Search for content, post, videos

Кои сме? Од каде сме? Зошто сме?

“Дајте ми малку вода… Дали викнавте ембјуленс? Јас се викам Дејвид…” Луѓе кои протрчуваа низ скопските улици, изгледаше како и секој друг натпреварувач, само што по кој знае кој километар тој одеднаш престана да трча, полека одеше, а потоа седна на тревата.
Изненадена гледав во момчето и се сеќавам дека и јас прокоментирав на глас..”Е готово, не може веќе да трча, толку му е силата…”, а мојот сопруг не одговори ништо туку со внимание гледаше кој следен ќе протрча крај нас.
Одеднаш младото момче почна да вика, да бара вода, со мешан македонски и англиски јазик, велеше дека му е лошо… Премина од нашата страна и се фрли на тревата.
Да не раскажувам многу во детали, во “играниот филм” кој се одвиваше пред наши очи во следните 15-тина минути, се случуваше следното… полицијата повикуваше брза помош која никаде ја немаше, воопшто и ги немало поставени на пунктовите додека се одржуваше 4-тиот Скопски маратон, туку доаѓале директно до некоја поликлиника. Која катастрофа и срамота. Но поголема срамота беше викањето на момчето кое бараше вода, а луѓе подзастанати одзади го гледаа како “светско чудо”, како да се плашеа да му се доближат, а кога конечно некој донесе вода, му ја дофрли од 2-3 метри, небаре ќе се зарази ако му се доближи.
Додека го довикувавме полицаецот и му кажувавме дека е потребна брза помош, зад мене слушав коментари од типот “Абе фрлете му канта вода и добар ќе биде…”
Понекогаш се наоѓам во ситуации да се запрашам – па добро бре луѓе, луѓе сме или животни? Па и животните знаат да си помогнат во одредени ситуации, но ние… Не знам, останав без коментар. Брзата помош стигна по 15-тина минути, среќа што момчето веројатно беше само дехидрирано и го однесоа во некоја амбуланта, но стравот да не му се случи нешто и горчливиот вкус од сликата на моите сограѓани остана.
Скопскиот маратон е една од најубавите манифестации кои се случуваат во нашата земја, а конечно почнаа учество да земаат и многу странци. Со уживање го следиме секоја година, но оваа особено ќе го запомнам и го носам споменот долго. Не знам дали е потребно дополнително коментирање, а овојпат нема ни да го сторам тоа, бидејќи приказната самата си кажа се. Фрли огромна дамка и на манифестацијата, и на организаторите, но најмногу на нас, како луѓе, како народ. Почнавме од се да се плашиме, на се да гледаме со сомневање, а уште малку изгледа ќе се исплашиме и од самите себеси.
Кои сме бре луѓе ние? Од каде сме? Од некој друг универзум можеби? И зошто воопшто служиме кога го немаме она човечкото во нас тогаш кога некому му е очајно потребно? Изгледа дека во големото викање НИЕ, или потенцирањето ЈАС, навистина ја изгубивме карактеристиката хуманост. За жал!