Search for content, post, videos

Мали семчиња кои здравје значат – Сусам

Еден од најкорисните додатоци во исхраната е превкусниот сусам. Сусамот е едно од првите маслодајни растенија кои ги одгледувал човекот. И не случајно е спомената магичната моќ на сусамот во приказните на Шехерезада. Сусамот и сусамовото масло се едноставно незаменливи во кујната.
Не постои човек кој не ја слушнал познатата реченица “Сезаме отвори се”, што на децата им е асоцијација за некоја волшебна врата, а всушност се мисли на сусамот (сезам) кој се раѓа како зрно, кое кога ќе созрее експлозивно се отвора, при што семките сусам излегуваат надвор. Сусамот е еден од најстарите зачини во светот, кој најпрво почнал да се употребува за да се произведе масло. Според записите кои датираат 3500 години пред нашата ера, сусамот се одгледувал по должината на брегот на реките Тигар и Еуфрат.

Од историјата на сусамот…
Асирските легенди раскажуваат како во длабоката древност, кога боговите се сретнале за да го создадат светот, тие пиеле вино направено од сусамово семе. Првите податоци за постоењето на оваа маслодајна култура доаѓаат од Кина, каде уште 5000 година п.н.е. се правело мастило од црните саѓи добиени при согорување на сусамовото масло за осветлување. Жените во Антички Вавилон, пак, верувале дека сусамот, помешан со мед и алва ја зголемува нивната убавина. Во Индија сусамот бил симбол на бесмртност. Сусамот брзо навлегол и во кујната на Античка Грција и Рим и станал дел од менито на античките воини. Во Азија и арапскиот свет со векови наназад го сметале сусамот за силен афродизијак. Репутацијата веројатно се должи на високата содржина на минералите железо, калиум, калциум и магнезиум, како и витамини Е, А и В9.

Лекувајте се со сусам
Сусамот ги ублажува симптомите при менопауза и значително го зајакнува имунолошкиот систем на организмот. Често наоѓа примена при разни гинеколошки и уролошки инфекции, а непроценливото сусамово масло има исклучително благотворен ефект врз крвните садови и соодветно е за лекување хемороиди. Се почесто сусамот се наоѓа и на диететските листи, и тоа не е случајно. Сусамот е добар извор на калциум, магнезиум, бакар и селен. Кога ќе се додаде богатата содржина на протеини, целулоза, витамини од групата Б и фолна киселина, станува јасно зошто потрошувачката му се зголемува постојано. Нутриционистите препорачуваат сусамот да се конзумира интегрален, бидејќи содржината на корисните материи, витамини и минерали се намалува при отстранување на површинската обвивка на семето. Билката сусам традиционално се користела за чистење на кожата, како и за внатрешно прочистување од токсини. Листовите се користеле за смирување на тегоби кај децата, како што се дијареа или тегоби со мочниот меур. Коренот од оваа билка може да помогне за смирување на кашлицата и за лекување астма. Се препорачува доилките да внесуваат голема количина сусам затоа што тоа ќе го зголеми количеството на млеко. Семето од сусамот ги зајакнува нервите, ја поттикнува работата на мускулите на срцето, создава одбранбена материја против ракот, ги уништува габичките.

Сусамот е зачин за кој нема кулинарски граници – без разлика дали ќе биде додаден во предјадењето, главното јадење или десертот, дали ќе биде во комбинација со месо, риба, живина, овошје, зеленчук или тестенини, тој им дава исклучителен идентитет на јадењата.

Силвана Јованчева