Search for content, post, videos

„Младите доаѓаат“- Филхармонија 02 Јуни во 20 часот

Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Младите доаѓаат“ на кој ќе настапат ученици од државните музички училишта. Диригент е Дијана Илкоска Имери, а на програмата се дела од А.Крепин, В.Пихл, Ф.А.Хофмајстер, В.А.Моцарт, Џ.Росини, Х.Виењавски, Д,Мијо, Е.Лало и С.Прокофјев.

Како солисти ќе настапат Ѓорѓи Димовски – саксофон (III средно, ДМУ, Битола), Итан Георгиев – контрабас (III средно – ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје), Леона Кондратенко – виола (IV средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје),  Јаков Ангелов – виолина (IV средно, ДМБУЦ “ИлијаНиколовски – Луј”, Скопје), Наум Палоски – кларинет (III средно, ДМУ “Тодор Скаловски – Тетоец”, Струга),  Симеон Гошев – виолина (IV средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје), Григори Ангелов – саксофон (IV средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје), Магдалена Дрмач – виолончело (II средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје) и Гоце Златев – пијано (II средно, ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”, Скопје).

Дијана Имери Илкоска (1988) е една од најнадежните македонски диригенти. Своето образование го стекнува на Факултетот за Музичка Уметност – Скопје каде дипломира во класата на проф. Саша Николовски-Ѓумар (Оркестарско диригирање во 2014 г., Хорско диригирање и Музичка Теорија и Педагогија во 2011 г.), а магистрира во класата на проф. Борјан Цанев во 2018 г. Уште во студентските денови, интензивно работи како асистент на Маестро Ѓумар со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а бележи настапи на повеќе престижни подиуми меѓу кои и фестивалите Охридско и Скопско Лето со Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија. Нејзиниот настап беше проследен од легендарниот композитор Кшиштоф Пендерецки кој упати бројни пофалби за младата диригентка. Како студент ја остварува својата прва соработка со Македонската Филхармонија. Носител на бројни награди во повеќе дисциплини, Имери Илкоска ја продолжува соработката со Македонската Филхармонија, Оркестарот на Македонската Опера и Балет, Бугарскиот Национален Радио Симфониски Оркестар и Хор, Дубровачкиот Симфониски Оркестар. Остварува соработка со бројни солисти меѓу кои Дино Имери, Бојан Илкоски, Ивана Коцевска, Роланд Сентпали (Унгарија) и интернационалниот Дувачки Камерен Оркестар. Асистира на реномираните диригенти Маестро Јерухам Шаровски (Израел), како и Маестро Тимоти Редмонд (Велика Британија). Во 2020 г. остварува соработка со светски познатиот диригент – Маестро Урош Лајовиц (Словенија/Австрија) кој за нејзе ќе каже: „Дијана Имери Илкоска е исклучителен талент и диригент кој може да ги оствари сите свои диригентски желби и да направи убедливи креации.“