Search for content, post, videos

Митот за љубовта

Љубовта знае да биде навистина чудна и посебна истовремено. Отсекогаш знаев дека може да ми донесе само убави моменти, но никогаш не очекував дека ќе ме направи да плачам. Бесмислено беше на моите прашања, тишината да ми одговара, па затоа решив да ја побарам…
…Кога за првпат застанав скришно да ѕирнам меќу урнатините за да ја видам нејзината надалеку прочуена убавина, видов толпа луѓе како ја тепаат и викаат над неа, но таа спокојно стоеше и воопшто не се помрдна. Остана да спие со насмевка на лицето. Наредниот пат кога ја видов, чекореше толку кревко по рабовите на реалноста, што дури една гребнатинка можеше да биде смртоносна за неа. Не ми беше јасно, како може да биде толку силна, а сепак кревка. Секогаш беше во друштво со времето и среќата, но лагата ги лажеше луѓето нудејќи им ги своите лажни крилја за да го дофатат и највисокиот врв. Така луѓето ја убиваа љубовта, не сфаќајки дека од животот прават беда. Но, она што јас го научив е дека болката е за неа, а не од неа. Празнината која ја остава кога ќе си замине е огромна, која може да се види само со душата. Желбата во безумното трагање по нејзините избледени копии, бега од куќата на постоењето, постојано барајќи нешто друго. Љубовта, за разлика од желбите, секогаш остануват во куќата, односно во вас… дури и да си замине, нејзините траги ќе останат засекогаш. Затоа, кога ќе дојде, не бркајте ја од своите животи и бидете внимателни, таа може да спие и кога најсилно ја тепаат, но кога еднаш ќе се разбуди, за неа тогаш е смртоносна и гребнатинка.

Надица Пушкоска