Search for content, post, videos

Митот за вербата

 

Животот на угорнина ни додава товар. Долго време се прашував дали некои луѓе одат подгрбавени од тежината на нивните спомени и сеќавања и зошто животот наместо да ја олесни маката, тој ја додава тежината дури и од природата…

… Животот е секогаш различен и постојано се менува. И јас, како и многу други, сакав да ја разберам неговата причина, за некои болни удари, а најмногу за знамето спуштено на пола копје. Но, со него не може да се договори човекот, единствено, повеќе ги сака оние кои покажуваат насмевка кога тој оди да се огледа во нивните очи. Оние кои за секоја ситница паѓаат малодушно на дното, ги оставаше таму поминувајќи покрај нив. Но, една ноќ, кога сонот заборави да дојде кај мене, го видов животот како оди да се одмори од денот, а позади него стоеше вербата. Таа цело време била покрај него, тој всушост се потпирал на нејзината сила и кога тој оди да одмори, таа останува да ги слуша молитвите. Тогаш сфатив дека животот го води вербата. И дека колку повеќе веруваме во неа, толку полесно го носиме товарот на животот. Затоа, никогаш не ја заборавам, каде и да одам. Не ја заборавајте ни вие. И кога бурата во животот ќе престане, сонот ќе погледне низ прозорец и ќе се чуе срцето како спонтано шепоти: Сега се е поинаку…

 

Надица Пушкоска