Search for content, post, videos

МИСТЕРИЈА И ИМПРЕСИЈА ДО БЕСКРАЈ

 

Нешто што претставува мистерија до денешен ден се пирамидите во Гиза. Совршеноста во нивната изградба, нивната големина, масовност и импресивна градба оставаат импресија.

Најстарата и најголема пирамида е Кеопсовата пирамида во Гиза и претставува едно од седумте светски чуда на Античкиот свет и воедно и последна која постои денес. Платото во Гиза се состои од три големи пирамиди, големата Свинга,  гробиштата, селото на работници и индустрискиот комплекс. Пирамидите претставуваат гробници т.е. симбол за моќ кој владетелот го градел со цел да го обезбеди својот задгробен живот. Сите пирамиди се наоѓаат на западната страна на Нил, место на заоѓање на сонцето, што во египетската митологија асоцира на место на починатите души. Кеопсовата пирамида исто така е позната како пирамидата на Куфу со оргинална висина од 146,5 метри а денес таа е висока 138,8 метри. За неа се претпоставува дека била изградена од 400.000 платени мажи во период од 20 години. Но, тоа што е зачудувачки и за што сеуште постојат различни теории е во начинот на кој е изградена најголемата пирамида.  Се претпоставува дека за да се изгради биле ангажирани платени луѓе кои ги носеле огромните камења од каменоломот на бродови преку Нил до Гиза и потоа ги влечеле до местото каде се градела Пирамидата. Начинот на кој се донесени до тоа место и како се наместени претставува мистерија.  Постојат различни теории за тоа како се организирани работниците и како е планирана изградбата. Една од теориите е дека се цртаат делови од планот на земјата во размер 1:1 со што се добива прецизност која не може да се постигне на кој било начин. Исто така Кеопсовата пирамида е свртена кон север со што претставува најпрецизно усогласена градба на северна страна. Во внатрешноста на Кеопсовата пирамида откриени се одаите на кралицата и кралот во кој се наоѓа саргофагот. Отворена за посетители е одајата на кралот. За да се стигне до неа треба да се помине низ еден тесен ходник, а потоа се наоѓа големата Галерија која претставува премин до одајата на кралот со саргофагот. Големината на Одајата на кралот според некои научници одговара на геометриски методи за определување на ПИ кое може да се добие и од други димензии на пирамидата. Саргофагот бил издлабен од парче црвен гранит и не е познато дали бил направен со цел да биде погребано нечие тело зошто бил прекраток за да собере човек со средна висина без виткање на колена. Во кралската одаја се забележуваат два мали канали што одат кон надворешноста на пирамидата кои се смета дека биле направени за да се овозможи издигнување на духот од фараонот на небо.

Втората по големина е Кефреновата пирамида, гробницата на фараонот Кефрен кој бил син на Куфу. Висока е 136,4 метри. За владеењето на Кефрен нема многу податоци освен тоа дека е опишан како суров и еретички владетел.

Токму за него,  пред околу 2500 години п.н.е. изградена е  Големата Сфинга. Таа исто така импресионира со својата градба. Има човечка глава и тело на лав. Изделкана е од парче варовник, висока е 20 метри, а долга 73 метри.  Се претпоставува дека го претставува лицето на фараонот Кефрен.  Свингата е уште една мистерија зашто не се знае за што точно служела.

 

 

Најмала од трите пирамиди е Микериновата пирамида. Таа била висока 65,5 метри, а денес е висока 61 метар. Владеењето на Микерин не е точно определено, а со тоа и датумот на изградба. Изградена е од камени блокови на варовник и гранит.

Пирамидите се градени од блокови од полиран бел варовник кои ја одбиваат сончевата светлина со што сјаат како скапоцени камења. Поради тој сјаен слој се претпоставува дека можат да се видат дури и од Месечината. Малтерот кој бил употребен за да се спојат камените блокови е толку уникатен што до ден денес научниците не можат да го ре-креираат. Во однос на астрологијата интересен е фактот дека според својата локација пирамидите се усогласени со соѕвездието Орион кое го претставувало богот на задгробниот живот, Озирис.

Гробиштата што се наоѓаат околу пирамидите биле за пониските аристократи додека на источното поле, на исток од Кеопсовата пирамида било место за пограбување на членови на семејството на Куфу. Подоцна биле откриени и гробови кои припаѓаат на градителите на пирамидите кои не биле мумифицирани туку погребани во гробови од тули од кал, со парче леб за во задгробниот живот. Начинот на кој се погребани и локацијата која е во близина на пирамидите укажува на тоа дека биле платени работници, а не робови.

Ова импозантно место плени со неговата совршеност која потекнува уште од 2500 тата година п.н.е. Фактот дека тогашната цивилизација била толку многу развиена и фактот што до ден денес не може да се открие со сигурност начинот на кој што биле градени пирамидите не прави се повеќе желни за нови откритија. Иако се поминати повеќе од 4000 години ние сеуште немаме откриено ни мал дел од таа древна египетска цивилизација.

Надица Пушкоска