Search for content, post, videos

Не дозволувајте вашето дете да се отуѓи

 

Живееме во такво време кога родителите често се прашуваат „Како да се поврзам со моето дете?“ Се чини дека технологијата, без оглед на тоа колку добри страни има, нè отуѓи. И нас возрасните како единки, но најстрашно, и најблиските, особено родителите и децата.

Секој родител сака да има близок однос со своето дете, да биде присутен во неговиот живот и мисли, повеќе од сè останато. И тоа може да го направи, но пред сè мора да ги разбере неговите емоции.

Детскиот свет е едно посебно и волшебно место. Во него има место за многу љубов, за игри и радости, но недостаток му е што е лесно ранлив, па дури и кршлив. Некогаш дури и незабележливо свесно излегуваме од нивниот свет, а притоа не сме свесни како го правиме тоа. За детето отуѓувањето од родителите може да биде и голема траума, можеби не во миговите кога тоа се случува, но од потсвеста испливува нешто подоцна. Затоа, не дозволувајте да се оддалечите од своето дете. Зашто вие сте му најпотребни додека расте и се гради како личност. А ова се наједноставните и основни начини како да изградите емотивна врска со своето најмило…

  Заинтересирајте се за она што го интересира вашето дете

Тоа е нешто најдобро што можете да го направите за вашето дете. Разбирливо, постои јаз во годините, па затоа понекогаш е тешко да се разберат некои работи што ги интересираат децата. Но пожелно е да се потрудите и самите да научите нешто од своето најмило, без оглед колку и да ви изгледа чудно тоа.

Најдобро е да го прашувате и потпрашувате, самото да ви објаснува и да разврзете разговор за тоа. Тоа е еден од патиштата што водат до неговото срце. Најважно е детето да почувствува дека се интересирате за неговото хоби, за работите што сака да ги прави, па дури и за игричките што ги игра.

  1. На лутината не одговарајте со лутина
    Лутината е нормална емоција. Многу е важно децата слободно да ги искажуваат своите чувства. Ако не им дозволувате да се испразнат кога се лути, само им правите лошо. Не казнувајте ги бидејќи на тој начин ќе ги потиснуваат своите чувства, а тоа ќе доведе до дополнителни проблеми.

Секој од нас има потреба да си ги искаже чувствата, без оглед какви и да се. Кога вашето дете е налутено, не лутете му се и вие нему, туку укажете му на вистинскиот начин како да се избори со своите емоции.

3. Запомнете: секое дете е поинакво

Разликите меѓу децата во искажувањето на нивните чувства не се нешто што би можело да се смета за необично. Некои деца се почувствителни, додека други се позатворени и потешко ги искажуваат емоциите. Децата учат како да ги искажуваат своите чувства на разни начини, и тоа најчесто учат од врсниците.

Вашето окружување влијае на емоционалниот развој на детето онолку колку што влијаете и вие самата. Потрудете се да ги прифатите овие разлики и оставете го детето да ги искажува чувствата онака како што тоа сака, но притоа укажете му и на другите начини на кои би можело да го стори тоа.

  1. Не разгалувајте го

Родителите многу често ги разгалуваат своите деца во текот на нивното растење. Во ред е да му попуштите на детето за некои работи, но да му дозволите сè да прави како што ќе посака, тоа воопшто не е во ред. Обидете се да најдете баланс во сè, не давајте му во секој миг сè што ќе посака. Научете го да разликува она што смее од она што не смее и покажете му ја границата. И најважно, бидете трпеливи и упорни во ова.

  1. Бидете им модел

Прави како што ќе ти кажам, а не како што правам јас“ е многу лош принцип. Децата учат набљудувајќи ги родителите. Родителите им се модел како треба да се однесуваат. Не зборувајте му на детето да не јаде многу слатки, а вие пред него да јадете полна чинија колачи. Тоа е најлошиот чекор што можете да го направите.

Секако, и родителите се човечки суштества, и тие грешат. Но трудете се да правите што помалку грешки. Кога ќе му ветите нешто на вашето најмило дека ќе направите, навистина направете го тоа. Така и самото ќе научи кога ќе порасне да ги исполнува ветувањата што кажало дека ќе ги исполни.