Search for content, post, videos

Летна детоксикација на бубрезите

Бубрезите се дел, орган од нашето тело без кој тоа не може нормално да функционира. Тие учествуваат во процесот на прочистување на крвта од токсините и исфрлување на течностите преку урината. Секој ден низ нашите бубрези поминуваат околу 200 литри крв за да се прочисти од вишокот течности и токсини. Бубрезите произведуваат важни хормони за нашиот огранизам како што се еритропоитинот, кој го стимулира производството на црвени крвни зрнца во организмот, потоа ренин кој го регулира крвниот притисок и калцитриол – активна форма на витаминот Д, кој помага во задржувањето на калциумот во коските и во балансирањето на хемиските процеси во организмот.

Што претставува чистењето на бубрезите?
Во нашето тело веќе постои природен механизам на чистење на бубрезите. Ако конзумирате доволно течности, вода и чај, бубрезите сами се чистат. Чистењето на бубрезите е многу корисен за нашиот организам. Покрај тоа што ја подобрува нивната функција и спречува создавање на камења во бубрезите, чистењето на бубрезите помага и за целосна елиминација на отровите од нашето тело, го подобрува имунитетот, го нормализира крвниот притисок и работата на мочниот меур и мочните канали. Често пати под чистење на бубрезите се подразбира користење разни природни производи кои помагаат при детоксификацијата на бубрезите, ја подобруваат нивната функција и спречуваат создавање на каменчиња во бубрезите. Според експертите, со чистењето на бубрезите освен што се подобрува нивната работа, тоа помага и во исфрлање на сите токсини од организмот, го подобрува имунитетот, го нормализира крвниот притисок и работата на мочниот меур. Прочистувањето на бубрезите вклучува употреба на лековити растенија, витамини и одредени видови храна. Од лековитите растенија кои ја подобруваат функцијата на бубрезите се ѓумбирот, киселецот, коренот од бел слез, смрека, коприва, магданос. Од овошјата и зеленчукот кои учествуваат во прочистувањето на бубрезите, првото место го зазема лубеницата, потоа следува дињата, па сокот од лимон, сокот од брусница, семките од тиква. Витамините Б2 и Б6, како и магнезиумот исто така придонесуваат за подобрување на работата на бубрезите. Грижете се за вашите бубрези за да бидете здрава.

Еве неколку докажани методи како да се погрижите за здравјето на вашите бубрези и да го намалите ризикот од разни заболувања:
– престанете да пушите, да конзумирате алкохол и кофеин
– одржувајте го нормалното ниво на крвниот притисок и шеќерот
– редовно проверувајте го холестеролот
– одржувајте здрава телесна тежина
– пијте многу вода (барем 8 чаши дневно)

Нездравата исхрана доведува до создавање на камења и песок во бубрезите. Тие настануваат од кристалите кои се таложат од урината и се собираат во внатрешната површина на бубрезите. Симптомите за бубрежни каменчиња се силни болки во бубрезите или долниот дел на абдоменот. Бубрежните каменчиња можат да предизвикаат потешкотии при уринирањето, крв во урината, голема мачнина, повраќање и висока температура.
Превенција од појава на бубрежни каменчиња – Најважно е да пиете многу вода, обична а не газирана вода, и да го намалите внесот на солта во организмот. Луѓето кои имале проблеми со камења во бубрегот треба да ја избегнуваат храната која содржи многу оксалати, како што е чоколадото, оревите, сусамот, како и да избегнуваат многу зачинета храна. Меѓутоа најбитно е да се пие многу вода во текот на денот, бидејќи водата го спречува задржувањето на токсините и создавањето на камења во бубрезите.

Најдобриот овошен чистач – лубеница
Лубеницата или бостан како што е позната кај нас е зеленчук од семејството на тиквите. Процентуално во својот состав содржи најмногу вода, дури 92% и е многу здрав продукт во исхраната на човекот. Претставува едно од ретките зеленчуци кои се сметаат за овошје бидејќи е многу слатка и луѓето најчесто ја користат како десерт. Постојат многу заблуди дали лубеницата е овошје или зеленчук, но едноставното правило кое зборува дека во случајот на лубеницата се работи за зеленчук е тоа што се работи за плод на едногодишно растение, што е правило кај зеленчуците. Сите плодови кои се користат како храна и кои мораат да се садат секоја година се зеленчуци. Лубеницата потекнува од Африка, а вирее во делови каде има медитеранска клима. Македонија спаѓа во една од државите во светот кои произведуваат квалитетни лубеници. Лубеницата е најдоброто овошје кое многу позитивно делува на бубрезите и нивното чистење. Посебно се препорачува чај од семките на лубеницата, но и јадењето на јадрото на лубеницата многу убаво делува на бубрезите. Чајот од семките на лубеница го приготвувате така што 1 супена лажица ситно сечкани семки од лубеница (или сомелени во блендер) ги преливате со пола литар жешка вода и оставете да остине. Потоа процедете и веднаш испијте го чајот. Секогаш приготвувајте свеж чај. Пијте го три пати неделно. Исто како чајот од семките на лубеницата, многу делотворен за бубрезите е и чај од семките на целерот. Една лажица свежо сомелени семки од целер се прелеваат со половина литар жешка вода и се остава да остине, се процедува и се пие. Пијте го еднаш дневно.
Чајот од магданос е еден од најдобрите прочистувачи и извор на витамини, па затоа пијте го кога сакате и колку сакате.
Искористете го летото да го прочистите своето тело. Уживајте во прекрасниот вкус на лубениците и дињите и подобрете го своето здравје.

Силвана Јованчева