Search for content, post, videos

Каде грешите во воспитувањето на вашиот тинејџер?

Најголемата грешка е кога забораваме да ги пофалиме и не им покажуваме доволно љубов, кога немаме време за нив, кога ги омаловажуваме или им поставуваме прекумерни барања…

Преголемата контрола како и преголемата слобода се еднакво погубни во воспитувањето на децата, особено во раната младост. Родителите најмногу грешат кога покажуваат премалку интерес за активностите со кои се бават нивните тинејџери, кога недоволно ги фалат и не покажуваат љубов, кога немаат време за нив, ги омаловажуваат и им поставуваат преголеми барања, притоа не почитувајќи ги нивните чувства. Грешат кога и самите не им се пример и кога не можат да се изборат со пороците или лошите навики, кога сè подредуваат на стекнувањето материјални добра или ги оптоваруваат со своите животни проблеми.

Всушност, секој родител треба да се однесува посуптилно кон своето дете-тинејџер, бидејќи во вој период од неговото растење тоа почнува да размислува поинаку, увидувајќи дека неговите родители всушност не се совршени и безгрешни, велат психолозите. Во суштина, со „превоспитување“ на тинејџерот може да се направи многу малку. Но затоа, пак, може да се разговара, но под услов претходно да се вооружите со многу трпение и да почекате тинејџерот сам да излезе од тој сопствен чудно обоен свет.