Search for content, post, videos

Енди Ворхол… икона на американскиот сон

 

2012-тата е година на Енди Ворхол. Така одлучи фондацијата која го носи неговото име, да се одбележи дваесет и петгодишнината од смртта на уметникот чија “интерпретација” на луѓето и предметите била толку поинаква што критичарите морале да смислат нова тенденција во изразувањето. Така настанал поп-артот. До крајот на декември ќе се одржат уште неколку изложби, поетски читања, а ќе се прикажуваат и филмовите со кои ја “предизвика” сексуалната револуција поради што се здоби со “титулата” херој на андерграунд културата во доцните шеесетти и раните седумдесетти.

Ексцентричноста беше една од карактеристиките на Енди Ворхол кој честопати знаеше да “изненади” со неговите дела, со изјавите што многумина ги толкуваа како банални, површни. За постапките на уметникот кој имаше обичај да скршне од службено признаените јавни текови не “одговараше” никој, дури и неговите блиски пријатели. Сето тоа го сфаќаше како игра бидејќи беше убеден дека животот е, всушност, токму тоа. И не се возбудуваше многу поради нечии коментари за кои велеше: “Луѓето судат преку нивната несреќа”. Кога изјави дека може да наброи само три работи како најубави, старите удобни патики, спалната соба и американската граница кога се враќа дома, и оние што го сметаа како забеган сфатија дека не е баш така, и дека светот во кој живее е одраз на неговата фантазија. Впрочем, сите живееме во неа, одвреме-навреме. Некој повеќе, друг помалку. Беше “поврзан” со Америка, земјата што му даде прибежиште, дом, која му овозможи слободно да се изразува, уметнички, што го направи популарен и го “пушти” да ужива во славата. Кога почина, во 1987 година, по рутинската операција на жолчката, од него се збогуваа две илјади луѓе. На комеморацијата во црквата Свети Патрик, на гробиштата во Питсбург, сакаа да му оддадат последна почит на момчето од источна Европа кое не мислеше дека треба да порасне, но затоа, пак, знаеше, подобро од сите, да ги идентификува и репродуцира “примерите” на колективната американска свест. Бидејќи животот на Енди Ворхол се “сведувал” на уметноста (бил максимално посветен на создавањето), излезот од анонимноста и крајот на сиромаштијата како да ги очекувал. Интуитивно знаел дека му претстои успех. Веројатно затоа е интересна неговата приказна. Од болникаво дете што навреме сфтило дека ќе “преживее” само ако научи да го разбере светот во кој има се освен логика, и да се приспособи кон него. Се говори дека и во систематското проучување на животот “видел” уметност поради што и ден-денес го нарекуваат икона на американскиот сон.
Болеста, причина да ја засака уметноста, и да се занимава со неа
Енди Ворхол потекнува од сиромашно семејство. Татко му Андреј Ворхола и неговата мајка Јулија Завацки во Питсбург дошле од Чехословачка. Се родил на 6 август 1928 година. Го крстиле Ендру Ворхола. Имал два брата, Пол и Џон, чие детството не било ни малку безгрижно. Кога имал осум години се разболел. Пател од неконтролирано треперење на мускулите, а тоа, пак, довело до нарушување на кожната пигментација. Морал да лежи во кревет. Бидејќи не можел да игра со врсниците, многу се поврзал со мајка му. Станал хипохондрик, имал голем страв од лекари, но тогаш почнал да покажува интерес кон уметноста. Обожавал да слуша радио и да црта, собирал фотографии на познати артисти и ги лепел околу креветот. Кога починал татко му (во 1942 година), на четиринаестгодишниот Ендру не му дозволиле да оди на погребот плашејќи се пак да не се разболи. Три години потоа, 1945-тата, завршил средно и запишал студии по сликарство на универзитетот Карнеги Мелон. Откако дипломирал се преселил во Њујорк каде што на почетокот заработувал читајќи поезија во некои кафулиња, правејќи илустрации за честитки итн. Станот го “делел” со седумнаесет луѓе и милион лебарки, но се чувствувал осамен. Затоа максимално и се “предал” на креативноста. Набргу остварил соработка со магазините како што се, на пример, Glamour, Harper’s Bazaar, New Yorker, Vogue… Илустрациите биле негови. Го скратил името во Енди, ја избришал последната буква од презимето, за да звучи по њујоршки, и едноставно му “тргнало”. Неговите дела набрзо се нашле на излогот од дуќанот на познатата јувелирница Tiffany & Co., а потоа и на многу други, за кои правел и реклами. Во галеријата Хуго изложил петнаесетина цртежи инспирирани од зборовите на писателот Труман Капоти. Првата самостојна изложба ја имал во галеријата Лофт, 1958 година. Вниманието на јавноста го привлекол благодарение на техниката blotted line што ја применувал во портретирањето на пријателите во текот на “обоените” забави кои ги организирал во неговиот дом.
Студиото Factory, центар на поп-артот
Во почетокот на шеесеттите максимално им се посветил на цртежите. Со нив правел имагинарни реклами, а преку ликовите за анимираните филмови ја исмејувал стварноста којашто го окружувала. Од “интерпретацијата” на предметите и луѓето во секојдневниот живот настанал поп-артот. Почнал со конзервите Campbell супи кои ги јадел секојдневно, цели дваесет години, продолжил со шишињата кока-кола, со јунаците од стриповите како на пример, Дик Трејси, Попај, Супермен, и завршил со портретите на Мерилин Монро, Елизабет Тејлор, Елвис Присли… Или ги цртал или ги фотографирал, па ги печател во голем број примероци. Поп-артот станал тренд, а неговата изложба во галеријата Stable, 1962 година, ја чинеле диптихот Мерилин, сто конзерви Campbell супи, сто шишиња кока-кола и сто американски долари. Летото, 1963 година, купил шеснаесетмилиметарска камера со цел да сними филм за човекот кога спие. Бидејќи сите биле на спид-мет, Енди Ворхол помислил дека спиењето ќе излезе од мода. Филмот Sleep го снимал неколку денови и ноќи, траел пет часа и дваесет минути, на премиерата имало девет луѓе, а повеќето не го изгледале ни до половина. Следеле филмовите Kiss, Haircut, Blonj Job, Eat, Empire, сите црно-бели, статични, во кои до израз доаѓала мирнотијата на траењето, во реално време. Му помагал Џек Смит со кој го снимил и Нормал Лове, но филмот никогаш не бил најден откако полицијата го запленила веднаш по неговата премиера. Краток извадок може да се најде на DzouTube. Се говори дека снимил и осумдесетина порнографски филмови кои јавноста не ги видела имајќи предвид што ниедно кино не сакало да ги прикажува. Од 1963 до 1968 година го користел студиото Factory, а секој филм бил своевиден бунт против општествените норми, “предизвикувајќи” ја сексуалната револуција, иако Енди Ворхол бил конзервативец кој не пушел и не се дрогирал. Наскоро таму почнале да одат музичари, писатели, сликари, како и неговите музи, Бриџит Полк, Еди Седвик, Нико, Вива. Дел од студиото му служел за работа, а остатокот станал центар на поп-артот.

Обидот за убиство на Енди Ворхол од параноична Шизофреничарка
Кратко време се дружел со членовите на The Velvet Underground. Ги запознал со Нико, која набрзо станала дел од бендот, како вокал. Првиот заеднички албум им го продуцирал Енди Ворхол, вклучувајќи го и дизајнот на албумот. 1968 година била кобна, и за него и за Factordz. Врз Енди Ворхол пукала Валери Соланас. Едвај преживеал. Се запознале претходната година, кога му дала да прочита сценарио за филм. Сакала тој да и биде продуцент, но Енди Ворхол сметал дека е порнографско, и ја одбил. Следувала низа телефонски повици, без прекин, поради кои бил принуден да ја игнорира. Кога ја сретнал и рекол дека сценариото го изгубил и, како компензација, и понудил улога во филмот Im A Man, што ја прифатила. Навидум се чинело дека ги “испеглале” односите, но за жал, не било така. Го пресретнала на влезот, и испукала три куршуми. Самата и се предала на полицијата, а како причина навела дека Енди Ворхол премногу ја контролирал и дека сакал да и ја земе работата. Ја осудиле на три години затвор, и дијагностицирале параноична шизофренија и ја пратиле на лекување. Тој не сакал да сведочи против неа, но цел живот се плашел дека може пак да го стори тоа. Сепак, не престанал да работи. Една година по обидот за убиство “отворил” списание. Интерју постои и денес, и важи како едно од највлијателните во светот. Освен мода имало и интервјуа, а посебноста била во тоа што ѕвездите се интервјуирале меѓу себе. До 1982 година се дистанцирал од медиумите кога, всушност, почнал да ја уредува емисијата Andy Warhol’s ТV, а потоа (1986 година) и Andy Warhol’s Fifteen Minutes на MTV, чиј наслов произлегол од неговата изјава дека секој може да биде славен петнаесет минути. На кој било начин, макар и да е неговата сексуалност во прашање. А Енди Ворхол секогаш бил “цел” на озборувачите. Многумина мислеле дека е асексуален, дека воајеризмот е нешто што го “исполнува”. Дури и студентите на ликовните академии учат за влијанието на сексуалноста врз неговото творештво.

Со “Интервју” и шишенце Beautiful на “пат” кон вечноста

Во текот на кариерата Енди Ворхол продуцирал многу еротични фотографии, цртал машки актови. Веројатноста дека му се допаѓале мажи била стопроцентна, но никогаш не го “поврзувале” со никого. Во една пригода дури рекол дека сексот е едно големо ништо, и дека така и ќе остане. Тоа го напишал и во POPism: The Njarhol Sidzhties. Првите цртежи кои ги понудил во неколку галерии “зрачеле” хомоеротизам, поради што бил често одбиван. Во мемоарите има дел во кој пишува за разговорот што го водел со режисерот Емили де Антонио околу тешкотиите со кои се соочувал сакајќи да биде прифатен во друштвото на познатите уметници, инаку недекларирани хомосексуалци, Џаспер Џоунс и Роберт Рошенберг. Емили Де Антонио му рекол дека за нив бил впечатлив хомосексуалец, а тоа ги вознемирувало. Енди Ворхол знаел дека е така. “Воопшто не се грижев бидејќи тоа беше работа која ниту можам ниту, пак, сакам да ја сменам. Другите нека ги променат ставовите”. Како и да било, на неговата работа никој не останува рамнодушен, дури и оние што уметноста не ги интересира. Репортерот на лондонскиот The Times напиша: “Ако за еден уметник може да се суди преку влијанието врз колективната свест тогаш Енди Ворхол бил Микеланџело на своето време”. Ставот околу смртта го изнел во неговата Филозофија, издадена во 1975 година, каде што напишал: “Не верувам во смртта бидејќи не постоиме за да знаеме дека ќе дојде, кога-тогаш. Немам што да додадам околу тоа, едноставно не сум подготвен за неа”. Почина на педесет и осум години, на 22 февруари 1987 година. Беше погребан крај родителите, на гробиштата во Питсбург. Ковчегот беше покриен со бели рози и лисја од шпаргла. Во рацете го држеше Светото писмо и црвена роза, а неговата пријателка Пејџ Пауел, директорката на маркетингот во списанието, стави примерок Интервју и шишенце Beautiful, парфем од Estée Lauder. Иако животот не му бил лесен, поради што често изгледаше како да е несреќен, лабилен, оствари се што посака. И направи одлична работа, го “измисли” поп-артот.

Игор Ландсберг