Search for content, post, videos

Креатори на стилот

Највлијателниот моден дизајнер во ’40-тите и ’50-тите години на минатиот век, Кристијан Диор владееше со модниот свет по втората светска војна. Неговата револуционерна идеја – фустани во форма на часовник кои ќе го оцртуваат женското тело, го дефинираа таканаречениот new look, а Диор го етаблираа како глобален моден бренд.

Францускиот дизајнер Кристијан Лакроа се сеќава дека кога бил мал, на прашањето што сака да стане кога ќе порасне, одговарал: “Кристијан Диор”. За него Диор не бил само човек, туку институција. И додека Лакроа растел, Диор се зацврстувал на водечката позиција на светската модна сцена. Не постоел човек што не го знаел неговото име, а во Франција тој бил синоним за висока мода. Неговата листа на клиенти уште од самиот почеток била импресивна: Ава Гарднер,

Марлен Дитрих, принцезата Маргарет и војвотката од Виндзор. Но, тој бил исклучително скромен и срамежлив човек, толку срамежлив што од трема не сакал да се појави и да се поклони пред публиката на крајот на секоја негова ревија.

Но, имал строги принципи кога е во прашање модата, па одбивал да се сретне со мажи кои не носеле вратоврска. Сепак, тој бил толку суеверен што пред да донесе некоја голема одлука, консултирал јасновитка.
Кристијан Диор е роден 1905-тата година во Гринвил, мало гратче на брегот на Нормандија. Тој бил второ од петте деца на Александер Луис Морис Диор, богат стопанственик. Семејството живеело во убава розово-сива куќа, која се наоѓала на карпа над градот и од која се пружал спектакуларен поглед на морето. Во 1910-тата семејството Диор се преселило во Париз, но секое
лето се враќале во Гринвил. Иако Кристијан сакал да биде архитект, татко му го натерал да се запише на правни студии на престижниот Ecole des Sciences Politiques, со надеж дека еден ден ќе започне дипломатска кариера.
Кристијан само сакал да работи во уметничкиот свет, па во 1928-мата година татко му му дал доволно пари за да отвори уметничка галерија, но под еден услов – семејното име да не се појави на натписот над вратата на галеријата.
Галеријата Jacques Bonjean наскоро станала авангардно место во кое можеле да се видат сликите на Жорж Брак, Пабло Пикасо, Жан Кокту и Макс Џејкоб. Во 1931-вата година починал неговиот постар брат, а потоа и мајка му, по што следел и колапс на семејната фирма. Тој ја затворил галеријата и следните неколку години преживувал со продажба на модни скици на познати модни куќи во земјата. Конечно, нашол работа како асистент на креаторот Роберт Пике.
Кога почнала Втората светска војна, Диор станал офицер во француската војска и останал таму една година, а потоа се преселил на фарма во Прованса и им помагал на татко му и сестра му. Кога Лусјен Лелонг, кој лобирал кај Германците да ја оживеат високата мода, му понудил работа, Диор без размиослување се вратил во Париз и до крајот на војната ги “облекувал” сопругите на
нацистичките офицери и француските колаборатори.
Франција го дочека крајот на војната руинирана, половина милион згради биле урнати, а постоел огромен недостиг од облека, јаглен и храна. Сепак, се создала поволна клима за отворање нови бизниси, па Кристијан решил да помогне да се врати на нозе фабриката “

King of Cotton” на Марсел Бусак, кој поседувал и тркачки коњи, неколку весника и текстилни фабрики. Бусак се сретнал со Диор и ја прифатил неговата теорија дека на луѓето им е потребно да го сменат стилот по војната – луксузен нов изглед со раскошни здолништа, фустани што ја оцртуваат женската силуета.
Само во создавањето на првата колекција биле вложени 60 милиони француски франци, а компанијата задолжена за модата го добила името “House of Dior”. Веднаш биле вработени 85 луѓе, а Кристијан самиот помагал во уредувањето на својот работен простор, кој бил сиво-бел (двете омилени бои на Диор).
Првата ревија на Диор се одржала во февруари 1947-мата година. Таа била вистинско освежување во однос на облеката што и две години по војната ја носеле жените – палта со ниски раменици и остри рабови, здолништа до колениците… Диор им понудил на жените широки, раскошни здолништа, палта со меки рабови, а уредникот на Harper’s Bazaar го нарекол Диор “вистинско
откритие”. Новиот изглед бил навистина потребен во пост-воената ера, а Диор бил во право дека луѓето ќе сакаат промени.

Меѓу првите кои дошле да порачаат негов фустан била Рита Хејворт, која барала нешто посебно за премиерата на нејзиниот филм “Гилда”. Балерината Марго Фонтејн купила костум. Тоа го вратило Париз на светската модна мапа, а Диор на врвот на француската мода. Британското
кралско семејство побарало приватна презентација на новата колекција на Диор, иако кралот Џорџ В им забранил на своите ќерки Елизабет и Маргарет да носат парчиња од “New Look”, бидејќи во Британија се уште владеела нетрпеливост кон Французите. Задоволен од првичниот успех на неговиот “нов изглед”, а следејќи го примерот на другите дизајнери кои почнале да го шират бизнисот надвор од Франција, Диор го лансирал првиот парфем со негово име, Miss Dior, а отворил и бутик на Петтата Авенија во Њујорк во која се продавала ready-to-ware облека и крзно.

 

 

 

 

 

 

 

 

Но, во суштина Диор не сакал да експериментира со стиловите, па на машките костуми им додал само некои детали – нараменици, елечиња… Но, кога еден костум го добил името “Жан Пол Сартр”, во чест на радикалниот филозоф, а никој не го купил, решил во иднина да го смени пристапот и да става “посигурни” имиња.
Новозбогатениот Диор купил стара воденица во близината на Париз каде што времето го поминувал со своето куче Боби, а имал време и за својата друга љубов – уметноста, антиквитетите
и хортикултурата. Бидејќи и понатаму бил срамежлив, дружењето и средбите со клиентите и го препуштил на Сузан Лулинг, директорката за продажба. Во својот дом работел и на модните колекции, па во секоја колекција имало по еднов парче облека наречено “Гранвил” и секој пат имало барем една девојка која во рацете носела кринови од неговата градина. Суеверието му одело до таму, што ниту една ревија не почнувала пред да му “читаат” на тарот карти.
Во ’50-тите Диор била најдобрата и најбогата модна куќа во Париз. Негови најголеми ривали биле Пјер Балман и шпанскиот креатор Кристобал Баленсиага. Но, ниту еден од нив не успеал да го стигне Диор. Тој својот успех им го припишувал и на своите “три музи” кои работеле со него на секоја колекција:

Рејмонд Зенмакер (кој го водел студиото), Маргарит Каре (шефица на работничките) и Мица Брикард (дизајнерка за шапки и главен стилист). Новите колекции Диор секогаш ги претставувал во јануари и август и на ревијата секогаш имало по околу 2.500 луѓе. Во секоја колекција тој претставувал по околу 200 модели и ревиите не биле пократки од два ипол часа. Понекогаш тој
ангажирал и обични жени само за да покаже како ќе изгледа неговата облека на тие што треба да ја носат, а не само на манекенки.
Неговите најголеми клиенти сепак живееле во Америка – холивудските ѕвезди, елитата на Њујорк… Како најпрестижна модна куќа во Париз, Диор имал можност да ги одбира своите асистенти. Од него учел Пјер Карден пред да започне своја модна линија, а асистент му бил и Ив Сен Лорен. Всушност, тој работел заедно со Лорен на својата последна колекција, есен 1957. Кога ги завршил сите подготовки со моделите, заминал на краток одмор во Италија. Десет дена подоцна починал – се задавил со коска од риба додека вечерал.
Францускиот весник “Ле монде” напишал дека Диор бил “синоним за добар вкус, вистински уметник и човек кој му го вратил модниот сјај на Париз”. Првата колекција по смртта на Диор била вистинска сензација – за само девет недели ја дизајнирал, тогаш 21-годишниот Сен Лорен.