Search for content, post, videos

За душевен мир… „Шамбала“

Скапоцениот накит што ги спојува древните култури на Истокот со модерниот дизајн, рачна (совршена) изработка на мајсторите од данската јувелирница во сопственост на браќата Медс и Микл Корнерап, е омилен меѓу членовите на кралските семејства, политичарите, пејачите, глумците.., а цената е различна, од неколку илјади евра до милион, па дури и повеќе.

 

Седиштето на „Шамбала“ се наоѓа во Копенхаген, на една од тамошните улици, која важи за престижна кога е шопингот во прашање, каде што се изложени уникатните примероци на гривни, прстени, синџири…, кои не само што го свртуваат вниманието на случајните минувачи, туку и намерниците од различни краишта на светот доаѓаат специјално да си нарачаат за себе или некој близок, иако се продаваат и во најпознатите стоковни куќи од типот на „Барнис“, „Колет“, „Монтењ маркет“, „Хародс“, во триесетина земји. Без оглед на скромниот маркетинг што се должи на ненаметливоста на браќата Корнерап, уредниците на странските магазини самоволно ги ставаат во модните едиторијали и рубриките што ги покриваат важните случувања, објавувајќи фотографии на славни личности што се нивни муштерии. Освен синџирите, прстените…, и гривните „шамбала“ се доста барани. Всушност, интересот за нив е најголем. Секоја белезица ја карактеризира уникатност и во дизајнот и во изборот на скапоцените камења, кои се исклучително ретки. Необработените дијаманти (бели и црни), рубини, сафири, смарагди ги обликуваат по желба на лицата што нарачуваат, вклучувајќи го и жадот. Нивното комбинирање исто така е важно, за да соодветствува на сензибилитетот, бидејќи целта на изработката се состои во пронаоѓање душевен мир, што е и филозофијата на „Шамбала“. Поради квалитетот, совршената рачна изработка, оригиналноста, индивидуалноста, цените на гривните се различни, од неколку илјади евра до милион, па дури и повеќе. Забележлив е спојот на древните култури на Истокот, филозофското учење на Сидарта Гаутама, наречен Буда – просветен,  јогата која ги опфаќа самоконтролата и медитацијата, заради соединување на човекот со природата, и модерниот дизајн, што води кон спокој, мир и тишина во животот (душевниот), кој дава сила. Приказната е толку содржајна што може да послужи како инспирација за оние што не се задоволуваат со медиокритет, дежа ви, вообичаеност, туку сакаат нешто ново, сосем поинакво, макар и коренот (изворот) на вдахновението да е во минатото, традицијата, обичаите, културата (севкупноста на духовните и материјалните вредноси на човештвото), во согласност со нивниот креативен, творечки дух. Браќата Медс и Микл Корнерап велат дека публицитетот е меч со две острици. Затоа се држат настрана. Во јавноста излегуваат само кога треба да ги соопштат новините.

Необработените дијаманти (бели и црни), рубините, сафирите, смарагдите ги обликуваат по желба на лицата што нарачуваат, вклучувајќи го и жадот. Нивното комбинирање исто така е важно, за да соодветствува на сензибилитетот, бидејќи целта на изработката се состои во пронаоѓање душевен мир, што е и филозофијата на „Шамбала“.

 

Молитвење со бројници како извор на вдахновение 

Отсекогаш се воодушевувале на духовната симболизација, во секој поглед, дури и морален (па и уметнички), што е потврда за нивниот спиритуален живот. Ги инспирирал начинот на молитвење во која и да е религија, каде што се употребуваат бројници, неколку векови наназад. Имено, првата белезица „шамбала“ ја дизајнирале многу едноставно, гледајќи ја поставеноста на каменчињата на една круна. Денес нивната изработка е заштитена, сосе дизајнот. Користат макраме – вид преплет со врзување разни видови јазли, во комбинација на злато, дијаманти.., било како перли, било како плочки. Не одат во детали за да не им ја олеснат работата на оние што се обидуваат да ги копираат, бидејќи е познато дека гривните „шамбала“ се, всушност, најчесто копирани парчиња накит. Од една страна, тоа го сфаќаат како комплимент. Од друга страна, пак, ги обзема желба постојано да се надградуваат. Изнаоѓаат нови начини на преплетување, камења што ги има само во мало количество, чија вредност е непроценлива, смислуваат поинакви дизајни, со уште поголема инвенција, за да ги задоволат желбите на своите муштерии, земајќи ги предвид и нивните вкусови. Велат дека копиите не им се никаква закана, поради материјалите што ги употребуваат, квалитетната (совршена) рачна изработка и слично. Законски мерки преземаат во случај кога се злоупотребува името на брендот. Имале такво искуство, пред точно петнаесет години, кога Џеј Зи нарачал белезица што ќе се разликува од сите други шамбала-гривни. На златните перли, плочките, ги изгравирале неговите иницијали, хороскопскиот знак и логото на фирмата, во стилот на раперот. Толку се поврзал со неа, духовно, што не ја вадел од рака. Денес има неколку, и е нивен редовен муштерија. Популарноста која им ја донесе има светски глас. Нарачуваат и членовите на кралските семејства и политичарите и пејачите и глумците.., дури и модните креатори од рангот на Валентино Гаравани, Карл Лагерфелд. „Шамбала“ работи добро и поради разбирањето меѓу двајцата браќа. Кога нема слога, нема напредок, нема резултати. Медс е креативен, а Микл изврешен директор. Првиот, освен со творечки дух, се карактеризира и со импулсивност, додека вториот е многу внимателен, претпазлив. Тоа ги држи во рамнотежа, иако некогаш не се согласуваат за одредени работи, но постигнуваат компромис, и тоа не само за материјалите, дизајнот, на пример, туку и во поглед на цените. Имајќи го предвид фактот што секоја белезица е уникатна, наменета за поединец, како одделна личност, индивидуа, цените не се фиксни. Почетната е три илјади евра, но може да достигне и до милион, па дури и повеќе. Независно од местото каде што се нарачува, изработката е во Копенхаген, а нејзината вредност (цена) се одредува според квалитетот на скапоцените камења, раритетот, но влијаат и други фактори, како на пример, желбата на муштеријата.

Имајќи го предвид фактот што секоја белезица е уникатна, наменета за поединец, како одделна личност, индивидуа, цените не се фиксни. Почетната е три илјади евра, но може да достигне и до милион, па дури и повеќе.