Search for content, post, videos

Како се убива љубовта

Не следи ги моите чекори како сенка… Дојди до мене и биди дел од мојата судбина…

ЉУБОВТА ПРОШЕПОТИ: ОБИДИ СЕ ДА МЕ РАЗБЕРЕШ.
Не барај ги веќе изодените чекори низ патеката на животот. Јас сум твоја судбина, без оглед во која форма се раѓам. Разбери ги моите потреби кога сакам да одам сама во својата оаза и да ги одморам очите од будното следење на секојдневието. Разбери ме, не те напуштам кога спиеш непокриено под звездите, само сакам да ја проверам твојата издржливост и верба во моите длабоки чекори кои секогаш водат до тебе. Разбери ме кога сакам да бидам своја со екстремно восхитувачки желби, не размислувајќи за утрешниот ден бидејќи нема поголема радост за мене од моментот кога ќе се скротам мирно на твоите гради. И не бегај од мене… немој, дури ни тогаш кога ти велат дека сум со лош нарав, и кога те убедуваат во моето непостоење, кога ги уништуваат сите докази за мојата чистота. Обиди се да ме разбереш, бидејќи многу ќе ти биде тешко ако си заминам од твојот живот и решам да те осудам на вечна самотија.
ЉУБОВТА ИЗВИКА: НЕ ПОВРЕДУВАЈ МЕ.
Колку силно може да издржиш без мојот здив на твоите пазуви? Можеш ли да бидеш со толку силно срце ако ме нема мене внатре во неговите одаи? Дали можеш да ја издржиш тежината на животот ако јас не ти велам низ насмевка да се обидеш уште еднаш? Зарем можеш да седиш толку мирно на креветот и да ги тркалаш солзите како олеснување, ако јас не ја земам на себе целата твоја тежина? Уште колку долго ќе ти трае насмевката ако јас не стојам пред тебе и не ти ја топлам душата со благослов?… Затоа, те молам, не повредувај ме. Со навредите како огнови кои горат, не можеш да ме зачуваш покрај себе. Со лагите како тапи удари, не ќе можеш да ме видиш никогаш повеќе. Со иронијата и непочитувањето, само создаваш бариера која ниту најголемиот војсководец не може да ја сруши. Затоа, зачувај ме длабоко во срцето и обиди се да ја негуваш врската која те поврзува со другите луѓе.

ЉУБОВТА ЗАТРЕПЕРИ: НЕ ОДИ СИ ОД МЕНЕ.
Кое срце тебе ќе те љуби повеќе, ако во него ме нема мене, ако ја нема онаа чиста приказна која создава топлина на душата? Зарем мислиш да те грее она што може да се купи, она што може да се изгради, да се урне, да се преправи, да се избрише и одново како индиго со лош ракопис да се напише. Не оставај го срцето кое решило засекогаш да ми ги отвори вратите на својот живот и чувај го до себе, добро чувај го, затоа што невозможно е да најдеш исто изгрејсонце по втор пат и исто зајдисонце повторно. Не оди си од мене. Знам колку ќе патиш ако ме трампаш за тие нешта во твоите раце, ако ме замениш за туѓи очи кои гледаат на друго место, ако ме згазиш со своите стапалки одејќи далеку од мене. Не можеш да живееш спокојно ако ме нема мене на твојата перница, ако ме нема како печат на твојата судбина, ако ме избришеш од стаклото испишана со детски рачиња, ако не те прегрнувам кога со двет во раката одиш кон олтарот да испишеш една нова приказна, ако не те дрѓам за рака кога перото на животот престанува да пише… Не оди си од мене, премногу ќе ти недостигам.
ЉУБОВТА ЗАПЕА: НЕ СОМНЕВАЈ СЕ ВО МЕНЕ.
Зарем можеш да помислиш дека моите раце се толку несигурни кога те носам со уморен здив до местото на спокојот? Како можеш да помислиш дека ќе те испуштат од вид моите очи кога плашливо чекориш низ ветрот кон поголемите пространства? Зарем толку малку ти вреди душата моја? Не се сомневај во мојата судбина, во мојата силна потреба да бидам толку блиску до тебе, срасната за твојот живот. Ако не ми веруваш, тогаш му допушташ на времето да ме убие, без да можеш било што да сториш за да ме вратиш. Верувај ми. Сакам да ја гледам сигурноста во твоите треперливи очи, верувај ми како војник на бојно поле што ја чува вербата во срцето, како на желбите кои надежта ја испишале на своите дланки како завет. Кревко е моето постоење, зошто не сакаш да ме разбереш? Не оди кон другите хоризонти, зачувај ги соништата и дозволи заедно да ги разбудиме оние заспани очекувања. Не дозволувај да бидам срамно изневерена пред очите на светот, бидејќи така најмногу ќе се повредиш себеси. Не сомневај се во мене, затоа што јас од сите најмногу личам на Господ.
ЉУБОВТА ЗАПЛАКА: НЕ НАРЕКУВАЈ ГО ПОГРЕШНО МОЕТО ИМЕ.
Кога во заблуда сакаш луто да ме довикаш, твојата навика да го изобличиш моето име, ме фрла во страшен очај. Не знаеш која е мојата вредност или намерно ми ставаш окови и ја измачуваш мојата душа? Ме довикуваш со изобличени зборови, што јас не им го знам значењето, ниту нивното траење струејќи низ воздухот. И кога ме довикуваш со болка се одзвивам, а ти не го слушаш мојот крик и залудно е да се преправам дека не ме боли кога гледам како уживаш додека светот мој се урива врз моето постоење. Но, зарем не забележа досега дека мачејќи ме мене, ја измачуваш својата чест, а за возврат совеста ти ја препишува најголемата казна како поука? И кога погрешно ги адресираш кон мене тие зборови, длабоко во душава, знам зошто се дојдени. Зарем не научи дека моето име е љубов и јас сум онаа сила која цел живот тебе те влечеше на површина додека ти длабоко тонеше кон дното.
ЉУБОВТА ЗАМОЛЧЕ.
Не сакам да си одам од твојот живот, но ти ми ги затвори сите порти и ги сруши мостовите по кои секогаш наоѓав начин да се вратам. И сеуште можам повторно да дојдам кај тебе, мојата сила е моќна, но ти не дозволуваш низ тебе да протече водата од моето корито. И зошто сеуште ме гледаш кога никогаш не ја разбра суштината на моето постоење во твојот живот и во моите обиди да создадам цврст столб кој ќе ја држи твојата нераскинлива врска со другите луѓе. Но, сега е доцна. Ти мислеше дека секогаш има време за мене, секогаш одново може да ме повикаш во својот живот и без ни малку каење повторно да ја испишеш приказната со грешки и заблуди. Но, и за мене има време на почеток, време на траење и време кое означува крај. Мојата мисија е да ги разбудам очите за да можат будно да го следат животот, да ги утешам градите кои тешко дишат, да ги насмевнам усните кои липаат во плач, да ги раздвижам чекорите кон нови простори со повеќе храброст, да им дадам надеж на оние кои ги вкотвиле своите бродови, да ја пополнам празнината за да не создава тага невидливата шуплина… Не сакаше да знаеш дека цело време јас те одржував во живот. Не ги сакаше моите зборови, не го спомнуваше ни моето име, ниту го љубеше мојот глас. Затоа сега… нека зборува тишината.

МОЕТО ИМЕ Е ЉУБОВ И ЈАС ЈА НОСАМ ТВОЈАТА СУДБИНА НА СВОИТЕ РАЦЕ.

Надица Пушкоска