Search for content, post, videos

Лош човек или… никаков човек

Дали постојат лоши луѓе? Или нашата свест сама одбира да ги оценува како лоши или добри? Можеби навистина некој е роден да биде лош или пак се раѓа чист, неизвалкан, а потоа станува… да речеме лош!
Никогаш не сум размислувала на темата – лоши луѓе. Понекогаш се фаќам самата себеси да си кажам – да, тој е лош човек, но потоа всушност сфаќам дека и не знам точно како би можела да го опишам човекот како лош. Но сфаќам и дека се почесто се наоѓам во ситуации да се запрашам дали некој човек вреди да го оставам на својата листа – добри луѓе со кои вреди да останам во било каква врска – пријателска, познаничка, деловна… Најчесто, барем јас лично, во животот ги делам луѓето на добри – луѓе со кои сум во било каква врска, и луѓе со кои едноставно немам ништо, дури ни едно обично “здраво”, едноставно не постојат. Не знам зошто, но таа моја реакција ја практикувам од детството. Луѓето кои на било кој начин не ми се допаѓаат или ми грешат, како со гумичка ги бришам од белиот лист и тоа е крајот. Тоа значи – јас всушност никогаш и не сум се нашла во ситуација да размислувам дали постојат лоши “ликови”.
Денес сама со себе разговарам и размислувам… Кој би можел да биде окарактеризиран како лош? Дефинитивно – себичниот. А себичен е оној кој постојано мисли дека е во право, дека е безгрешен, дека секој друг може да направи грешка а тој никогаш, оној кој пред се ни и потоа гледа само за себе и свое добро. Самобендисаниот – точно, секој за себе треба да верува дека е добар и најдобар, но до одредена граница. Зашто кога таа ќе се надмине… е тоа е веќе трагично. За околината, секако.

Лажливецот – кој умешно го сокрива својот вистински лик и е супер пријател, но во лошите денови, денови кога едноставно не му е по кеф, сите околу него не чинат, па и не мора да му бидат ни пријатели, ни колеги ни познаници… тие за него тогаш не заслужуваат ни едно “добро утро”. И да не ги набројувам…крадливците,манипулаторите и некои уште потешки категории ( за среќа, не сум имала можност да налетам на такви во мојот живот).
Но овие првите што ги набројав… за жал, станаа дел од моето секојдневие. Понекогаш дури помислувам – дали луѓето се менуваат или јас едноставно не умеам да препознавам? Можеби пренаивно сум пристапила во почетокот и сум ги прифатила како да се најдобри за мене.
Можеби… Тоа можеби овој пат ќе остане да стрчи во воздухот додека да откријам. А дотогаш… Ќе се направам малку паметна и ќе си земам малку слобода да ве посоветувам – измерете трипати пред било што да кажете или да одберете. Пријател, партнер, познаник, колега… изгледа сите ќе мораме да се потрудиме да бидеме малку поголеми психоаналитичари ако сакаме да си заштедиме некое разочарување во животот. Јас веќе направив неколку грешки и разочарувањето не ме одмина. Но тоа не ме убива зашто, утре е нов ден, а новиот ден ми носи ново искуство и малку појасен видик пред мене!

Слаѓана Тошиќ