Search for content, post, videos

Изберете костим за капење според конституцијата

Трендовите никогаш не ги заобиколуваат костимите за капење. Има модели кои се „вечни”, но и такви што бргу излегуваат од мода. Летово ќе се носи се, и бикини и монокини и танга, а костимите за капење без перамки, или со една прерамка, со карнери, класичните и костимите за капење во нежни бои ќе бидат хит. Сепак, истакнуваат дизајнерите, акцентот ќе биде на телото. Затоа избирајте според конституцијата.

Како наближува летото така зачестуваат погледите на излозите од бутиците во кои се продаваат костими за капење. Некои веќе купија, а некои, пак, сè уште се трудат да го доведат телото во идеална форма за да купат костим за капење. Многумина го прават тоа ден-два пред тргнување на одмор, набрзина. И прават грешка. Во изборот, секако. Не ги почитуваат „правилата” за недостатоците да се прикријат и да се истакнат „атрибутите”. Постојат модели кои секоја година им пркосат на трендовите, но и такви што ја одбележуваат сезоната.  Дизајнерите препорачуваат да се носат костими за капење без прерамки како алтернативни триаголни бикини со „возбудливи” бои и графики. Немојте да купувате доколку имате бујни гради. Во мода ќе бидат и костими за капење со една прерамка, инспирирани од таквите фустани, во кои сигурно ќе се чувствувате сексапилно, како заводничка. Можеби не се удобни за во вода, но затоа, пак, совршено ќе се вклопат во амбиентот додека уживате покрај базенот или на плажа. И карнерите се „ин” оваа сезона. Големи или мали, сеедно, тие можат да ги украсуваат деколтеата, бикините, и тоа еднобојните, или горните рабови на тангата. Нема да згрешите и ако изберете класични модели. Нивната популарност не спласнува нималку бидејќи „заведуваат” без многу откривање. Тие се идеални за секоја девојка, жена што е по малку срамежлива, а, сепак, сака да изгледа привлечно. Придушените нијанси, „слатките” графики и ниските резови ќе направат да изгледате „жешко”. Нема ограниченост ни кога се во прашање боите, но, сепак, нежните тонови ќе доминираат. Светлозелени и сини, розови и виолетови, бели и бежови се само дел од комбинациите кои ги препорачуваат дизајнерите, како и нивната предност. Визуелно ја истакнуваат градбата на телото. Од тоа, всушност, зависи каков костим за капење ќе изберете. Немојте да ги игнорирате „правилата”.
Доколку имате широки раменици, големи гради и тесни колкови, но не и мал задник, можете да носите и бикини, оние што се во тренд, и монокини. Горниот дел нека биде еднобоен (оптички ќе ги стесни рамениците и ќе ги намали градите), а долниот дел со шари. Така линијата ќе ви изгледа урамнотежено. Ако се одлучите за едноделен костим за капење внимавајте, нека се врзува околу вратот. Избегнувајте В изрез. Малите гради оптички ќе ги зголемите со „топ” што се врзува околу вратот и се спојува веднаш под нив, украсен со монистри, перли или со лентички, а можете да го „пополните” и со разни додатоци како, на пример, силиконски. Внимавајте градникот да не ви е поголем и да стрчи од страните затоа што делува многу невкусно. Монокините се совршен избор за оние со крушовидна градба на телото, широки колкови и тесни раменици. Кај стомакот може да имаат шара која „служи” за да се нагласи струкот. Доколку сакате да носите дводелен костим за капење, долниот дел треба да биде темен, а горниот дел разигран. Избегнувајте спуштен долен дел во вид на куси панталончиња и триаголен горен дел. Крупната конституција може да се „корегира” со костим за капење што има длабок В изрез, во темна и студена боја. Избегнувајте многу ткаенини. Нема потреба целосно да се покривате. Ако имате колкови и половина со иста ширина, „силни” раменици (атлетска конституција), изберете костим за капење со детали на средината. Горниот дел нека се врзува, а долниот дел со ремен. Заборавете еднобоен и костим за капење во линии. Кусите нозе, односно трупот ќе го издолжите визуелно со костим за капење што има висок изрез на колковите, т.е. со длабок изрез на деколтето. Избегнувајте боксерски и „ламбада” гаќички. Доколку градбата на вашето тело личи на песочен часовник бидете сигурна, ви прилегаат сите модели, од класични до костими за капење кои се тренд. што и да изберете, сеедно, летото е време кога барем на одмор можете да заборавите на грижите. Опуштете се, и уживајте во него. Направете сè да ве „држи” неколку месеци. Во добро расположение, секако.

Силвана Јованчева