Search for content, post, videos

Бела кошула… “џокер” за секоја пригода

 

Таа е едно од “парталчињата” без која не може ниедна жена, барем кога е модата во прашање. Неизбежно парче облека во сечиј плакар, непогрешен избор во која било комбинација и за секоја пригода. Нејзината споредба со белото, празно сликарско платно не е ни малку случајна, бидејќи со неа (и на неа) можете да правите што сакате. Таквата кошула е симбол на елеганцијата, со костум или нешто црно. Доколку сте за поопуштена варијанта, облечете фармерки, а неодоливо секси ќе изгледате и ако успеете да го зачувате бакарниот, бронзен (исончан) тен, дури и на есен, па и зиме. Има и прекар “џокер”. Во моментите кога ви недостасува идеја што да облечете.

Моден императив по бројните негодувања на почетокот
За белата кошула се вели дека е единственото парче облека или дел од гардеробата без мана, освен, се разбира, ако ја немате. А во тоа не веруваме. Ниту една жена (модно освестена) не смее да дозволи такво нешто, да и се “испушти” од рака или орман, сеедно. Најмалку една, најмногу… колку сакате. И никогаш доста. Така е некаде од средината на минатиот век, кога легендарната Коко на една од ревиите ја искомбинира со здолниште и панталони, и стави неколку бисерни низи и, по бројните негодувања на почетокот, за кусо време стана моден императив. А дотогаш беше резервирана исклучиво за мажите. Откако Лорен Бакал ја носеше во “Кеѕ Ларго” (1948 г.), и му “парираше” на Хемфри Богарт, жените почнаа да и веруваат на мадам Шанел и речиси не ја слекоа. Имаше затишје, а трендот се “врати” во 1953 година, кога принцезата Ен (Одри Хепберн) избега од кралската палата и неколку денови помина во друштво на репортерот Џо Бредли (Грегори Пек), шетајќи низ Рим. На себе имаше, секако, бела кошула со подвиени ракави. И Мерлин Монро ја обожаваше, малку отпетлана горе, секогаш во комбинација на џинс. “Ени Хол” (1977 г.), чиј главен, истоимен лик го толкуваше Дајан Китон, на модата и “даде” нов правец. “Машкиот” крој на белата кошула го прифатија многу жени кои воопшто не се двоумеа кога требаше да стават врска и одозгора да облечат елек. Вниманието на јавноста го привлече и Ким Бесинџер во 1986 година, преку улогата на Елизабет, која деветте и пол седмици што ги мина со Џон (Мики Рурк) беше или облечена во бела кошула или, се разбира, гола. Женственоста на ова парче облека ја “истакна” Ума Турман во “Палп Фикшн” (1994 г.) за кое стилистите рекоа: “Совршен крој за совршен лик”. 2005-та беше годината кога Анџелина Џоли на белата кошула и даде поинаква “димензија”. Во “Г-дин и г-Ѓа Смит” ја носеше на голо, неколку броеви поголема. Во тој стил беа и неколкуте кадри од видеоспотот на Кристина Арнаудова за песната “Немам срце за друг”, каде што изгледаше навистина привлечно. Белата кошула е омилен дел од гардеробата и на дизајнерката Каролина Херера која, наспроти луксузот што ги карактеризира нејзините креации, приватно се облекува поедноставно. “Го обожавам тоа парче облека, и го носам цел живот. Прави да се чувствувам сигурна. Женствено е, се вклопува лесно и може да се комбинира на безброј начини. Наутро, кога ќе го отворам плакарот и ќе се прашам што да носам, а немам посебна идеја, секогаш ја избирам белата кошула. Одозгора, со неа ме врзуваат и убави спомени. Ја носевме во училиште. Се сеќавам, мораше да биде чиста и убаво испеглана. Таа никогаш не излегла од мода ниту, пак, ќе излезе некогаш. Класиката не поминува тукутака. Прилега и на кусо здолниште и на панталони, дури и на макси здолништа. Кокетна е, со неа лицето секогаш ви сјае”, вели седумдесет и тригодишната американизирана Венецуелка чии фотографии, за интервјуата во магазините, на пример, речиси не можат да се замислат без тој дел од гардеробата, облечена поинаку.

Игор Ландсберг