Search for content, post, videos

Иднината на Планетата е во рацете на младите

Модата отсекогаш била важен дел од тоа како луѓето се дефинираат себеси и луѓето околу, и може да биде моќно средство за влијание. Но, текстилната индустрија е една од најголемите емитувачи на емисии на стаклени гасови. Ако ништо не се промени во однос на ова прашање до 2050 година, модната индустрија ќе потроши четвртина од буџетот за јаглерод во светот. Оваа индустрија е одговорна за 20% од целото загадување на водата ширум светот, преку боите што ги загадуваат реките, како и синтетичките ткаенини кои се исфрлаат и ги загадуваат морските води со микро пластика. Илјадници тони облека која што може да се рециклира, се фрла секоја година во депониите.

Оваа тема беше повод за интервју со Рејчел Галовеј – Амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Скопје.

Одржливата мода е многу важна за иднината на планетата земја и животната средина. Дали мислите дека преку модата можеме да се справиме со загадувањето и климатските промени?

“Од високата мода до црвениот тепих, иновативните решенија, како што се употреба на материјали што можат да се рециклираат, битно ќе влијаат и на планетата и на нашата гардероба. Не станува збор само за употреба на еколошки материјали, туку станува збор за преиспитување на тоа како работи целата индустрија, предвидувајќи ги социјалните последици и влијанијата врз животната средина на подолг рок.

Со оглед на тоа што Обединетото Кралство ќе биде домаќин на Конференцијата за климатски промени Cop26 во Глазгов оваа година, треба сите заедно да работиме  во создавањето на промени за почиста планета. Мојот одговор е дека можеме поефикасно да се справиме со загадувањето и климатските промени преку одржлива мода,” вели амбасадорката Галовеј.

Зошто е важно бизнисите да се прилагодат на одржливата мода? Која е придобивката од сето ова?

“Бизнисите мора да се прилагодат на одржливата мода не само за еколошките придобивки, туку и за пошироки општествени и економски причини. Одржливата мода го намалува загадувањето на водата, емисиите на јаглерод и отпадот. Тоа доведува до производство на облека со повисок квалитет. Успешно ги поддржува практиките на трудот. Новата генерација потрошувачи ја бараат оваа одговорност за животната средина. Според неодамнешните истражувања, одржливите производи во просек учествуваат со 23% во набавките на производите (26% во Европа, 24% во САД, 22% во Јапонија и Јужна Кореја, 19% во Кина). Уделот се очекува да се искачи на 40% во следните пет години. Во интерес на бизнисот е тие сега да се прилагодат и  инвестираат. Исто така, тоа е можност за помалите и независни бизниси да го трасираат патот, без разлика дали станува збор за мода од мали размери, создадена од занаетчии, жени и лица со попреченост  или деловни активности кои нудат нови етички модели. Поголемите и поразвиени бизниси треба да учат од нив и да работат кон еколошка и одржлива модна индустрија.”

Може ли да ни кажете повеќе за модната индустрија во Обединетото Кралство и одржливата модна иднина?

“Модната индустрија во Обединетото Кралство вреди 35 милијарди фунти годишно со 900.000 работни места што ја прави најголема креативна индустрија во Обединетото Кралство. Неодамнешните истражувања проценуваат дека новата облека купена во Обединетото Кралство произведува повеќе емисии на јаглерод во минута, отколку шест пати возење автомобил околу целиот свет. Исто така зачудувачки е и фактот што секоја недела 11 милиони парчиња облека завршуваат на депонии. Брендовите и потрошувачите во Обединетото Кралство се соочуваат со овој предизвик. Разновидни брендови  веќе се прилагодија на одржливата  мода, работејќи со мали производители, материјали за рециклирање и асортиман,  во соработка  со текстилната индустрија за да користат материјали од веќе искористени производи,  употребувајќи  органски и одржливи материјали. Технологијата нуди и нови опции. Постојат апликации кои им помагаат на луѓето да ја пронајдат посакуваната облека од дизајнери, апликации да помогнат полесно да најдете луѓе кои можат да ја поправаат и менуваат облеката. Дури може да се помогне и преку услуги за испорака, апликации за промена на облека, апликации за изнајмување облека и многу повеќе опции. Одржливата мода може да создаде повеќе опции, НЕ помалку.”

Моден натпревар

Во борбата против климатските промени и влијанието на модната индустрија врз животната средина, Британската амбасада во Скопје неодамна започна моден натпревар за дизајнирање и производство на одржлива и еколошка облека за амбасадорката Рејчел Галовеј и заменик амбасадорот Доминик Отвеј, која треба да ја носат оваа година на прославата на роденденот на Кралицата.

Конкурсот е отворен до 19-ти март за додипломски и постдипломски студенти на моден дизајн кои студираат на универзитети во Северна Македонија. Сите дизајни мора да бидат произведени од природни материјали, веќе користена или рециклирана облека и материјали. Облеката на амбасадорката мора да биде вечерен фустан, а облеката на заменик-амбасадорот мора да биде костум.

Комисијата ќе избере еден победнички дизајн што ќе го носи амбасадорката и еден победнички дизајн кој ќе го носи заменик амбасадорот. Други шест дизајни ќе бидат избрани како 2-ри награди и второпласирани. Овие дизајни ќе ги прикажат своите дизајни на модната ревија што ќе биде организирана од Британската амбасада Скопје во 2021 година.

Победниците на натпреварот ќе добијат и средства за производство на облеката, машина за шиење и комплети за шиење.

Дизајните треба да бидат доставени најдоцна до полноќ на 19-ти март 2021 година.

Сите прилози мора да се достават на електронската адреса: britishembassyskopje@fcdo.gov.uk

Повеќе информации за натпреварот може да најдете на нашата Фејсбук страница – BE Skopje Facebook.

 

Дали Британската Амбасада има и други активности со младите за подигнување на свеста за важноста на одржливата мода, справување со климатските промени и заштита на животната средина?

“Ние како амбасада се обидуваме да работиме со млади луѓе и сакаме да ги охрабриме и информираме. Ја поддржуваме МЕТА, добиваме информации за тоа што се случува во однос на климата и животната средина и прашањата што ги засегаат младите. Имаме проект со Млади Хаб, каде се обучуваат младите со потребни вештини. Имаме проект со Британскиот совет насловен како “Училишта во 21-ви век“,  кој се одвива во секое училиште, обучувајќи ги наставниците да користат Микробит за учење, кодирање и креативно размислување. Видовме дека децата смислуваат фантастични идеи за животната средина.

Уште еден добар проект реализираме со организациите Гоу Грин (Go Green) и  Младите амбасадори за климатските промени. Ова беше одлична можност да ги натераме луѓето да дознаат што всушност се случува со климата, не само во нивната земја, туку и низ целиот свет. Ние ја поддржавме и организацијата Новинари за човекови права со проект за климатски промени и неодамна поставивме билборд со слика насликана од 15 годишна ученичка која преку цртежот кажува што значат климатските промени и дека треба да се слушаат младите луѓе во земјата, кои упорно укажуваат на негативностите од климатските промени. Тоа е силна и моќна порака што ја испраќаат младите. Иднината на планетата е во нивни раце.”