Search for content, post, videos

Малите глави се малечки, но умни – Др. Љиљана Којиќ

Малите глави се малечки, но умни. Тоа се малечки личности и во нив се крие интелект, својствен на човечкиот вид, кој чека да биде развиен.

Љиљана Којиќ е педијатар со 30 годишно работно искуство, а од октомври 2018  е педијатар во сопствена пракса.

 Колку доењето спречува развивање на вируси? До која возраст препорачувате бебето да се дои?

Доењето е супериорен начин на исхрана во однос млечните формули од многу аспекти, вклучувајќи го и имунолошкиот, каде што самото доење на бебето има и имуно-протективна улога, и тоа не само кон инфекции, туку и како превенција на алергии. Сепак и покрај сите овие бројни бенефити на доењето, доењето не е „магичен вел„ ниту пак „волшебна заштита од инфекции“.  Заштитата на бебето од инфекции ја правиме со изолирање на настинатиот член на семејството од бебето. Доколку тоа е мајката, мајката треба да продолжи со доење, не треба да прекинува, но мора да ги дезинфицира темелно рацете, да носи маска за време на подојот, а по подојот да го даде бебето на здрав член на семејството. Се така додека не закрепне, кога ќе може повторно да биде со бебето. Во однос на времетраењето на доењето, она што сите педијатри ќе го препорачаат е тоа да трае минимум 3-4 месеци, но секој ден потоа е награда. Оптимално е детето да биде доено барем 12 месеци, а потоа јас би го препуштила изборот на мајката и детето: ако двете страни се расположени доењето да продолжи – тоа ќе го храбриме. Ако детето изгуби интерес-нема да го форсираме, ниту пак мајката, ако таа веќе не сака или се чувствува изморено и исцрпено. Но доколку и детето сака, и мајката има желба- ќе го храбриме се додека едната страна не стане незаинтересирана.

Со оглед на денешните околности во кои живееме, колку е безбедно бебето да се пушти во градинка?

Во светло на актуелната исклучително сериозна епидемиолошка ситуација со Ковид 19, искрено-не мислам дека ова е најпогоден момент за отпочнување на посета на градинка.

Колку е важна социјализацијата од рана возраст?

Социјализацијата е важна во развојот на детето. Но, лично сметам дека соматското здравје на детето е поважно од социјализацијата во моментов. Во пандемијава, социјализацијата е преценета и не смее да биде на сметка на здравјето на детето и на сметка на здравјето на неговото семејство. Мислам дека аргументот на социјализацијата во услови на пандемија е ризик, во услови на вакво неконтролирано ширење на овој непредвидлив вирус. А ако основата е здрава, детето ќе го надомести тоа.

 Каква комуникација треба да се воспостави со детето, со цел правилен психофизички развој и правилен говор? Колку користење на електронските уреди (таблет, телефон) влијае врз развојот на децата од рана возраст?

Од најраните денови со бебето треба да се комуницира, треба да му се зборува. Колку и да изгледа бесмислено, верувајте дека не е. Тоа е инвестиција во идниот говор и вербалната комуникација на детето. Малите глави се малечки, но умни. Тоа се малечки личности и во нив се крие интелект, својствен на човечкиот вид, кој чека да биде развиен. Ќе се развие преку говорење со бебето, читање, играње разни игри прилагодени на возраста и константна интеракција со нив. Затоа е важно интеракцијата со бебето да е реална, а не дигитална. Не препорачувам употреба на дигитални уреди, таблети и смартфони во првата година од животот. А доколку ги има, тоа никако не смее да биде подолго од еден час во денот. Содржините кои детето ги гледа, треба да се вербални и на јасен и разговетен мајчин јазик. По  деветтиот месец исклучително е важно на детето да му се зборува  на мајчин јазик, јасно и разговетно. По деветтиот месец таканареченото нагалено „бебешко“ зборување со бебето треба да биде заменето со јасна и разговетна вербална комуникација на правилен мајчин јазик.

 Глобалните здравствени политики се почесто наметнуваат одредени вакцинации. Истото создава и страв кај родителите. Колку сметате дека треба децата да се вакцинираат, особено со новите вакцини (пр. Рота, Ковид)?

Јас сум доживотен про-вакс поборник. Вакцините се една од најголемите цивилизациски придобивки и многумина од нас се живи токму благодарение на систематската масовна вакцинација по Втората Светска Војна. Апсолутно се залагам за вакцинирање на децата, а новите две вакцини, кои во нашава земја станаа дел од вакциналниот календар пред 2 години, а тоа се вакцината против стрептококните инфекции и против рота-вирусот веќе даваат резултати. Тоа се две модерни вакцини кои апсолутно ги препорачувам. Што се однесува за вакцините против Ковид, кои иако ќе ги препорачам на возрасните, кај децата не би давала никакви насоки од едноставна причина што испитувањата на овие вакцини на детската популација туку што се започнати и немаме доволно податоци. Истотака и СЗО додека не добие податоците за нивната сигурност во детската популација не препорачува вакцинирање на деца под 18 години старост.

 Доколку мало дете е симптоматски позитивно на Ковид-19, дали треба да се прима антибиотска терапија на пример Сумамед, имајќи предвид дека при вирусни инфекции не се дава антибиотик, а Ковид-19 сепак се смета за вирус? Дали тој антибиотик би можел да биде штетен за детето и неговиот имунитет?

Ковид и кога е симптоматски, кај децата поминува релативно лесно и без компликации. Особено кај децата под 3 години. Антибиотиците се лекови за лекување на бактериска инфекција. На вирусите немаат никакво влијание. Истото важи и за Ковид, кој е вирусно заболување. Верувањето дека давањето антибиотик е превенција детето „да не спушти на плуќа“, како што тоа нашиот народ го вели, е обичен мит. Апсолутно нема потреба од давање на антибиотик кај децата, особено кај оние помали од 3 години (зборуваме за здрави деца кои немаат никаква хронична болест). Особено не така силни антибиотици, како што е Сумамед. Ковидот кај овие деца е лесна, само-ограничувачка болест, која поминува за 3-4 дена сама од себе и давањето антибиотик е бесмислено. Антибиотиците, вклучувајчи го тука и Сумамедот, се одлични лекови, но само ако се даваат таму каде што имаме јасен доказ за бактериска инфекција. Давањето на антибиотик при вирусна инфекција (вклучувајќи го тука и Ковид) може да доведе до нарушување на имунитетот кај едно здраво дете, на тој начин што влијае на пореметувањето на функциите на еден вид бели крвни зрнца. Имајќи го сето ова претходно кажано – некомплициран Ковид не треба да се лекува со антибиотик, особено не кај деца.

Нена Неновска