Search for content, post, videos

Кинеска зелка – извор на енергија и витамини

Сочните зелени листови на кинеската зелка имаат прекрасен вкус и идеални се за подготовка на најразлични супи и салати. Освен по вкус, кинеската зелка е позната и по своето многу поволно влијание врз здравјето на човекот.
Кинеската зелка чие латинско име е Brassica chinensis е зелен лисест зеленчук, има традиција на одгледување стара повеќе од шест илјади години. Кинезите први почнале да го употребуваат овој зеленчик за подготвување јадења со убав и нежен вкус. Тие биле добро запознаени со лековитите својства на овој вид зелка. Лекарот Ли Шизен од династијата Минг долг период ги проучувал лековитите својства на ова растение. Во 14 век употребата на кинеската зелка се проширила во сите делови на Кина, за во почетокот на 20-тиот век да се прошири и во Кореја и Јапонија. Сега кинеската зелка е позната во цел свет и е достапна на скоро секој зелен пазар во светот.

Зелена аптека
Кинеската зелка е богат извор на многу важни витамини како што се витамините А, Ц и К. Витаминот А е неопходен за правилно функционирање на имунолошкиот систем, добриот вид, растот на коските и забите, додека витаминот К игра важна улога во процесот на коагулацијата на крвта. Освен ова, витаминот К ја подобрува апсорпцијата на калуциумот и ја одржува густината на коските. Витаминот Ц е познат природен антиоксиданс кој нe штити од штетното влијание на слободните радикали. Покрај овие витамини, кинеската зелка е богата и со витамин Д, кој ја подобрува апсорпцијата на фосфорот во организмот. Исто така овој зеленчук содржи и големи количини на фолна киселина и витамин Б6. Фолната киселина е неопходна за правилно формулирање на ткивата и клетките и го намалува ризикот од болести на срцето. Од друга страна, пак, витаминот Б6 е клучен кај метаболизмот на јагленохидратите, мастите и протеините како и кај формирањето на црвените крвни зрнца и антителата во организмот. Освен витамини, кинеската зелка е значаен извор на каротеноиди како што е бета-каротенот, познати по своите антиоксидансни својства.
Досегашните истражувања потврдуваат дека со конзумирањето на овој зеленчук, кој е богат со бета каротен, како и со конзумирање на сите продукти кои содржат бета каротен, се намалува ризикот од појава на многу видови на канцер, посебно оној на кожата. Освен тоа, каротеноидите поволно влијаат на очните заболувања како што е глауком и дегенерација на окото.

Во битка против низа заболувања
Кинеската зелка содржи и големи количини многу важни минерали како калциум и калиум. Калциумот е важен за здравјето на забите и коските додека калиумот го намалува ризикот од појава на проблеми со циркулацијата и срцевите заболувања, а калиумот помага и при регулирањето на крвниот притисок. Овој вид на зеленчук е одличен извор и на диетални влакна, не содржи масти и има мала содржина на натриум. Многу истражувања го поврзуваат конзумирањето зеленчуци од видовите цруциферае каде спаѓаат кинеската зелка, карфиолот, брокулата, со намалувањето на појавата на канцер. Тоа е токму поради фактот што овие зеленчуци содржат во себе гликозинолат кој се бори против канцерот и ја подобрува работата на имунолошкиот систем. Поседува изразена прехранбена вредност која ја издигнува над сите останати лисести зеленчуци. Содржи јагленихидрати во облик на моносахариди, растителни белковини кои даваат енергија, каротени, кои заедно со многу важните аминокиселини како лизин и аргинин, го издигнуваат во групата хранливи и многу лековити растенија.

Се препорачува да го конзумираат лица кои имаат проблеми со цревата и чир на желудник. Кинеската зелка помага да се создаде баланс помеѓу киселините и базите во организмот. Нутриционистите посебно го препорачуваат овој зеленчук на лица кои не пијат доволно млеко, токму поради фактот што содржи доста калциум и железо во себе. Овој хранлив зеленчук не само што е вкусен, туку е и многу здрав за нашиот организам. Кинеската зелка осигурува доволен внес на витамини кои се неопходни за нашето здравје, и го штити организмот од многу болести. Затоа јадете кинеска зелка колку што можете повеќе.

Во чинијата…
Конзумирајте ја во свежа состојба, во комбинација со домати, пиперки и пченка, со маслиново масло и малку зачини…така е најубава. Но може да се направат и вкусни рецепти од кинеската зелка.

Тестенини со бело месо и кинеска зелка
Потребно: 50 грама печурки (вргањ или буковка), 4 парчиња бело месо (по 100 грама/парче), 75 мл сос од соја, 2 лажички масло од сусам, 1 главица лук, по 1 црвена, жолта и зелена пиперка, 800 гр. (1 парче) кинеска зелка, 1 литар супа од зеленчук, 50 мл балсамико оцет, 1 лажичка шеќер, сол и црн пипер, 250 гр. тестенини  и млад кромид.
Подготовка: Печурките прелијте ги со жешка вода и оставете да отстојат во водата околу 60 минути за да омекнат. Пилешкото исечете го на мали парчиња и измешајте го со соја сосот и оставете да отстои околу 20 минути. Во друг сад загрејте го сусамовото масло и испржете го месото од сите страни. Лукот ситно исечкајте го, пиперките исчистете ги од семките и исечкајте ги на ленти и пропржете заедно со месото и лукот околу 5 минути. Кинеската зелка убаво измијте ја, исечкајте на ленти и додајте во садот со месото и пропржете. Готова зеленчукова супа подгответе ја во друг сад. Додајте ги оцетот и шеќерот, солта, црниот пипер и варете 10тина минути, а потоа додајте ги тестенините. Сварените тестенини измешајте ги со останатите состојки и сервирајте во чинија посипани со ситно исечкан млад кромид.

Свинска коленица во сос со кинеска зелка
Потребно: сува свинкса коленица, 1 поголемо парче кинеска зелка, 3 главички кељ, 2 моркова, главица кромид, 2 чешниња лук, зачини по желба.
Подготовка: Ставете ја свинската коленица во големо тенџере, неколку зрнца црн пипер, лист од ловор и варете се додека месото не се одвои од коската. Измијте ги убаво листовите од кинеската зелка и кељот и кусо варете ги во солена вода. Откако ќе провријат извадете ги од водата и процедете. Кинеската зелка исечкајте ја на лентички, а во посебен сад пропржете ги ситно исечканите моркови, лукот и кромидот, потоа додајте ги кељот и кинеската зелка, налејте вода и додајте ги зачините и динстајте околу 15 минути. Кога ќе биде готово додајте го месото во зеленчукот и промешајте. Добар апетит.

Силвана Јованчева