Search for content, post, videos

Естетика низ диоптерски очила…

Очилата се помагала кои ги заштитуваат очите или овозможуваат подобар вид. Се споменуваат многу одамна, уште од времето на Нерон, римски цар што владеел во првиот век од новата ера, познат по суровоста, а особено по безмилосното прогонување на христијаните. Бидејќи бил кратковид, за поубаво да види како гори Рим побарал од дворскиот јувелир да му избруси рубин кој му послужил како диоптер. Така, всушност, настанале првите очила. Подоцна перманентно се надградувале, како функционално така и естетски.

Од моден детаљ до помагало, и обратно
Очилата со диоптер помагаат да се регулираат недостатоците како што се, на пример, кратковидоста, далекувидоста, астигматизмот и слично. Притоа се користи физичкиот закон за прекршување на светлината преку материјалите со различна густина, во случајов стакло, а во поново време и специјалната пластика. Оптичките леќи за оние со кратковидост се вдлабнати или конкавни, а оние за далекувидите се издадени напред или конвексни. Денес се произведуваат и очила со фотоефект, кои, при јака светлина, потемнуваат како очила за сонце. Надворешната обработка може да биде „антирефлексна” при што добиваат ефект на огледало. Некогаш се користеле и таканаречени лорњони, како и монокли. Сè уште ги употребуваат некои нумизматичари, часовничари и филателисти. Со развојот на стаклата, очилата добивале сè поголема улога и станувале моден детаљ. Пример за тоа се лорњоните кои немале речиси никаква примена, туку се користеле како моден детаљ, заедно со ладалата, и најчесто ги употребувале посетителите на театарски претстави.
По препорака на офталмолог
Очилата со диоптрија имаат двојна намена. Тие служат како помагало, но влијаат и врз изгледот, се разбира, заедно со останатите аксесоари. Имајќи ја предвид нивната функционалност, посебно внимание треба да се обрне на квалитетот. Затоа не се препорачува да се купуваат на улични тезги, туку во специјализирани продавници. Стаклата со диоптер се подготвуваат според препораката на офталмолог, лекар-специјалист за очни болести. Доколку тој препорачува стаклата да бидат дебели, потребно е да се изберат рамки од пластика. Притоа е важно, покрај намената, да не им пречат на оние што треба да ги носат, а тоа значи не треба да стегаат или да не се лабави. Нивната форма треба да соодветствува на обликот на лицето. На долгнавесто лице одговараат речиси сите рамки, најмногу правоаголна форма или мачкини. широчината на рамките не смее да ја надмине широчината на лицето. За тркалезно лице се најсоодветни рамките со правоаголна форма. Рамката не треба да ги допира образите, а рачките не смеат да оставаат „траги” на слепоочниците. На луѓето што имаат нагласена вилица или лице со четириаголна форма најмногу им прилегаат мачкини или рамки со истакнат горен раб, зашто ги ублажуваат цртите на лицето.
Бојата на рамките е, исто така, битна. Таа треба да одговара на тенот, имиџот или, на пример, шминката кај жените. Ако тенот, очите и косата се светли, не се препорачуваат безбојни или целосно црни рамки. Повеќе одговараат црвени, зелени, сини или виолетови. Жените што сакаат поистакнат мејкап треба да избегнуваат безбојни и светли рамки.
Марката, гаранција за квалитет
Понудата на очила со диоптер е голема. Марката е, сепак, гаранција за добар квалитет. Police, Rolling, Renegade, Marina Spadafora, Gucci, Oliver by Valentino, Pierre Cardin, Max Mara, Giotto, Sting, Menrad, Davidoff, Jaguar, JOOP!, Morgan, Zeiss се само некои од водечките брендови. Подеднакво мажите, жените и децата може да употребуваат рамки од пластика или од метал, најчесто од ултратенок челик што не ‘рѓосува или од титан. Стаклата ги поставуваат оптичарите, кои одвреме-навреме внесуваат некој новитет. Значајно е мајсторството при точењето и полирањето на оптичките леќи (стакло/пластика), како и нивната дигитална обработка. Рамките имаат пресудно значење при изборот на очила со стакла со диоптер. Во колекциите на познатите фирми има и класични, стилски и модерни рамки. Трендовите не се менуваат често. Дизајнот треба да ја истакнува елеганцијата и, секако, рафинираноста на лицето што ги носи. Инвенцијата се одразува и преку деталите (на пример, логото на фирмата) на рачките и слично. Многу дизајнери акцент им даваат на рачките. Често се употребуваат скапоцени камчиња со стаклест сјај, циркони и слично. Со нив се украсуваат рамките, најчесто рачките, а кристалите даваат дополнителен сјај. Класичните очила секогаш се тренд. Тие се омилени меѓу таканаречените јапи. Голем број фирми не отстапуваат од чистите линии на формата на диоптричките очила. Екстравагантните очила многу брзо влегуваат во мода, но со молскавична брзина и излегуваат од неа.