Search for content, post, videos

Кога плакарот алармира – исчисти ме!

 

Знаењето како и на кој начин да си ја средите облеката во плакарот може да ви помогне во многу нешта. Свежо организираната облека не само што изгледа подобро туку во неа и лесно ќе се снајдете и ќе си одберете убава комбинација, што значително ќе ви го скрати времето во секојдневното дотерување.

Од огромна помош е кога знаете дека с# што се наоѓа во вашиот плакар е искористливо и можете да го облечете. Кога плакарот ви е затрупан со непотребни крпчиња од кои некои датираат уште од средното училиште, можеби е време да ги прочитате следниве корисни совети и да се фрлите на работа – средување на плакарот! Почнете од почеток!
Овој совет не ви вели да се откажете од старата и да купите сосема нова облека, туку да го започнете процесот на средување така што најпрво се ќе извадите од него. Потоа избриштете ги сите полици. Ова е само подготовка за она што ве чека, а бидејќи за средувањето ќе ви треба време, направете го кога ќе имате малку повеќе слободно време (на пример за време на викендот кога немате други обврски).

Распределете
Уште еден совет за уреден и среден плакар е внимателно да процените што треба да ставите во него. Целата облека што сте ја извадиле од плакарот здиплете ја во неколку купчиња, зависно од нејзината намена и видот. Разделете ги маиците со куси ракави од блузите, џемперите од фустаните, зимските панталони од тенките здолништа. И бидете сурова: едноставно фрлете ги сите парталчиња кои сте ги прераснале, кои се едноставно излитени од носење, што ви се тесни или едноставно не можете да ги носите од било која причина.

Сочувајте
Додека ја селектирате облеката од плакарот, задржете ја само онаа што ја носите и која навистина ви прилега. Ако за некои парчиња не сте сигурна и едноставно сметате дека нешто можеби и постои шанса да го облечете, таквата облека тргнете ја на страна и направете место за она што навистина ќе го носите. Сето она што сте го тргнале на страна дека можеби ќе го облечете, ставете го на некоја подолна полица. Но ако и по месец – два не облечете ниту едно парче од таа облека, тогаш време е да ја фрлите.

Организирајте
Својата облека организирајте ја на начин кој вам најмногу ви одговара за во одреден миг да знаете каде што ви стои и да не морате да го прекопате целиот плакар за да најдете нешто. Она што најчесто го носите ставете го таму каде што најлесно ќе го дофатите, а некаде одзади, на помалку достапните места ставете ја облеката која, на пример ќе ја носите следната сезона.

Координација на боите
Ако сакате целиот плакар да ви е нареден како под конец, тогаш сигурно ќе најдете одредено задоволство облеката да ја наредите по бои. Така на пример, ако денес сакате да го носите црвениот фустан, веројатно полесно ќе го најдете во купчето со црвена облека.

Изедначеност
Делот од плакарот кадешто ви стојат закачалките, наредете го така што на едниот крај ќе ги закачите капутите и палтата, потоа наредете ги костумите, на крај завршете со потенката облека. Ако ви недостасува место, тогаш избегнувајте ги дрвените закачалки.

Препознајте ги празнините
Кога еднаш ќе ја организирате и средите облеката во плакарот, откријте ги „дупките“ или деловите кои недостасуваат. Запишете си што се ви недостасува, па кога ќе тргнете во шопинг точно ќе знаете што да барате и што да купите. Со ваква листа ќе се спасите и од импулсивното купување и залудно трошење пари.

Бидете дисциплинирана
Кога веќе сте се потрудиле да го средите плакарот така што веќе нема да се чувствувате неуредно, таквата состојба одржувајте ја и во следниот период. Кога земате едно парче облека потрудете се останатите парчиња да останат наредени и на своето место. И по перењето на облеката потрудете се да ја наредите на истите места на кои стоела.

Редовно одржување
На крајот на секоја седмица или барем на крајот на месецот отворете го плакарот со цел да го реорганизирате. Во прв план ставете ја облеката која најмногу ќе ви треба во следните денови, а воедно и наредете ги оние парчиња облека кои набрзина сте ги извадиле.

Не заборавајте на хигиената и мирисот
Повремено отворете ги вратичките на плакарот и оставете го отворен прозорецот во собата. Од време на време пребришувајте ги полиците и редовно чувајте благ ароматизер (кесичка потпури) кои ќе му дадат пријатен мирис секојпат кога ќе го отворите.