Search for content, post, videos

И козметичката индустрија го сака чоколадото

Чоколадото не е само омилен десерт. Голема важност има и неговата употреба во козметичката индустрија. Ширум целиот свет се отвораат козметички центри во кои можете (без страв од вишок калории) да уживате во благодетите на чоколадото. Скоро и не постои третман ниту препарат во кој не може да се најде чоколадо. Хранливите чоколадни маски и пакувања за лице и тело, разните хидрантни креми и лосиони, балзами и кармини (скоро целата шминка), препаратите за сончање и оживување на сувата и збрчкана кожа, депилација со чоколаден восок, масажа со топло чоколадо, антицелулитни третмани и третмани за тонирање на кожата се хит во целиот свет.
Поради својот исклучителен хемиски состав, чоколадото делува на кожата скоро еуфорично како и на мозокот. Токму ендорфинот, кој го опушта мозокот, делува на кожата стимулирачки и ја обновува. Освен што ја подобрува текстурата на кожата, чоколадото силно ја тонизира, а со своите обновувачки својства го поттикнува производството на колаген и еластин, што и ја овозможува потребната цврстина и напнатост.
Какао путерот е една од најценетите и најстабилни познати масти, а поради својот состав има способност за длабинско продирање во кожата, топење на мрснотиите и задржување на влажноста. Богат е со витаминот Е, кој го спречува стареењето на кожата, а во исто време ја прави позатегната и помазна. Затоа чоколадните маски за лице имаат се повеќе приврзаници, бидејќи активните супстанции од чоколадото благодарение на силниот лифтинг ефект ја хидратизираат и зацврстуваат изморената кожа, давајќи £ свежина и младешки изглед.
Масажи со Чоколадо
Тоа се едни од најпријатните и најнежни масажи. Чоколадото смирува и опушта бидејќи го поттикнува излачувањето на хормоните на среќата (серотонин и ендорфин), а присуството на фенилетиламин го спречува излачувањето на кортизол и адреналин па така се смалува напнатоста и стресот.
Депилација со Чоколаден восок
Оваа депилација овозможува речиси безболно отстранување и на најтврдокорните влакненца, ја смирува иритацијата, а кожата ја остава мека и нахранета.

 

 

 

 

 

 

Антицелулитни третмани со Чоколадо
Тие се вистински хит во козметичките центри. Всушност, наброените состојки, особено теоброминот, кофеинот, триптофанот и ендорфинот, имаат силно липолитичко, тонирачко и дренажно делување. Третманот почнува со пријатен кремаст пилинг со зрнца какао кои нежно ги отстрануваат мртвите клетки од површината на кожата, за во следната фаза на третманот антицелулитните супстанции да продрат што подлабоко во масните наслаги. Следува чоколадната маска која се нанесува топла на проблематичните места (бутовите, стомакот, задникот), по што се завиткува со специјална фолија која загрева, со што се поттикнува согорување на маснотиите.

 

 

 

По маската следува антицелулитна масажа со чоколаден крем со што дополнително се разбива целулитот. Со овој третман се забрзува циркулацијата, се прочистува лимфата и се топат насобраните маснотии, а кожата станува поеластична и позатегната.
Од нутритивен и козметички аспект, чоколадото има значително повеќе добри отколку лоши својства. Затоа уживајте во посебниот вкус на ова слатко задоволство, секако во разумни количини, а што се однесува до третманот – уживајте без страв и ограничувања.