Search for content, post, videos

“Мексико-Мал исечок од времето”

Таа е самоук фотограф. Во почетокот на фотографијата гледала како на страст, изблик, правела фотографии, но егоистично ги чувала само за себе.

Денес, по веќе десетгодишно искуство со фотографијата, Ивана Тасев е звучно име кое се докажа како врвен професионалец со оригинално чувство за естетика и оригиналност.

Почетоци…
“Со фотографија се занимавам веќе десет години. Искрено, во почетокот немав храброст да ги споделувам моите дела со другите луѓе, а уште помалку јавно. Ама некако со текот на времето моите пријатели ме разубедија и ме охрабрија дека треба јавно да изложувам и така првата изложба ја направив во Блу Кафе (кај чичко Стоилко) во 2005 година. Емил, сопственикот на ова кафуле, првин му отвори изложба на фотографии на Милчо Манчевски (тоа се оние дела на Милчо што претходно беа изложени во Музејот на современата уметност), потоа и мене.
Веднаш потоа добив покана од Искра Гешовска и Никола Гелевски да изложувам во Културниот центар Точка и во 2006 реализирав изложба во нивните простории. Во 2007 година имав самостојна изложба во Нови Сад, Србија, потоа во “Прима Центарот” во Берлин и наеднаш потоа во “Иституто Марангони” во Лондон, Велика Британија. Во 2008 година имав самостојна изложба во Музејот на современа уметност во Скопје, дела посветени на Калиопи по повод промоцијата на нејзиниот последен албум “Желим ти речи”, наменет за хрватскиот пазар”.


Уште еден домен во кој најмногу се цени природното е и фотографијата. А токму таква фотографија преферира и Ивана… “Работам со мануелец и работам најчесто со негативи, кои рачно се развиваат. Работам и со дигитален апарат, ама само кога морам. Но, кога работам
фотографија за себе, исклучиво создавам дела од негатив, кој има специфично крупно зрно што £
дава на фотографијата особено артистички, би рекла старински шмек, некако ја прави  безвремена. Сакам да создавам такви дела на коишто не можеш да им го одредиш датумот. Не сакам модерна глазирана, измазнета фотографија, средувана во фотошоп, пеглана, доправувана, нереална, која нема никаков допир со она што креаторот направил кога чкрапнал со својот апарат”.
Вели дека нема прецизен концепт ниту однапред искалкулирана идеја кога фотографира, но…
“Морам да признаам дека човекот ми е најмногу во фокусот на моето внимание. Отсекогаш сум правела анализи во гестикулацијата кај човекот, во неговите мимики, движења, хабитус на телото, начинот на кој ги движи рацете, неговиот поглед…. сите тие елементи и детали многу покажуваат и ми помагаат да го додефинирам неговиот карактерен поглед… неговата (не)сигурност, самобендисаност, убавина, грдотија, лутина, добрина, фрустрираност, надменост, (не)претенциозност, (не)искреност… тие детали и сакам да ги фотографирам, сакам фрагменти, не велам дека не ја почитувам целината, ама сакам да го пакувам човекот во делови. Но сакам да контактирам и со природата, и најчесто ја доживувам црно-бела, ја сакам тишината во природата, во дрвјата, во сенките, во отпечатоците, во контрастите, сакам јаки контрасти, едноставни фотографии, минималистички, непретенциозни, а сепак длабоки и чувствени…

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Не сакам многу наредена, полна, кичеста фотографија што го побудалува окото, да не знаеш каде попрво да погледнеш во неа”. На 14 април во Националната галерија Мала станица со почеток во 20 часот ќе се одржи нејзината самостојна изложба насловена како “Мексико – мал исечок од времето”…


“Тоа се дела од мојот престој во Мексико. Со мојот најдобар другар кој години наназад живее во Лондон се двоумевме каде да одиме на одмор. Имавме дилема меѓу Бразил, Малезија, Кенија и Мексико. Случајно изборот падна на Мексико. Па решивме од Лондон, преку САД, да слетаме во Мексико Сити, каде по една недела се ставивме на четири тркала. Од средно Мексико, имавме план да стигнеме до другиот крај на земјата до ривиерата Мајан на Карипското Море. Тој пат пресметано во километри во двете насоки изнесува 5000 илјади километри или 44 часа. До саканата дестинација и назад видовме повеќе од седум градови; преку дваесетина села; поминавме покрај десетици различни локалитети со пирамиди; качивме и спуштивме џунгла со над 4000 метри надморска височина, бевме буквално меѓу облаците, возејќи низ најголемиот Национален парк во Мексико – џунгла полна со водопади, јагуари и пуми. Додека возевме “упаднавме” во сериозен тропски пороен дожд и “влеговме” во облаци спуштени до земјата кои изгледаа страотно; доживеавме покрај патот безброј зајдисонца, во кои портокаловата топка, секое приквечерие полека се “втопуваше” во водата, за повторно наредниот ден да “исплива”… Пливавме со делфини, се сончавме со игуани, пробувавме мексикански специјалитети… разговаравме, понекогаш предолго, “кулиравме” во нашите кабанас куќички, “дегустиравме” мајан масажи, пиевме кубански и мексикански коктели… Финансиска поддршка добив од Министерството за култура, а просторот за изложување ми го додели Маја Крстевска, директорката на “Мала станица”. Изложбата е бише поставена во долните три простории, а ќе вклучува 39 дела. 28 беа со големина 50х70 см нормално врамени, а 11 дела беа со големина метар на седумдесет и ќе бидат составени од парченца, кубистички пристап. По отворањето на изложбата, забавата ќе продолжи во кафулето Арт кафе што се наоѓа во самата галерија и ДЈ Нино од ПМГ,  не забавуваваа до полноќ”.


Мексико од нејзина гледна точка…
“Во Мексико е се интересно и многу поразлично од европскиот систем на живеење и восприемање на животот и работите. Многу работи ме оставија без здив. Ете, конечно имав чест да бидам во градот на мојата хероина Фрида Кало и нејзината најголема љубов Диего Ривера, да ги видам неговите фамозни мурали, да ја посетам нејзината семејна куќа, да ги допрам нејзините четки за сликање, да ги прочитам нејзините писма до него, писмата кои и ги пишувале Троцки, Неруда, Гугенхајм… да го видам нејзиниот кревет, да си поседам во нејзиниот двор под сенка… сето тоа ми предизвика многу силна болка, поради нејзината судбина и сликарска генијалност и прерано прекинат живот, но воедно и убаво чувство да сум таму. Потоа те оставаат со подотворена уста, чудесните пирамиди на Ацтеките во познатата археолошка локација Теотихуакан, ги искачив и двете пирамиди – на Сонцето и на Месечината, отидов и до Чичен Ица, градот на Маите, ја извозев буквално целата ривиера Мајан на Карибите, натурална егзотика до лудило… ете вака накусо и нафрлено го доживеав Мексико, инаку импресиите во главата и душата се многу
посилни…”

Идни планови…
“Да избегам од градов на некое време…

МЕКСИКО МАЛ ИСЕЧОК ОД ВРЕМЕТО
“По самостојната изложба на фотографии во Музејот на современата
уметност, Ивана Тасев за прв пат се претстави во Националната галерија на Македонија со изложба на уметнички фотографии инспириани од нејзиниот едномесечен престој во далечното Мексико. Со своето најново искуство кое таа ни го пренесува, овој пат преку 40-тина фотографии, го претставува нејзиниот приказ на сето она што таа го доживеала од оваа древна земја, која претставува инспирација, а воедно и мотив, како уметник- фотограф да го забележи со фотографскиот апарат. Она што е карактеристично за овие фотографии е дека таа ни дава два уметнички пристапа. Тоа подразбира дека Ивана во дел од своите фотографии со поголема димензија ни дава еден кубистичко–мозаичен пристап кон уметничкото дело и навистина не внесува во еден само нејзин својствен поглед кон фотографијата. Во останатите фотографии таа дава друг пристап, овој пат преку црно бели површини ни ги доловува, репродуцира доживеаните сведоштва што ги втопила во својата мисла.

Слашана Тошиќ