Search for content, post, videos

Комуникацијата е нешто повеќе од само разговор

Добрата комуникација во рамките на бракот е основа за развој на здрави личности и здрави партнерски односи. Прекинот на взаемната комуникација води до повеќе психички пореметувања, па и соматски болести. Се разбира, слободно можете да барате од вашиот партнер да ве пушти да се одморите кога сте изморена или да ја догледате вашата омилена серија на телевизија и да барате од него да ги средува своите работи затоа што тоа не е значи секогаш брачна криза. Сепак, добрата и отворена комуникација помеѓу брачните партнери е основа за стабилни и солидни односи.
Кога говориме за комуникација секогаш прво помислуваме на говорот, т.е. дали партнерите разговараат помеѓу себе и како меѓусебно се разбираат. Комуникацијата секогаш се одвива на две нивоа. Вербално ниво што подразбира да го изразиме она што го чувствуваме, да зборуваме за тоа што го мислиме, за своите намери, дилеми, тешкотии. А, невербалниот стил на комуникација е тонот и бојата на гласот, контактот со очите, држењето на телото, мимиката, гестикулацијата… Овие невербални начини на комуникација се често позначајни од вербалните затоа што говорот на телото тешко можете да го контролирате и кажува многу повеќе за вашата психичката состојба отколку зборовите кои ќе ги употребите. Нескладноста помеѓу вербалната и невербалната комуникација (на пример зборувата едно, а во држењето на вашето тело и тонот на гласот се гледа дека не мислете така) е најчеста причина за судир со партнерот. Затоа кажувајте го она што го покажувате!

Научете да слушате
Следен од главните предуслови за добра комуникација е активното слушање. Тоа значи активно следење на вербалните и невербалните пораки на вашиот партнер, повторување на примените пораки со сопствени зборови (за да се избегне недоразбирање) и барање дополнително објаснување ако има потреба од тоа. За вас и вашиот однос е посебно важно да остварите комуникација која ќе ги задоволи потребите и желбите и на двајцата.
На прв поглед разговорот изгледа како да е лесен и едноставен процес. Но, не секој умее правилно да комуницира. Прво, добро би било да се ослободите од стравот и отворено да зборувате за своите чувства, за тоа што мислите, кои се вашите вистински потреби, дилеми, тешкотии, намери, животни цели и слично. Правило во секој партнерски однос е дека секому треба да му се даде простор да соопшти се што сака. Тоа е демократски стил на комуницирање во рамките на кои секој партнер има еднакви права. А, како ќе разговарате зависи од тоа колку меѓусебно се почитувате, разбирате, колку си значите еден на друг, колку се сакате.

Лидија Попчева
психолог-психотерапевт
e-mail: lidijapopceva@yahoo.com
тел: 070 27 35 35