Search for content, post, videos

Митот за сомнежот

 

 

Кога луѓето би знаеле кој е вистинскиот пат, никогаш не би се посомневале дека ќе успеат. Но, тогаш би заборавиле да се борат. А, сомнежот, кој крие во себе многу тајни, прави пајажина од сплетки, кои секогаш прават да паѓаат сигурните чекори. А кога еднаш ќе се заплетка човек во неговата пајажина, многу тешко се излегува од неа…

…”Сомневајте се во утрешината. Сомневајте се во љубовта, можеби ве лаже, сомневајте се дека се што било лошо поминало, но немојте да се сомневате во мене”… зборуваше со длабок глас сомнежот, додека луѓето немо го гледаа. Тогаш се запрашав себеси: Зошто тој тврди дека толку му требам, а не може да ме увери во тоа? Зошто и јас кога му кажувам колку ми е потребен, не можам да го убедам? Тогаш сватив дека тоа е дело на сомнежот кој навлезен длабоко во нас, не и дозволуваше на љубовта да ја докаже својата величина. Не сакав да го примам како гостин во своите одаи, па го запалив секојдневието и го свртев погледот од другата страна, каде што тој никогаш нема да се појави. Неговите чекори не сакам дури ни да ги насетам бидејќи неговото присуство сече повеќе и од остар нож. Се надевам дека животот ќе најде начин да ми објасни дека   само ако не се сомневам светлината ќе постои насекаде околу мене и дека утре  е подобар ден во кој убавината ја кажува самиот крај.

 

Надица Пушкоска