Search for content, post, videos

Убавината на есента слеана во вашата коса

Здравата и убава коса нѐ прави позадоволни, самоуверени и попосакувани. Косата не е само наш украс. Таа е показател и на сѐ што се случува во нашето тело и душа. По косата можеме да заклучиме во каква состојба е нашиот организам и какво ни е расположението.

Третирањето и секојдневната нега на косата се малиот ритуал од кој не може да избега ниту една жена, но некои едноставно му приоѓаат рутински, а други целосно посветено и со љубов.

Дозволете ѝ на топлата жолто – портокалова есен да се слее во вашата коса… но најпрво подгответе ја за тоа.

 

Како несвесно си ја уништуваме косата

Пеглањето, виткањето и бланширањето не се единствените начини на кои ја уништуваме својата коса. Постојат уште неколку начини на кои несвесно ѝ го одземаме квалитетот, а следниве пет се едни од најлошите…

Одложување на потстрижувањето

Ако поминале повеќе од два месеца од вашата последна посета на фризерот, косата веројатно и не ви изгледа многу добро. Испуканите врвови мора да се отстранат колку и да сакате да ја пуштите долга.

 

Употреба на погрешен лак за коса  

Жените кои користат лак за коса кој содржи многу алкохол имаат уништена и сува коса. Вложете малку повеќе пари и купете поквалитетен лак кој не содржи алкохол. Но дури и тој лак избегнувајте да го користите често – најмногу 2-3 пати неделно.

 

Чешлање на мократа коса 

Мократа коса е исклучително кршлива, па грубото чешлање или четкање може да доведе до кршење на влакното или пак негово корнење од коренот. Ако веќе морате да ја исчешлате мократа коса, користете регенератор кој не се плакне и употребете дрвен чешел.

 

Површно плакнење

На темето можат да се појават бројни проблеми доколку не го исплакнете шампонот детално. При секое миење потрудете се да ја плакнете уште минута-две повеќе.

Опавче и пунџа 

Доколку постојано ја носите косата врзана во опавче или пунџа немојте да се изненадите доколку косата почне да ви се разретчува. Носете ја косата пуштена во секој слободен момент и најважно, заборавете на опавчето додека спиете. Ако веќе морате да ја заврзете, тогаш направете го тоа со мека шамија.