Search for content, post, videos

КАРМА

КАРМА -Извадок од книгата „Исцелување на душата“ на доц.д-р Зоран КРСТЕВСКИ

 

Во животот треба да се стремиме да бидеме победници и секогаш храбро и мудро да им приоѓаме на искушенијата. Дури и кога околностите укажуваат дека ќе бидеме поразени – со трпеливост, стабилност на карактерот и силна волја нештата можеме да ги свртиме во своја полза. Па, и кога константно доживуваме порази, болки и удари, а кои неоправдано ги примаме од другите, тоа не значи дека ќе бидеме целосно скршени и оневозможени да продолжиме со борбата до конечната победа.

Како што се вели – лошиот не може толку многу да удира, колку што добриот може да издржи! Тоа не е мазохизам, туку силна волја да се издржи кога е најтешко. Негативците треба да знаат дека духот на позитивниот човек никогаш не потклекнува, туку со моралната непоколебливост и љубов кон праведноста секогаш бара начини да го победи злото и да се извлече од негативните влијанија.

Прифаќањето да се биде жртва, постојаното подредување и малодушноста се неприфатливи обрасци на однесување за поединецот кој држи до самовредноста, само-довербата и позитивната енергија.

На праведниците и Бог им помага со милоста своја, покажувајќи им го патот кон вистинските вредности и позитивниот импулс на животот.

Затоа, не смееме да се откажуваме и да дозволиме другите да нé манипулираат и обезвреднуваат, туку да се бориме за својата личност и да најдеме начин да ги победиме злото и негативните вибрации. Да се биде победник значи да се верува во себе, да се биде доблесен, храбар и енергичен во бранењето на своите права.

Крајот делото го краси, така што не се гледа кој каква предност поседува, туку кој што постигнува.

Мирот во душата и љубовта во срцето се вистинските орудија со кои ги разоружуваме негативните и неморалните луѓе.

Моралот секогаш е помоќен од неморалот, светлината секогаш ја надвладува темнината, така и духовниот поединец секогаш со чистотата на своето срце и бистрината на својот ум успева да го порази неморалниот и духовно неосвестен човек.

Сепак, животот е исполнет и со многу неправди, така што лесно може да се случи праведниците да бидат нападнати и осудени од неморалните и лоши личности. Но ако сме чисти пред себе и пред Бога, секогаш вистината ќе излезе на виделина и ќе нé заштити од ударите и нападите на бесчесниците. Дури и ако тоа не се случи, сé треба да ѝ препуштиме на кармата која со својата железна нужност ќе направи секој да си го добие заслуженото.

Никој не побегнал од судот на совеста.

Јавноста и не мора да дознае како се чувствува грешниот и неморален човек, доволно е тој самиот да нурне во длабочината на сопствената потсвест и совест и да ги открие сите валканици и нечесни постапки. Ако можеме да побегнеме од другите, не можеме да го избегнеме судот на својата совест, која многу добро знае што е вистина, а што лага, што е добро, а што лошо и погрешно.

На крајот, не можеме да ја избегнеме ниту кармата или божјиот суд, кои непогрешливо судат за нашите постапки и сега или во иднина ќе нé соочат нас или нашите поколенија со последиците од направените дела, односно недела.

Излезот постои, но само ако искрено се покаеме, побараме да ни биде простено и почнеме духовно да се трансформираме.

Доколку тоа не го направиме, колку и да ги потиснуваме нештата, сепак длабоко во себе ќе знаеме дека душата ни е заболена, а телото извалкано. Луѓето бегаат од соочување со самите себе, сметаат дека ќе ги сокријат нештата и дека ќе бидат заобиколени од божјата правдина, но тоа никој не го избегнал.

Прочистувањето на духот е спас за душата.

Никој не е идеален и безгрешен, но ретко кој е подготвен да ги признае грешките и да продолжи напред кон светлината на животот. Ослободувањето од товарот на гревот е голема придобивка за продуховениот човек, за разлика од неморалниот поединец кој избегнувајќи да се соочи со самиот себе и со другите, дополнително се товари со уште повеќе гревови, неправди, лаги и негативности, со што уште побрзо пропаѓа во амбисот на животот.

Затоа, определете се за молитвата, афирмацијата, прочистувањето на духот и љубовта и дистанцирајте се од лицата кои водени од ниските страсти, неморалот, егото и лажните вредности може да ви ја загрозат внатрешната хармонија и да ве оддалечат од патот кој води кон мирот, светлината и убавината.

Тоа сите ние ќе го постигнеме доколку сфатиме дека без оглед што негативецот има една предност – затворено срце и помала емоција, позитивецот има уште поголема предност и може него да го победи – со помоќниот ум и со духовната сила која секогаш е на страната на чесните, праведни и морални личности.