Search for content, post, videos

Кое животно е идеален миленик за детето?

Ако сте родител, веројатно повеќе од еднаш сте го слушнале своето дете да ве праша: „Кога ќе добијам милениче?“ И ако сте и самите љубители на миленици, веројатно размислувате дали треба да му дозволите на вашето најмило да чува миленик. Затоа што,вечната дилема е секогаш присутна:

кој ќе води грижа за миленичето, дали детето ќе сфати дека има одговорност, дали е здраво да се
чува милениче дома, и доколку се одлучите, кој е вистинскиот миленик за вашето дете?!
При изборот на миленик најважно е навиките и потребите на животното да се вклопат во секојдневната рутина на семејството. За животното ќе треба да се грижите секојдневно, па затоа пред да набавите миленик треба да се запрашате дали имате доволно простор и време да го чувате дома. Секако, доколку детето нема некои здравствени проблеми поради кои не би смеело да има миленик дома, тогаш останува само на вас дали ќе се нафатите да се грижите за него, особено ако детето ви е мало.
Ако имате помало дете, тогаш подобро е да земете помало кученце или мачка. Овие животни се навикнати да живеат со луѓе и затоа полесно прифаќаат кога детето ги гали или ги носи в раце. Ако, пак, имате поголемо дете тогаш поголема раса куче е подобро од оние малите раси, бидејќи помалите кученца во невнимание може случајно да се згазнат. Ветеринарите ги препорачуваат златниот ретривер, бишон фризе или малтипудлица (мешавина од пудла и малтезер). Од друга страна, ловечките кучиња, како кокер шпаниел или далматинец, не се соодветни за деца.
Не купувајте мали животни. Експертите советуваат да не се купуваат мали животни како зајачиња или морски прасенца. На пример, морските прасенца се познати како слатки животинчиња, но тоа и не е баш така. Тие не сакаат многу да ги допира некој. Ни ноќните животни како што е хрчакот не се идеални. Ова животно никако не смее да се тормози или да се зема в раце додека спие дење. Допирање и земање в раце за нив е дополнителен стрес. Освен тоа, ветеринарите советуваат да се внимава со овие животни зашто тие можат, иако ретко, да пренесат вирус на менингитис.
Разните птички се лесни за чување, но тие оставаат голем неред. Сепак, деца постари од 10 години можат да се грижат за нив.
Аквариум со риби е исто така возбудлив за децата, но недостаток е тоа што рипчињата не можат да се допираат и земаат в раце, па детето на тој начин не може да изгради поврзаност со нив.
Во врска пак со чувањето диви животни, како што се желки, гуштери или змии во затворен простор, експертите се строго против. Пред сè затоа што речиси е невозможна соодветна грижа околу нив во затворен простор, а и затоа што повеќето рептили пренесуваат салмонела.