Search for content, post, videos

Летното задоволство на најубавиот ден во животот….

Колекцијата Летно задоволство е само една од низата на  креаторка Синди Караџа, а името го добила токму поради карактерот на самите венчални фустани од колекцијата.

“Мојата цел беше да изработиме венчални фустани кои ќе одговорат на желбите на сите невести. Венчаници кои имаат нежен крој, кои ве обземаат со својата аристократска убавина, кои се лесни и разиграни”, вели креаторката.

За да се добие совршен невестински фустан, големо внимание треба да се посвети на квалитетната изработка и вистинскиот избор на материјали.
“Одбирањето на најпрефинетите материјали, уникатни тантели кои се посебно изработени по наша желба секогаш го гарантираат успехот. Материјалот претставува голема инспирација при креирањето на еден невестински фустан. Доколку работите со посебни материјали, инспирацијата доаѓа сама по себе. Тогаш можете да бидете сигурни дека имате добар почеток во создавањето фустан којшто ќе ги освои сите идни невести”.

За Синди најголема инспирација при креирањето на своите модели на венчални фустани е фактот дека е дел од најважниот ден за идната невеста, можноста да ја направи среќна. “Како и до сега, и за оваа колекција бев водена од желбата и она што го бараат идните невести. Секоја девојка посакува да и се оствари бајката, да блесне и да биде посебна на својот ден. Јас и мојот тим од QUEEN постоиме за да ја оствариме таа бајка, да го изработиме совршениот фустан за секоја невеста”.

Креациите на Синди Караџа се дел од нејзиниот сон уште од мали нозе. Со креирање невестински фустани се занимава повеќе од 25 години. По завршувањето на Академијата во Турција, таа започнала соработка со повеќе модни куќи од Швајцарија и Турција. Таа соработка траела со години се додека не се одлучила да отвори свое модно ателје во Скопје, QUEEN. Таму Синди секојдневно го живее својот сон.
Нејзините модели и креации доживеаја огромна експанзија и станаа конкурентни на македонскиот, албанскиот и косовскиот пазар, а моделите ги има и на пазарот во Швајцарија.