Search for content, post, videos

Хобитон – на границата меѓу сонот и јавето

 

 

Иако се наоѓа во централниот дел на новозеландскиот северен остров, поточно во Матамата, каде што се собираат љубителите на филмската уметност, но и на природата, без да се оскверни тукутака, заради нечија финансиска корист, егоистички, Хобитон важи за место на кое јавето е, всушност, реализираниот сон да се живее како во приказните на Џ.Р.Р. Толкин, филмувани од “господарот на фантастиката” – П. Џексон, макар и неколку деноноќија. А, зошто да не.

Покрај неколкучасовните тури, што се организираат со цел да се разгледа филмското „село“ каде што режисерот П. Џексон ја оствари уметничката замисла, т.е. планот за делата на писателот Џ.Р.Р. Толкин, воодушевен од нивната содржина, која е фиктивна, совршена и за децата и за возрасните, да ги филмува, во Хобитон може да се остане и подолго време. Причината не мора да биде само љубопитноста поврзана со снимањето на „Хобит“ и неговото продолжение – трилогијата „Господар на прстените“, туку и желбата за бегство од реалноста, од секојдневните обврски, работата, да се почувствува една сосем друга, поинаква енергија од вообичаената, што обединува наместо да разедини, да покаже дека сонот може истовремено да биде и јаве, како што фикцијата е и реалност (практично), да се изоди патот од лагата до вистината, за неколку дена. Некој ќе помисли дека во прашање се филозофски размислувања или драма, но неоспорен, совршен факт е дека Хобитон веќе седумнаесет и пол години не се тргнува од жижата на вниманието, откако П. Џексон, летајќи со авион, ги забележи неговите убавини на кои не можеше да им одолее и, во март 1999 година, се реши на лудо храбар чекор, да им се посвети на Толкиновите приказни чиешто филмување започна во декември, по неполни девет месеци од наоѓањето на теренот. Без оглед на местоположбата, во централниот дел на новозеландскиот северен остров, поточно во Матамата, одат луѓе од сите страни на светот, претежно авантуристи. Сеедно е што мнозински посетители се Новозеланѓани (близината го прави своето) бидејќи расте бројот и на другите, кои не се островјани. Маркетиншките потези не ги изневерија очекувањата на децата, возрасните што се поистоветуваат со ликовите од „Хобит“ и трилогијата „Господар на прстените“. Напротив, придонесоа да ги остварат целите, а склоноста кон фантазирање и натаму е дел од нивната карактерна особеност. Оттаму и начинот на кој функционира „Хобитон муви сет“, што се темели врз целокупната фантазија, желбата за нешто ново, несекојдневно, поинакво. Во тоа е и суштината на работата. Успесите го потврдуваат нејзиниот квалитет во смисла на понуда, услуга итн., за соништата на гостите да се остварат. Иако на почетокот (дури и сега, како резултат од недоволната информираност) меѓу филмофилите доминираше мислењето дека изборот на локацијата е направен за комплетно да се видоизмени, вистината е друга. Постоечката фарма беше само приспособена за снимање, а натаму…
Од фарма, преку филмско „село“, до туристичка атракција
Сплетот на околностите ја менуваа првичната, главната замисла, многу фактори се покажаа влијателни кога е новата концепција во прашање, нејзиниот почеток, реализацијата, бидејќи постојат безброј места каде што се снимале филмови, кои паднаа во заборав. Продуцентите имаа смела идеја – Хобитон да продолжи да функционира, но како атракција што ќе привлече многу посетители, голем број туристи. Желбата за остварување на планот се интензивира кога публиката со нетрпение го очекуваше продолжението на „Хобит“ – трилогијата „Господар на прстените“ и, набргу, работите почнаа да се шират во смисла на бизнис, економија. А, сé тргна од фармата (сопственост на семејството Александар) во Матамата, која, со убавината, го воодушеви режисерот, а се наоѓа во подножјето на Кајмај. Најблиската урбана средина е оддалечена 45 минути возење, како и повеќето населби, додека за Окленд се патува цели 2 часа. Семејството го купило ранчот во 1978 година, со површина од 1.250 ари, каде што се одгледувале новозеландски овци и шкотски говеда без рогови – ангуси. По склучувањето на договорот за рента и друг вид соработка, продукциската куќа се зафатила со измените, па така, на почетокот ја асфалтирала улицата долга 1,5 км, засадиле берберис (жива ограда), направиле триесет и седум куќарки од дрво и полистирен, обраснати со трева, што личат на дупки во ридестиот предел, мелница на селскиот поток и две камени мовчиња, крчма („Зелениот змеј“) што има покрив од трски, стебло и дабови гранки, набавени во околината на Матамата, и вештачки листови од Тајван, и го монтирале дрвото чија тежина изнесува 26 тона. Освен вода (сосе канализација), спровеле и електрична енергија, почвата ја обработиле, создале услови за развој на земјоделството, облагородувајќи ги овошките и зеленчуковите култури, но и на угостителството (може да угости четиристотини гости). Денес бројот на куќарките е четириесет и четири, а се доградија за потребите на трилогијата „Господар на прстените“. Две години откако се сними последниот филм од серијалот има зголемување на интересот за негова посета, и организирана и индивидуална, без оглед на сезоната. Во есен е преубаво, навистина. Боите придонесуваат за исклучителна визуелност, амбиентален колорит и атмосфера што предизвикува чувство на пријатност.
За поинакви чувства, за поинаква реалност, далеку од вистинитоста

Интересен е фактот дека членовите на семејството Александар и натаму се занимаваат со фармерски работи. Моментално имаат 13.500 овци, 400 говеда, но бројната состојба е различна од година до година. Стрижењето не им е проблем, ни на Расел, што важи за спиритус агенс во семејството, ни на неговите браќа, децата. И татко му се ангажира околу тоа, независно од возраста. Овците ги стрижат на секои осум месеци. Од друга страна, го води и пабот каде што се служат говедски деликатеси, со јаболков „сајдер“ на пример. Кога има организирана посета на „Хобитон“ (цел пансион чини 245 долари), трпезата е преполна. Домашните производи можат и да се купат во дуќанот, кој е исто така во рамките на комплексот. Таму живеат и неколку луѓе што работат за семејството Александар, од градинари до готвачи. Другите патуваат. А, посетителите што сакаат да се вклучат во секојдневните обврски, за да го почувствуваат животот на ранчот или, пак, во филмуваната приказна, можат да го сторат и тоа. Сé е дозволено, без ограничување. Впрочем, помошта секогаш е добредојдена. Хобит-куќарките, со тркалезни врати, прозорци, каде што и креветите, и масите, и столовите, и фенерите се рачна изработка, од дрво и железо, некои дури и на две нивоа, ги нудат сите удобности. Мир и тишина. Спокој. За поинаков стил, начин на живеење, што нема ниедна допирна точка со мегаломанијата, за поинакви чувства, за поинакви фантазии, соништа, мечти, желби, волја…, за поинаква реалност, далеку од вистинитоста.

 

Игор Ландсберг