Search for content, post, videos

Најхрабрата жена на светот

Ја молам тишината да молчи погласно за да го слушнете тивкиот шепот на времето, раскажувајќи ви ја приказната за најхрабрата жена на светот

Сите во животот имаме свој идол, свој автопортрет, своја илузија и своја вистина. Имаме и верување, свој стремеж, своја патека. Имаме и свој ден, ден за бакнежи, ден за љубов, ден за трошка радост… Во право ли сум? Го прашувам времето, но на крајот, останува само молчењето. Јас не знам која е вашата приказна, и кој е вашиот ден, кој е вашиот херој и кон кого ита вашиот восхит… Јас можам да ви ја раскажам мојата приказна, ставајќи индиго помеѓу моите зборови и вашиот посебен ден. И како дете кое невешто скинало рано кокиче од нечиј двор, ќе ја откинам љубовта и ќе и ја подарам на најхрабрата жена на светот…

 

ЗА МЕНЕ ТИ СИ НАЈСОВРШЕНОТО НЕШТО ВО МОЈОТ ЖИВОТ…
Веќе долги години се отсликува на милиони различни начини, ја посла својата душа како килим пред нашите нозе и се помири со судбината дека остана сама засекогаш. И зарем не е најхрабрата жена на светот, што без збор секогаш знае да ми каже што е правилно, секогаш ја става својата дланка преку очите за да не и се видат солзите, што остана да ни биде и мајка и татко, кога судбината реши да ја запише во книгата на осамените. Тоа е мојата мајка. Единствената жена која за мене го има целото трпение на светот и во целост го заслужува признанието дека таа е најсилното нешто кое постои. Колку тежок и несовршен животот, но сепак, таа остана да живее за убавите моменти, за еден убав збор, за една бледа сончевина и искрена, пурпурна надеж. Мојата приказна ја знае суштината на нејзината вистина, на зборовите со кои, колку и да ме налутела, сепак, длабоко во срцево, секогаш знаев дека е во право. И се лутам самата на себеси за секој збор неправедно кажан, за сите палавштини и за секое непромислено дело… и знам, еден ден и јас ќе бидам некому она што е таа за мене и секогаш ќе ми биде длабока носталгија во срцево, затоа што во многу моменти не сум постапила правилно, но деновите никогаш не се враќаат, времето поминало. Ете, тоа е поентата на мојата приказна. Времето ме покори еднаш- Внимавај како ја убиваш саканата личност секој ден по малку, бидејќи само еден ден нема да успее ни малку да ги залечи раните. Таа личност не го заслужува тоа. Секоја приказна има свое време, има своја љубов и свое невреме. А вредноста на нејзина е непроценлива. Нејзината величина е во отпорноста, во силата, во браздите на лицето, во траењето на љубовта кон вас, на чувствата кои не запираат…
Јас му благодарам на Господ за неговиот избор токму таа да се најде во улогата на мојот херој, во најпожртвуваната улога на мајка. Сенките густи нека го испишат сето она што јас цело ова време пропуштив да го изустам од усниве. И се надевам дека еден ден доволно ќе успеам да ја покажам љубовта, но не преку мојата палавштина, не преку сите рани скинати, не преку лутото и несозреано дете во мене, туку преку делата, преку детски џагор кој ќе успее да ја прероди и да ја врати суштината на нејзиното постоење. И благодарам што најхрабро се обиде да ме соочи со животот, што цел живот беше штит пред мене и не дозволи да доживеам ниту една рана, освен онаа каде животот заедно не сруши поразени на земјата. Но, повторно станавме и продолживме напред кон пурпурните соништа. Би сакала и јас еден ден да ја имам нејзината храброст со која им пристапувам на нештата и да успеам да нацртам насмевка на лицето на кое гребе ужасна потреба од бескрајно многу солзи.
И можеби малку ви е тажна мојата приказна за најхрабрата жена на светот, но ако подобро размислите, сите вие имате своја тажна приказна… заради недокажаните зборови, заради премолчените нешта, заради проголтнатата љубов како грутка на градите и кнедла во грлото, заради таа глупава гордост, заради мислата дека сме непогрешливи, дека сме најдобри, заради таа пуста заблуда… затоа ги губиме миговите кои стануваат денови, па години и одат засекогаш во неповрат. И додека се свестиме која е најсаканата и најхрабрата личност на светот, нејзините дланки веќе станале треперливи за весело да не примат во прегратка, нејзините очи премногу влажни за бистар поглед, а усните веќе се плашат да изустат збор за да не го предадат плачливиот говор на душата…
А јас овде ќе ја завршам својата приказна, ќе ја наполнам со бескрајна љубов за мојата мајка, со мирис од благодарност за сите нешта кои ги стори за мене и зачин од огромно извинување за сите мои непромислени нешта кои ја повредиле некогаш во животот. Зашто јас не сум огледало на совршенството, но сум олицетворение на искрената и најчиста љубов која ти ветува мамо, дека навистина ќе се обидам да си го пронајдам својот пат, дека ќе се обидам да го освојам својот замислен сон без притоа да ја загубам душата… И дека ти, единствено ти, засекогаш ќе го имаш најсветото место во моето срце, бидејќи во моето постоење ти си најхрабрата жена на светот.

Надица Пушкоска