Search for content, post, videos

НАЈГОЛЕМИОТ УСПЕХ ВО ЖИВОТОТ Е СРЕЌНО ДЕТЕ

Современиот начин на живот ги наметнува искривените правила што излегуваат од рамките на она како постапувале нашите родители со нас. Сѐ повеќе се соочуваме со „современи“ родители што се плашат да излезат од својата зона на удобност и да ја нарушат сопствената хармонија, па родителството го сфаќаат како товар и нарушување на секојдневието. Но, само додека да сфатат дека тоа е најубавиот период од животот на една личност…

 ТЕЛОТО СЕ МЕНУВА, НО ЗАДОВОЛСТВОТО РАСТЕ

Откако жената ќе се породи и ќе почне да дои, телото целосно се менува. Доаѓаат непроспиените ноќи, нервозите и сите одговорности околу најмалиот член на семејството. Тогаш стигнува разочарувањето. Но, почетоците се секогаш најтешки. Иако станува збор за најблагородниот период во животот на родителите. Од времето на нашите родители кога ние бевме деца, многу работи се изменија сега кога ние треба да бидеме родители. Но, тоа не значи дека не можете да го дадете својот максимум и да се обидете на најлесен начин да прифатите дека тоа мало детенце што без никакво чувство на вина ве буди во доцните часови е најскапоценото и најубавото нешто што ви се случило во животот. Доаѓа време кога ќе разберете дека моментот кога ќе го земете вашето најмило во прегратка е многу поважен од темните кругови околу очите и брчките за кои секогаш се грижевте вешто да ги сокриете. Ви текнува на слободата и на сите моменти што ви се скратени, но сфаќате дека во рацете го држите целиот свет и повеќе ништо друго не е толку важно. Иако не сте рамнодушна кога ќе се погледнете во огледало помислувајќи како целиот напор да останете во добра форма бил залуден, сепак свртете го погледот накај своето дете и ќе сфатите дека таа трансформација не била залудна.

ЗА ПРВПАТ ВО ЖИВОТОТ, НЕКОЈ ДРУГ Е ПОВАЖЕН ОД ВАС

 Ако досега своите желби и обврски ги стававте на прво место, сега е време својата енергија да ја насочите кон вашето дете. Промените не се нималку лесни, но откажувањето од сопствените амбиции е задолжителен дел. Ако досега внимававте на здравиот начин на живот и здравата исхрана, сега ќе се пренасочите кон подготовка на здрави оброци за вашете дете со внимателно одбрани продукти и целосно здрав начин на живот. Но, тоа не значи дека се откажувате од себеси. Само сте ставиле некој друг пред вас и неговата среќа е најважна. Кога ќе научите дека не треба да им се спротивставувате на обврските и на сите одговорности што доаѓаат со раѓањето на бебето, полесно ќе се снајдете во целата новонастаната ситуација и одново ќе можете да си создадете свој дневен ред, овој пат сосем поинаков од претходниот.

ДЕТЕТО НЕ ПРАВИ ХАОС ОД КУЌАТА, ТУКУ ДОМ

Секојдневно ги слушам коментарите од моите пријателки како детето прави хаос со играчките на сите страни, шишето на една страна, чинијата на друга, коцките на трета, а топлото кафе остинало и веќе ништо нема смисла, животот ја губи својата боја. Колку голема заблуда! Дали средените полици и празните масички носат поголема хармонија од детскиот џагор и обидот тоа мало дете да си создаде радост во својот свет преку играчките и сите нешта што ви пречат вам. Тоа не прави хаос од вашиот живот, туку го средува. И не прави хаос од вашето живеалиште туку од него создава дом и му дава смисла на секој нов ден. Кога ќе порасне, сѐ би дале барем уште еден ден да ги гледате расфрланите играчки и тие две рачиња што се трудат да склопат две коцки. Помислете само колку чини радоста кога ќе успеат во тоа. И колку вреди таа насмевка со првите запчиња после долгите непроспиени ноќи. Ова богатство нема цена, но има ограничено траење. Детето расте, а вие научете да уживате во секој негов нов ден, бидејќи тоа се непроценливи моменти кои никогаш нема да се вратат.

СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ МОЖАТ ДА ПОЧЕКААТ. ВАШЕТО ДЕТЕ Е ПОВАЖНО ОД ВИРТУЕЛНИТЕ ПРИЈАТЕЛИ

Кога ќе се сетам на најраните денови од моето детство, никаде во сеќавањето не можам да соочам момент со она што се случува сега. Современиот начин на живот е виновен за постапките на многумина. Познавам пријатели на кои компјутерските игри им се поинтересни отколку игрите со сопственото дете и мобилниот телефон и социјалните мрежи се поактуелни додека нивното малечко лежи во своето креветче и си игра со некоја излитена играчка. Тоа го прават многумина и за жал за нив тоа е сосема нормално. Но, ајде да ја погледнеме приказната од другата страна. Порано немало сматфони, но имало други алатки за забава, а сепак нашите родители нѐ одбрале нас за најдобро поминато слободно време. Наредниот пат кога повторно ќе го сторите тоа, само помислете на овие зборови и завртете ја главата на другата страна, кон вашето малечко. Она што ќе го видите ќе ви го даде соодветниот одговор на тоа што е најдобро во тој момент да направите. Во ред е да имате и свој начин на одмор и време за себе, но само откако ќе ги исполните сите одговорности и обврски кон него.

ПСИХОЛОШКАТА ЗРЕЛОСТ НЕМА ВРСКА СО ГОДИНИТЕ

Родителството е голема одговорност, но и најголемата среќа што овој живот може да ни ја даде. Колку родителите се подготвени за тој чекор, нема никаква врска со возраста, туку со соодветната психолошка состојба. Некои луѓе и по триесеттата година во животот сметаат дека сѐ уште не се подготвени за улогата родител. Повеќе се грижат за успехот, кариерата, забавите, редовната грижа за сопственото тело и разубавувањето, отколку за својот биолошки часовник. И едноставно не сакаат да разберат дека најголемиот успех во животот не е оној на деловното поле туку во домот, како остварен родител. И нема поголема исполнетост во животот, ниту поголемо признание, бидејќи најголемиот успех во животот е среќното дете!

Надица Пушкоска