Search for content, post, videos

Како да зборувате валкано?

За намалувањето на интимата во врската … за недостатокот на комуникацијата … за исчезнувањето на страста помеѓу чаршафите!!!
КАКО ДА ГО ПОДОБРИМЕ СЕКСОТ ВО ВРСКАТА?

Ма добро, сите ние знаеме дека не е се во сексот, и дека сексот не е најважен во животот. Доволно долго го слушавме тоа за да сфатиме дека можеби е правилно да размислуваме така. Но, исто така знаеме, иако ова во друштво не го ни споменуваме, дека сексот е секако клучен сегмент од животот и дека компатибилноста под чаршафите е важна компонента од секоја добра врска и
дека задоволството кое го достигнуваме во спалната соба е можеби токму оној момент кој одлучува каква врска ќе имаме и дали воопшто ќе бидеме со некого во врска. Можеби на оваа тема не се разговарало пред педесет години, но денес, нема доволно силна причина да се молчи и да се глуми дека сексот и не е толку важен.

 

 

ЗДОДЕВНОСТА КАКО НАЈГОЛЕМ НЕПРИЈАТЕЛ НА СЕКСОТ
Сексот е во главно добар на почетокот на врската, потоа обично станува уште подобар како што се запознаваме… го запознаваме телото на партнерот, неговите слабости, неговите ерогени зони. И тоа оди по некоја нагорна линија извесен временски интервал. Но, по неколку години (во најлоша ситуација и месеци) полека исчезнува почетниот ентузијазам, она што некогаш било ново, сега е старо, она што претходно ни било симпатично, сега не иритира, она што на почетокот било возбудливо, сега е едноставно и здодевно….
Сигурно се прашувате: А што ако сексот е лош уште на почетокот на врската? Е тоа е веќе проблем, но за тоа во некоја друга прилика. Ако спаѓате во онаа група на жени кои ги мачи овој проблем имајте трпение, но сепак можете да го дочитате текстот, кој знае, можеби сепак ќе извлечете некоја поука?!
Значи сексот едноставно може да стане здодевен, т.е. по малку забавен. Нема простор за очајување! Добра вест е дека решение сепак постои. Голема лага е дека сексот мора да биде напорна обврска во бракот или интимната врска. Сексот не е должност. И дефинитивно не е активност која мора “да се одработи” според однапред утврдениот дневен распоред, да речеме секоја среда по спортскиот преглед или секоја сабота по омилената серија…
КАКО ДО ПОДОБАР СЕКС?  ЗА ПОЧЕТОК – СО РАЗГОВОР!

Во многу мои текстови настојувам на тоа дека партнерите во врска мора да развиваат помеѓу себе беспрекорна комуникација за да го подобрат квалитетот на врската и за да го продлабочат чувството на интима. Добропознато е старото правило дека без дијалог нема решавање на проблемот. И сега дојдовме до сексот… погодувате сами… за добар секс клучна е комуникацијата.
Каква комуникација? Искрена! Искрениот и отворен разговор, без табу теми и пантонима е единствениот начин да сфатите што всушност партнерот сака и секако дека тоа е единствениот начин партнерот да одгатне на што алудирате вие.
Можеби ова ви звучи како нешто што е самото по себе разбирливо. Но, очигледно е дека голем е процентот на врски во кои партнерите се срамат да разговараат. Кој знае, можеби не разговараат на оваа тема бидејќи мислат дека нивните партнери и онака се знаат за нив?!
Ова е сосема погрешен пристап. Да бидеме реални, во главно не станува збор за тоа дека нашиот партнер не сака да не задоволи бидејќи е мрзелив или себичен, туку затоа што не знае што е она во што навистина уживаме.
Било што било, мислам дека е најдобро едноставно да претпоставите дека тој навистина не знае што е она што вие го очекувате од него во кревет. Помогнете му. Кажете му отворено што посакувате и верувајте дека ќе профитирате двојно. Мажите едноставно сакаат кога нештата се поставени јасно и кога не ги манипулираме со некои задкулисни игри очекувајќи дека нему сепак ќе му се запали сијаличката. Далеку од тоа дека мажите се глупави, напротив тие се премногу паметни за да го трошат скапоценото време и енергијата на бесполезни нешта.
СЕ МЕНУВАМЕ И НИЕ И НАШЕТО ТЕЛО

Со годините кај нас се менуваат желбите, потребите, очекувањата. Ако последен пат зборувавате за “оние нешта” пред неколку години, како тогаш може да очекувате дека вашиот сакан партнер ќе умее да ја следи промената во вашето размислување? Тој го памети само она што ви се допаѓало некогаш – односно го памети она што последно сте му го сугерирале како возбудливо. Ако во меѓувреме го променивте размислувањето, или ако тогаш ненамерно сте го излажале, или пак сте премолчиле нешто – како тоа вашиот партнер би можел да го знае?
Можеби еднаш одамна сте му рекле, но тој тоа во моментот и не го регистрирал и не го запомнил! Не му замерувајте, знаете дека не сте во врска со робот или компјутер туку со човек кој греши и тогаш кога има најдобри намери. Немојте да се фрустрирате, немојте да трпите во тишина. Дури и немојте да и се доверувате на најдобрата пријателка или пријател – и онака од нив нема да имате никаква корист бидејќи тие не спијат со вас.
Подобрувањето на сексот во врската нужно бара подобра комуникација – без забранети теми, без премолчување и потиснување. Едноставно, кажете му отворено што е она што очекувате тој во моментот да го стори за вас, или што е она што тој го прави, а вам ужасно ви пречи.
МА НЕМАМ НИ ШТО ПРОТИВ РАЗГОВАРАЊЕ.. НО, СЕ СРАМАМ!
Добро, понекогаш и не е толку едноставно да разговарате за сексот. Немаат сите парови толку отворен однос и слобода да разговараат за се и сешто без “влакна на јазикот”. Ако вашата врска е токму таква, нужно е на почетокот малку да ги “испеглате” нештата и да ја “омекнете” атмосферата. Најнесебичен совет од мене е да организирате романтична вечер… неколку ароматични свеќи по собата, две чаши со вино, чоколадни бонбони. Опуштете се максимално… Ќе видите дека по втората чаша, или можеби третата, повеќе и не ви препорачувам, ќе соберете храброст да кажете нешта од кои вообичаено црвенеете. Ако не сакате вино или алкохол воопшто, не грижете се – има решение. Позајмете секси филмче и дозволете филмската магија да ве воведе во релаксирачка атмосфера. Кога еднаш конечно ќе се осмелите да прозборите, искористете ја можноста до крај. Тоа се вашите пет минути, вистинско време да кажете се што веќе подолго време имате намера да го кажете, но ви е ужасно непријатно. Ќе видите дека многу брзо ќе ја совладате бариерата на отуѓеност помеѓу вас.

Јована Огненовска