот реално. Животот не е лесен за никој од нас. Но, што со тоа? Зарем некој може да ја промени судбината? Никој не може да знае што не очекува утре, ниту да го промени она што се случило.
Но, затоа можеме да делуваме на она што ни се случува сега и да го промениме она што е во наша моќ. Големината не е во тоа никогаш да не доживееме неуспех, туку да научиме нешто корисно од тие неуспеси и да имаме сила за патот кој не води напред. Мораме да запомниме дека не сме единствените кои се нашле во тешка и мачна ситуација. На светот постојат многу потешки судбини и луѓето, сепак, продолжуваат да живеат. Затоа, бидете благодарна за она што го
имате и живејте со длабока љубов.
ЕДИНСТВЕНИТЕ НЕШТА ЗА СРЕЌА
Љубовта, семејството, пријателите… тоа се единствените нешта кои го прават човекот среќен, а
животот КОМПЛЕТЕН. За среќен живот е потребно многу малку. Божик е ден полн со магија. Искористете го за да ја разберете суштината на животот. Што би посакале повеќе, ако ги имате најсовршените нешта на светот? Ова е најубавиот подарок од Господ. Топлината која ја чувствувате покрај саканите е побогата и повредна и од најголемите богатства на светот. Не ви
треба признание ниту потврда од другите за тоа како го живеете животот. Тоа најдобро го знаете вие. Се додека имате внатрешен мир и спокојство, да знаете дека сте на вистинскиот пат. Божикната љубов не ветила живот без страв. Но, и покрај стравот, сепак успехот е највисокиот врв за оние кои навистина знаат да се борат. Вистинската љубов и храброст започнува тука.
Таа никогаш не чека подобри мигови, ниту совршени услови, ниту моменти кога би се случило некое чудо. Секогаш е вистински момент кога искрено се сака нештото.
Најголемото откритие е спокојот на душата. Излезете надвор и радувајте му се на животот. Не обвинувајте ја судбината што ви задала некој страшен удар. Не можете против тоа и затоа од животот извлечете го најдоброто. И јас како и вие имам илјада и една причина да го обвинувам животот за она што ми го сторил. Но, исто така имам и милиони причини да го благословувам за
она што ми го дал. Значи, би било крајно неблагодарно постојано да се жалам над судбината за нештата кои ме измачуваат. Јас одамна научив дека на тој начин нема да постигнам ништо корисно, само ќе паднам подолу во бездната, а тоа не ми е целта. Решив да воздивнам длабоко и да одам напред. Тоа ви го советувам и вам. Ќе дојдат и подобри денови. Ќе осамнат и посветли
утра. Божикната љубов на сите ни дава од својата магија, но сите немаме сила или не сакаме да ја
погледнеме вистината: Ништо не трае вечно и с# што се случува еден ден ќе заврши. Една народна поговорка гласи: птици на загриженост летаат над твојата глава, тоа не можеш да го промениш. Но, можеш да спречиш да направат гнездо во твојата коса. Во тоа се состои животот. Во постојана борба со она што ни се случува и да научиме како најдобро да го проживееме. Топол
живот, полн со копнеж и љубов, со бескрајна надеж… тоа е најубавото нешто кое може еден човек да го посака.
Во моите дваесет и седум години научив дека семејството, љубовта и пријателите се најважните
нешта во животот. Во ниеден момент не посакав ништо друго освен љубов и бескраен спокој на душата. Научив дека благосостојбата на душата е најскапото нешто што еден човек може да го поседува. За мене во овие мигови нема ништо поскапоцено од мајка ми која постојано се плаши да не паднам на патот по кој чекорам, сестра ми која секогаш ми подава рака кога ќе се случи тоа,
саканото лице кое ми го прави срцето целосно, пријателите (оние вистинските) кои ќе се смеат и ќе плачат со мене, и конечно, мојата КОМПЛЕТНА која постојано ми ги остварува соништата и ги дели со вас, па мојата среќа ја зголемува за двојно повеќе. Затоа го сакам животот толку многу…. затоа што овие мигови никогаш нема да се повторат. Мојата љубов никогаш не бараше признание за нејзината големина, затоа што знаеше дека без неа нечии срца би се распаднале и не би издржале. И вие постапете исто. Сакајте искрено со целото свое битие, без оглед на тоа што добивате за возврат. Се додека срцето е спокојно, правете го тоа без грижа на совеста. Мислам дека на врвот на љубовта секогаш се наоѓа среќата. Таа доаѓа со сознанието дека ништо не може да ја предизвика повеќе од самата љубов. Затоа што секоја искрена љубов во своите раце
има подарок за нас.
И овој Божик нека ви се случуваат само убави нешта. Не мора да очекувате дека куќата ќе ви порасне за еден кат погоре, дека паричникот ќе се здебели или вие ќе се претворите во лице од насловната на некое модно списание… наспроти тоа, погледнете ги нештата со срцето. Почувствувајте го мирисот на тазе печените костени, волшебното трепкање на новогодишната елка, вкусот на божикните колачиња, насмеаните лица, веселите погледи, топлите прегратки, слатките бакнежи… зарем има нешто посовршено од сето тоа? Барем во овие мигови не мислете на сето страдање, туку на убавината која се уште постои или може да ја дофатите. Затоа овој Божикен ден е толку важен за нас во животот. Доаѓа во нашите домови толку чист и совршен во своето постоење. Не учи на длабока љубов и не тера да се надеваме дека утрешниот ден ќе биде
подобар. Затоа, најмногу од се ценете ја љубовта, затоа што само таа ќе остане кога сите други (минливи) нешта ќе ги снема. Успехот носи многу работи во нашите животи, но не и она чувство на длабока среќа кое го дава љубовта.

Надица Пушкоска