Search for content, post, videos

Како до заводлив поглед?

Со само неколку движења на пинцетата, вашето лице може да добие сосема нов изглед… визуелно да ви го отвори лицето, да ја истакне природната убавина и најважно – да ве ослободи од вишокот…

Секој што рекол дека мора да се истрпи за убавина, веројатно мислел и на моментот на скубење на веѓите. Но мал момент на болка дава големи награди потоа. Некои жени сакаат густи веѓи. Други, пак, имаат само тенка линија. Во секој случај, се е до вкусот… Но немојте само да се водите од правилото – што потенки веѓи. Тоа е најголемата грешка што ја прават повеќето жени, убедени дека така треба. Напротив, правилото на убавината гласи – природното е најубаво. И тоа е точно.
Бидејќи на секој вид на лице не му одговара иста форма на веѓи, а и како што премногу густите веѓи делуваат премногу грдо и невкусно, така и премногу тенките веѓи делуваат уште поневкусно.
Поентата на скубењето на веѓите е всушност – обликувањето. Значи, да ги отстраните вишоците, разумно, и никако да не ги претенчите.
Постапката до убави веѓи е многу едноставна. Потребни ви се само: пинцета, чиста четкичка за веѓи и гел за веѓи. Пред да започнете, доколку не можете да ја истрпите болката, употребете малку мраз за да го здрвите местото, а воедно тој ќе ви помогне и да го намалите црвенилото.
ЧЕКОР БРОЈ ЕДЕН: ОДРЕДЕТЕ ЈА ФОРМАТА
Земете едно моливче и ставете го исправено, веднаш до носот. Тука треба да почнуваат веѓите. Полека придвижувајте го моливчето кон другиот крај на веѓата. Кога ќе добиете коса линија, веднаш крај окото, крајот на веѓата би требал да е тука. Најдете ја вистинската линија на веѓите гледајќи се во огледало и одбележете ја со моливчето. Почнете да го движите моливчето од почетокот на окото кон неговиот крај. Местото каде што моливчето ќе почне да се допира до веѓата е нејзината највисока точка. Ако сакате да видите како ќе изгледа вашата веѓа откога ќе ја искубете, употребете течна пудра да ги обележите влакненцата кои ќе ги отстраните.
Запомнете: не заборавајте да ја отстраните шминката пред да започнете со скубењето.

ЧЕКОР БРОЈ ДВА: СКУБЕЊЕ
Исчеткајте ги веѓите нагоре и најди ги оние влакненца кои стрчат надвор од линијата која ја исцртавте со моливчето. Почнете со скубењето, така што пинцетата ќе ја ставите сосема блиску до коренот на влакненцето. Вадете едно по едно влакненце. Потегнете во правецот во кој расте влакното. Ако го потегнете во спротивниот правец, само ќе го искубете, но нема да го извадите коренот. И внимавајте да не искубете некое влакненце што не треба. Затоа, од време на време проверувајте до каде сте стигнале.
ЧЕКОР БРОЈ ТРИ: ПОПОЛНЕТЕ
Одберете ја вистинската боја за своите веѓи. Природните црвенокоси и блондинки може да употребуваат кафеави тонови на жолта база, а сите други треба да се придржуваат кон темните тонови, но никогаш не употребувајте црно. За да имате убави веѓи, четкај ги секој ден и нанесувај од гелот за веѓи. Некои гелови се во боја, па така добивате два производа во еден.
ПРОБЛЕМ: ГУСТИ ВЕЃИ
Понекогаш е потребно прво да ги искубете веѓите помеѓу очите. Потоа одете со ред, најпрво влакненцата во најдолниот ред па во следниот над нив. Подзастанувајте од време на време за да не ги истенчите премногу затоа што ќе отидете во другата уште поневкусна крајност – веѓи како линија. Густите веѓи најчесто нема потреба да ги истакнувате дополнително со моливче. Штом ќе ги разретчите малку и ќе им дадете форма, доволно е да продолжите да ги негувате само со гел за веѓи.

ПРОБЛЕМ: ВЕЃИ БЕЗ ФОРМА
Понекогаш на веѓите им треба само мало обликување. А тоа значи, потребно е да искубете само неколку влакненца кои стрчат од страните и ја попречуваат формата да излезе во прв план. И во овој случај доволно е со моливчето да ја означите зоната со моливче за очи и тогаш да ги искубете тие неколку вланенца. И ништо повеќе!

ПРОБЛЕМ: РЕТКИ ВЕЃИ
Уште еден од најчестите проблеми со кој се соочуваат некои жени се ретките веѓи. Но тоа не значи дека ако се ретки и дека се убаво обликувани. Ретките веѓи исто така можат да имаат раштркани влакненца кои не и дозволуваат на природната форма да излезе во прв план. Затоа, и ретките веѓи треба да се обликуваат. А за да ги пополните празнините, едноставно употребувајте моливче или сенка. Внимавајте бојата да биде скоро иста како и бојата на вашата коса. Откако ќе ги исцртате и пополните, не заборавајте да поминете со четкичката врз нив за да го отстраните вишокот. И на крајот, доколку сакате да ги зацврстите, слободно поминете со еден слој проѕирна маскара врз нив.