Search for content, post, videos

Изложба на слики и инсталација

Изложба на слики и инсталација РЕ-ИЗГРАДЕНИ СЕЌАВАЊА на Визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска и на скулптури МИНИМАЛНИ КОНТРАСТИ на Академскиот скулптор Сашо Саздовски во Музеј на Град Скопје. Отворањето е на 18 август во 20h, а ќе трае се до 15 септември 2021. Куратор на изложбата е Златко Теодосиевски.

“РЕ – ИЗГРАДЕНИ СЕЌАВАЊА” – ПАНДОРА АПОСТОЛОСКА САЗДОВСКА

Проектот “РЕ – ИЗГРАДЕНИ СЕЌАВАЊА”  на визуелниот уметник Пандора Апостолоска Саздовска е мултидисциплинарен и претставува комбинација на слики, цртежи и објекти. Монументалните инсталации имаат за цел да ги презентираат актуелните и ангажирани визуелни истражувања на уметницата. Проектот ги истражува историските случувања и дефинира вид уметност која е создадена да постои во одреден политички момент со што на уметничкото дело му дава потенцијално политичко и општествено влијание. Целиот проект содржи длабок пост-концептуалистички пристап, со цел “да се разјасни” дека уметноста понекогаш не мора да носи својствено значење само по себе, туку да дејствува како носител на тековното експериментирање и дијалог во поголема уметничка парадигма. Како концептуален уметник Пандора Апостолоска Саздовска го намалува материјалното присуство на делото до апсолутен минимум создавајќи еден вид “дематеријализација” на уметноста. Историјата, спомените и личните приказни стануваат значаен сегмент во нејзината работа. Инспирирана од секојдневниот живот таа го користаи текстот изразувајќи еден вид фрагментација на реалното како критика кон општеството во кое живееме.

“МИНИМАЛНИ КОНТРАСТИ “ – САШО САЗДОВСКИ

Проектот “МИНИМАЛНИ КОНТРАСТИ “ на академскиот скулптор Сашо Саздовски има за цел да ги презентира актуелните визуелни истражувања на авторот во скулптурата, паралелно со цртежот. Тој е дел од истражувачката серија на скулптри во кои авторот се обидува да ги спои природните материјали како мермерот и гранитот со вештачки добиените материјали создадени од човекот. Во овој проект авторот инсистира на минималистичка, а сепак монументално конципирана форма и истражувањето на соодносите светло – темно, природно – вештачко, движење – спокојство. Неговите експерименти со различни медиуми се видливи и без оглед на нивната димензија тие имаат монументалност. Делата на скулпторот Сашо Саздовски имаат за цел да го презентираат научно-истражувачкиот процес во кој авторот спојувајќи ги различните материјали се обидува да ја открие суштината на единство на спротивностите. Огромните, апстрактни димензии надвор од нашето разбирање секогаш ги поттикнуваа експериментите на уметникот во потрагата по сопствени, уникатни одговори. Постојаниот проток на енергија е доста провокативен во неговото континуирано патување низ скулптурата.

Силвана