Search for content, post, videos

Интервју со Васко Вељановски, основач на хиподромот “Хрибо”

 

Коњите бараат 24часовна посветност и многу, многу љубов

Австралиската поетеса Пем Браун, на прашањето зошто луѓето со посебно внимание и љубов се однесуваат кон коњите, одговорила: “Затоа што коњот е проекција на нашите соништа за нас самите – силни, моќни, убави, грациозни… А покрај тоа, тој ја има способноста да ни овозможи бегство од здодевното и стресното постоење”. Токму такво бегство и дружење со палавиот Алфред, трпеливата Милена и нивните пријатели овозможува селото Крклино, на четири километри од Битола, каде што изникна единствениот хиподром во југозападниот регион на државата, “Хрибо”. На површина од 20 илјади метри квадратни, на понито Алфред и холштајнерот Милена, друштво им прават уште два липицанера, еден хановерец и еден полукрвен англиски коњ.
Да не е планинскиот масив, кој се протега над селото, претставувајќи го подножјето на Пелистер, погледот на мањажот ви дава чувство дека сте на некое друго место, на пример, во војводинските салаши чија карактеристика се бројните ергели или во предградијата на англискте градови, каде коњичките спортови се магнет за славните личности. Во суштина, “Хрибо” е остварување на сонот од најраното детство на Васко Вељановски. Продолжување на приказната започната со палавото коњче Ѕвездан.
“Ги сакам животните, особено коњите, така што со текот на годините се создадоа соодветни услови за реализација на идејата. Имено, како и сите жители на селските општини, така и нашето семејство отсекогаш чувало и одгледувало разни видови животни. Во нашиот двор се врткале кучиња, мачиња, крави, коњи и сл. А мојата љубов кон коњите ја обележи едно убаво селско коњче кое се викаше Ѕвездан. Јас и целото мое семејство длабоко се поврзавме со овој благороден претставник на најграциозните суштества на земјата”, се присеќава Васко, а спомените од детството му измамуваат насмевка.

Најголема атракција на хиподромот претставува малиот Алфред, пони кое, небаре детенце секогаш желно за внимание, ужива да ги задева поголемите “пријатели од веселата растрчана дружина”. Васко објаснува:
“Алфред е еден вид маскота на хиподромот и особено е интересен за децата. А сите останати коњи се школски и спортски и се користат исклучиво за рекреативно или школско јавање. Најпогодни за почетници се холштајнерите, додека за понапредно спортско јавање, односно скокање пречки, подобри се коњите од англиската раса и липицанерите”.

За време на посетата имавме несекојдневна можност да видиме што значи школски коњ и како изгледа прва средба со потенцијалниот “ученик”. Веќе споменатиот холштајнер Милена е секогаш полна со разбирање за почетниците. Таа е кротка, внимателна, нежна и трпелива, што е посебно важно ако се земе предвид дека почетниците не ги знаат ни техниките за качување на седлото, ни став при седењето, ни познавања на триковите коишто обезбедуваат контрола на јавачот врз коњот, формулата за успешна релација на взаемно почитување коњаник-коњ.
Како што дознавме од Вељановски, интерес за учење на овој елитен спорт има и кај битолчани, но и од останатите жители од регионот.
“Имаме повеќе членови од сите возрасти од кои дел доаѓаат да научат, а дел да се рекреираат, да уживаат во чистиот воздух, убавата атмосфера или, едноставно, во друштвото на овие благородни суштества – коњите”.

Живописната околина преполна со шумски патеки над Крклино, на оние поискусните им овозможува вистинско полнење на батериите преку рекреативното и теренско јавање. Токму на планинските падини, покриени со борова и дабова шума се наоѓа и манастирот Свети Илија, а доколку се стигне до врвот, на повидок од едната страна е границата со нашиот јужен сосед, а од другата се простира Пелагониската котлина.
Но, колку време е навистина потребно за да се почувствува некој подготвен за една ваква екскурзија низ околината, која трае околу три часа?

Васко на тоа одговара: “Тешко е да се каже… За да се совлада вештината на јавање потребни се од неколку часови до многу години, во зависност од желбата за напредување во овој прекрасен спорт, а секако зависи и од физичката подготвеност на заинтересираниот. За еден почетник најбитно е да се воспостави добра комуникација помеѓу тренерот, јавачот и коњот. Коњаникот е тој што треба да научи да го води коњот, што всушност претставува и основното правило при врската со коњот. Најбитно е да не постои страв, а коњот да стекне доверба во јавачот”.

Семејната традиција со желба, страст и многу труд ја продолжува и помалиот син на Васко, Боге, кој во суштина го води клубот, воедно тренирајќи ги како почетниците, така и понапредните јавачи. Боге своите вештини ги учеше во коњичкиот клуб “Елкабон” во Волково, Скопје, имајќи го задоволството да се здобие со знаење и искуство од неколку познати интернационални тренери, прераснувајќи во искусен јавач и квалитетен тренер.
Притоа, како што открива Васко, мора да се напомене дека коњите бараат најголема нега, грижа и 24часовна посветеност:
“И секако многу љубов, која кај нас ја добиваат како од наша страна, така и од страна на јавачите. Значи, мојот помал син е директно задолжен за речиси сите обврски околу коњите и јавачите, а целото семејство е посветено на грижата за здравјето и хигиената на коњите и нивните живеалишта.”

Познато е дека јавањето не спаѓа во евтините спортови, затоа што пред се одржувањето на еден коњ бара многу финансии. Сепак, Вељановски открива дека поводот за влегување во ваква инвестиција бил хуман, да им овозможи на младите луѓе да изменат некои навики од современото живеење, а бучните, зачадени простории да ги заменат со забавна рекреација и престој во природа. “Цената на коњот не зависи комплетно од расата туку од неговата градба, физичката подготвеност, староста, дресурата итн. Најбарани и најпознати се арапските коњи, поради нивната издржливост. За разлика од нив, липицанерите и ретките андалузиски коњи се особено погодни за дресура.”

Овој хиподром веќе се наоѓа на туристичката мапа на регионов, а тоа подразбира и голема заинтересираност и посетеност како од домашни така и од странски туристи. Причина повеќе за тоа е што хиподромот е направен и изграден по европски стандарди, со соодветни димензии на мањажот (место за тренинг), делот кој е наменет за одржување натпревари, штали како и големи тревни површини за испуст на коњите. Секако, Вељановски веќе има визија како би сакал хиподромот да се развива во перспектива:
“Наша желба и цел е во најскоро време да се организира еден коњички натпревар по примерот на елитните европски, па и светски натпревари од овој вид, а меѓу идните планови се вбројуваат и изградба на винарска визба, работа на ресторанот “Потковица” во склоп на хиподромот, а секако и зголемување на бројот на расни грла коњи.”

Една од поодамнешните желби на Вељановски е местото да прерасне во центар за репродукција на коњи, особено поради фактот што во југозападниот дел на државата, расниот состав на коњите е во катастрофална состојба, со само педесетина чистокрвни грла со педигре во цела Македонија.
А дотогаш, нека се нижат веселите доживувања со јавачите и коњите, приказните за нивната комуникација и меѓусебна поврзаност.
“Тие, секако, не можат да се прераскажат. Најдобро е секој да дојде и да ја почувствува убавината, спокојот и радоста која владее на хиподромот. А од тоа ќе произлезат бројни настани за паметење”, порачува Васко.

С.Прањиќ