Search for content, post, videos

Кога воспитувате тинејџер…

 

Тинејџерската возраст подеднакво тешко им паѓа и на родителите и на децата. Иако понекогаш не изгледа така, но тинејџерите сепак многу си ги сакаат своите родители.. Конфликтите меѓу тинејџерите и родителите се најнормална работа – едноставно, не може да се расте без конфликти.

Кавгата не е секогаш штетна, тоа е всушност еден од начините детето да се бори за сопствената личност, природен придружник на развојот. Најмногу проблеми во растењето имаат тинејџерите што не влегуваат во конфликти, оние што не знаат да се борат за себе. А најважно од сè е – и покрај сите конфликти, децата сепак не престануваат да си ги сакаат своите родители. Тоа им паѓа особено тешко на родителите кои, додека децата им биле мали, имале улога на господари, но тоа мора да се смени во периодот на адолесценцијата. Во спротивно, ќе добиете дете што е целосно неспособно и неподготвено за самостојност.

Не споредувајте го 

Тинејџерите се чувствителни, затоа избегнувајте ги коментарите од типот „зошто не си како…“ бидејќи тоа ќе ги „збесне“. Она што им е потребно е пофалба, но не во смисла – добро го направи тоа, туку чувството дека нивната личност се почитува. Тие се свесни дека не се совршени, но постојаните префрлувања создаваат контраефект. Така го губите соговорникот во детето. Затоа, кога е потребно, критикувајте го однесувањето, а не личноста на вашето дете. Секое губење на контролата, како што е на пример викањето или физичкото насилство претставува дозвола за детето и самото да се однесува така. Тоа всушност го засилува она што го одбива од родителите, без оглед дали е добро или лошо.

Проблемите се исти, но околностите се поинакви

И родителите некогаш биле тинејџери, иако на децата им е тешко да поверуваат во тоа. Иако сите тинејџери ги измачуваат слични проблеми, сепак мора да сфатите дека времињата се сменети. Ние не знаеме како изгледа светот на нашите деца бидејќи едноставно не сме растеле на тој начин. Пред да почнете да го споредувате своето дете со себе, помислете колку се разликува вашето растење од растењето на вашите родители. Тоа не значи дека не може да постои комуникација, туку дека таа треба да се води на поинаков начин.

Забраните не значат ништо

Секоја забрана што ќе му ја поставите на вашето дете е забрането овошје за него. Тоа е лош пат во воспитувањето, кој моментално наидува на отпор. Од друга страна, детето треба да се запознае со ризиците со кои се соочува. Уште додека е мало, на детето треба да му се објасни што е опасно, а што безбедно, бидејќи воведувањето забрани во тинејџерскиот период е едноставно невозможно. Друштвото е важна алка во формирањето на самодовербата. Повеќето родители не сфаќаат колку му се важни другарите на детето. Друштвото има многу важна улога во градењето на сликата за себе, поради што треба да го поддржите своето дете, но и да му обрнете внимание кога прави лош избор.

Дозволете му на вашето дете да ве запознае 

Додека го испрашувате својот тинејџер каде бил, со кого и што правел, не заборавајте да го пуштите малку да влезе и во вашиот свет. Прашајте го што би сакал да дознае за вас, и сигурно ќе се изненадите. Дозволете му да дознае нешто и за вашите искуства. Отворете простор за дијалог, кој подразбира и вие да слушате, а не само да зборувате. Родителите и децата треба да изградат близок однос, што сепак не значи буквално другарство. Во воспитувањето треба да ве водат три принципи, а тоа се нега, контрола и водство, поточно насочување.

Каде грешите во воспитувањето на вашиот тинејџер?

Најголемата грешка е кога забораваме да ги пофалиме и не им покажуваме доволно љубов, кога немаме време за нив, кога ги омаловажуваме или им поставуваме прекумерни барања…

Преголемата контрола како и преголемата слобода се еднакво погубни во воспитувањето на децата, особено во раната младост. Родителите најмногу грешат кога покажуваат премалку интерес за активностите со кои се бават нивните тинејџери, кога недоволно ги фалат и не покажуваат љубов, кога немаат време за нив, ги омаловажуваат и им поставуваат преголеми барања, притоа не почитувајќи ги нивните чувства. Грешат кога и самите не им се пример и кога не можат да се изборат со пороците или лошите навики, кога сè подредуваат на стекнувањето материјални добра или ги оптоваруваат со своите животни проблеми.

Всушност, секој родител треба да се однесува посуптилно кон своето дете-тинејџер, бидејќи во вој период од неговото растење тоа почнува да размислува поинаку, увидувајќи дека неговите родители всушност не се совршени и безгрешни, велат психолозите. Во суштина, со „превоспитување“ на тинејџерот може да се направи многу малку. Но затоа, пак, може да се разговара, но под услов претходно да се вооружите со многу трпение и да почекате тинејџерот сам да излезе од тој сопствен чудно обоен свет.