Search for content, post, videos

Грицкање меѓу оброците

Животот понекогаш изгледа како залудна битка со калориите: вие упорно, и честопати неуспешно, ги избегнувате, а тие самите се лепат за вас. Со тоа во пакет заедно стигнува и каењето по секој оброк и постојаното загледување во огледалото.
Секако, клучот е во правилната исхрана и здравиот живот, но – кој постојано ќе се грижи за тоа каква храна внесуваме во организмот кога од сите страни не привлекуваат разновидни слатки, сосови и пецива?
За многумина совладувањето на потребата нешто да се грицка меѓу оброците е еден од главните проблеми. Но дури и да не сте некој голем гурман, веројатно и вам ви се случува ненадејно да ви се појави желбата и нешто да ставите в уста и д апочнете д агрицкате. Таа појава, карактеристична за доцните ноќни часови или периодите меѓу оброците, најчесто не е предизвикана од глад. Дури, кај голем број луѓе ова посегнување по брзите залчиња е условено од нервоза, стрес или едноставно од здодевност.
За да го избегнете земањето непотребни калории меѓу оброците, најпрво обидете се да го лоцирате времето кога најчесто го правите тоа. Ако, на пример, посегнувате по грицките доцна попладне, обидете се во тоа време да излезете на прошетка или на некој друг начин да го свртите вниманието од храната. Ако пак причината што ја земате непотребната храна е стрес, постои низа мали активности со кои можете да го замените отворањето на вратата на фрижидерот. Направете нешто корисно дома, на пример средете ги цвеќињата, преместете го распоредот на мебелот во дневната соба, јавете се на пријателката да поразговарате, прошетајте го миленичето или направете му целосен треман на чистење… Тоа извесно време ќе ве оттргне од нервозата и воедно и ќе ја намали, па така зафатена нема да посегнувате по храната.
Следна ризична ситуација е гледањето телевизија и омилените ТВ серии. За жал, по углед на Американците, и нашата нација се повеќе станува зависна од грицкањето пред ТВ. Чипс, смоки, кикиритки и друга брза и мрсна храна залеана со газиран сок или пиво…. Иако предизвикот на вкусно мезенце пред ТВ со фино друштво е навистина примамлив, сепак и тој може да се избегне. Најпрво размислете и станете свесна дека вие воопшто не уживате во таа храна, туку механички ја внесувате. А за почеток додека се одвикнувате од таа навика, грицките заменете ги со стапчиња моркови и зелена салата.

За вкусовите (на храната) не се дискутира
Во упатствата за диетална исхрана се сретнуваат разни комбинации на храна, од кои некои се здрави, а други се едноставно нелогични, едни се исклучително вкусни додека од други “ви се качува желудникот во грлото” (како Што е познатата диетална супа од зелка). Вистинските нутриционисти точно знаат кои количини на калории, хранливи материи, витамини и минерали одговараат на одреден организам, и врз база на таа специфична состојба на организмот (старост, пол, потецијални заболувања) креираат соодветна диета.
Секако, диетата треба да биде прилагодена и на метаболичкиот механизам на организмот кој е, меѓу другото, условен од храната на самото поднебје како и од окружувањето. Сепак, некогаш држењето диета станува и малку здодевно бидејќи секогаш се нудат класичните комбинации карактеристични за нашето поднебје. Но секако постојат и поинакви, малку егзотични.
Еве неколку сосема специфични специјалитети кои се вистински деликатес во одредени земји. Ако сте алку похрабра можеби некогаш и ќе пробате….
* Морско коњче, пржено или варено, со лук. Овој морски, пикантен специјалитет доаЃа од островот Бали.
* Игуана, пржена и сервирана со домати, лук и многу чили. Иако до ова животно тешко се доаѓа, тоа е вистински специјалитет во Мексико. Сервирано на ваков начин, ова јадење обезбедува прекрасна комбинација од месо и зеленчук.
* Змија, претходно исчистена и пржена, потоа сервирана во вкусни парчиња – храна која е исклучително популарна во Тексас.
* Супа од говедски копита – ова е многу популарен специјалитет во кујните на локалните жители на Карибите.
Верувале или не, сите овие несекојдневни и веројатно за многумина невозможни јадења, според експертите се многу здрави. Е сега ако сте од оние посмелите, и ако патувањето некогаш ве однесе во некој од овие краишта, слободно заменете ја плескавицата со помфрит со еден ваков специјалитет.

Силвана