Search for content, post, videos

Негувајте се… ама правилно

Дали имате навика кога го чистите лицето маскарата да ја отстранувате со груби движења, или веднаш по депилацијата на пазувите да нанесувате дезодоранс, не размислувајќи какви последици има тоа за кожата? Секојдневната нега на лицето и телото подразбира внимателно одбрани постапки и правила, без кои никогаш нема да успеете да го постигнете главниот ефект – здрава и млада кожа. Затоа обрнете внимание…

Млеко за чистење

Млекото за чистење лице е производ што содржи хемикалии. Затоа, откако ќе го исчистите лицето, задолжително треба да ги отстраните остатоците од млекото со тоник или со вода. Доколку го оставите така, тогаш на кожата оставате траги од шминка и нечистотии кои придонесуваат кон побрзо стареење на кожата.

Површно бришење 

Наутро, кога секоја минута е скапоцена, често се случува набрзина да се избришеме и облечеме иако не сме свесни дека не сме ја исушиле кожата внимателно. Ако сакате да ги избегнете црвенилото и иритациите, по капењето мора внимателно и детално да се избришете. Ако имате проблем со прекумерно потење, тогаш откако ќе се избришете нанесете пудра во прав која ќе помогне да се отстрани секоја влажна трага.

По депилацијата

Без оглед дали користите брич или восок, кога ги отстранувате влакненцата под пазувите заедно со нив го отстранувате и заштитниот слој на кожата. Затоа по депилацијата кожата е исклучително чувствителна и кога ќе ставите дезодоранс (особено доколку содржи алкохол) предизвикувате иритација која може да биде многу непријатна. Како да ги спречите мирисите и да ја заштитите кожата? По депилацијата, оставете ја кожата да дише најмалку половина час, а потоа нанесете неутрален дезодоранс.

Крем за лице
Менувањето козметички производи за лице во текот на годината е одлична навика бидејќи на тој начин кожата ги добива сите хранливи состојки што ѝ се потребни. Значи, кремот со антиоксиданси (витамин Е и ензим Q10) по искористувањето заменете го со крем за осветлување (оној што содржи витамин Ц и арбутин), а откако ќе завршите и со тоа кутиче, купете си регенеративен крем за лице (со ретинол и овошни киселини).

Очи

Кога се обидувате да ја отстраните маскарата со млеко за чистење и таа ќе се размачка под очите, никако немојте силно да триете. За отстранување на маскарата, без опасности од иритации и црвенила, секогаш користете посебно средство за отстранување на шминката.

 Веѓи

Неправилното скубење на веѓите го нарушува нивниот правилен облик и симетрија. Најдобро е еднаш годишно да отидете на козметичар кој ќе ви предложи облик и густина што одговараат на вашето лице, а потоа самата ќе ги одржувате.

Заноктици

Тоа е искушението со кое се соочуваме секојпат кога сами ги средуваме ноктите. Но доволно е само да ја поттурнете кожичката нагоре со помош на дрвено стапче откако претходно сте ги потопиле рацете неколку минути во топла вода. Всушност, кожичката е природна заштита на коренот на ноктот и ако ја сечете, се изложувате на голем ризик од инфекција.