Search for content, post, videos

Каменот се стркала до карпата …..


 

Сте виделе ли оловни војници застанати во ред? Сте се сретнале ли по патот со сенки без глас? Ве прегрнале ли камени раце со топлина? Незнам дали и вие сте доволно храбри и пред себеси ќе признаете дека тие се дел и од вашето секојдневие. Но, сеедно… вие одете по патот кој за вас претставува предизвик. Од себеси секогаш барајте го само она што можете да си го дадете. Замислете оаза на сред пустина. Толку пусто, но толку совршено. Зарем секогаш мора сите нешта да бидат лесно дофатливи за да посегнете по нив? И ружата е убава, но трнот ќе ви ја избоцка раката ако посегнете по неа. Но, болката не е ништо со споредба со убавината. За сите големи нешта сметајте најмногу само на себеси. Тоа е така затоа што туѓите очи секогаш се слепи за нашите желби и она што е исправно за нас може да го знаеме само ние самите. А оловните ликови никогаш нема да разберат колку големо значење има сето тоа бидејќи среќата нацртана со насмевка е невидлива за очите. Некој еднаш ми рече- Оди и освој го својот свет. И во право беше. Од тогаш се поминати многу години и јас никогаш не престанав да се борам. И колку и да е тешко што животот ми откина голем дел од мене, сепак,  јас сум бескрајно среќна и вљубена во него. Токму таа личност сега ги пишува овие зборови за вас. Јас никогаш никому не ја раскажав својата приказна. Но, еве сега вам ви раскажав дел. Ако се пронајдовте себеси заглавени меѓу овие редови, тогаш јас ја постигнав својата цел, ви разбудив дел од желбите и ви подавам рака да посегнете по нив. Сите имаме свои приказни. Но, колку од вас ќе се обидете да ги направите реални? Барем обидете се… Без да се плашите од бурите. Бидејќи, во најголемата бура каменот се стркала до карпата, а од  под песокот и камењата растат најубавите цветови. Тоа за мене е најубавиот пејсаж на светот.

Надица Пушкоска