Search for content, post, videos

Нејзиното височество – ЖЕНАТА

Би сакала , барем за миг да примам малку внимание од машкиот пол и да добијам искрени одговори на моите љубопитни прашања…
А едно од нив е: Што  всушност за нив, претставува жената?

Дали ја сфаќаат само како секојдневие, нешто што треба да се има покрај себе за исполнување на сите секојдневни потреби или пак како скапоценост, како своја втоара половина која го исполнува животот и едноставно го прави да биде поубав, исполнет со љубов и многу убави нешта?
И јас сум жена. И знам да сакам и сакам, и сакам да ме сакаат и сакам секогаш да бидам сфатена во вистинската смисла на зборот – едноставно како жена. Зашто жената значи многу. Таа е една сложена формула која се состои од повеќе сегменти.Затоа би сакала оваа формула малку да им ја појаснам на сите мажи на овој свет… и на оние кои уживаат во присуството на жената на својот живот, но особено на оние кои се уште не научиле да ја ценат, ниту како човек а уште помалку како жена…

ЖЕНАТА Е…

ЉУБОВ – највеличественото чувство на овој свет. Ве обзема кога спиете, ве милува кога се одморате, ве сака дури и кога не ја сакате нејзината бунтовна природа.
Ја сакате кога мило се одмара во вашата прегратка, ја сакате дури и кога детски се лути затоа што сте го извалкале чаршафот додека заедно го пиевте утринското кафе. Единствено ТАА знае вистински да сака без да осудува и да очекува повратни сигнали. Само во нејзиното срце има љубов за целиот свет. Просторот без нејзиното присуство е празен и секоја насмевка делува извештачено. Само ТАА ја знае вистинската тајна на љубовта, затоа што и самата таа е… ЉУБОВ.

ПОЧИТ – со дланките потпрени на своето оптоварено срце, само таа знае колку е тешко да им се спротивставуваш на тешките зборови од она што го откинала од својата душа. Девет месеци бескрајна љубов и грижа, толку молитви и мисли насочени само во една насока.
Секогаш подготвена да се жртвува за среќата на оние кои и се се на светот. ТАА има непроценлива вредност и заслужува почит на сите кои се околу неа. Секогаш грижливо ги испушта своите воздишки, внимавајќи да не ја наруши хармонијата во животот на оние кои бескрајно ги сака. Зарем е многу да се каже дека заслужува и многу повеќе од сите убави нешта на сиот свет?

ХРАБРОСТ – ноќите бессони, тешки можат да кажат колку молитви се изречени додека уплашено ја чека ќерка си да се врати од синоќешната забава, додека нејзиниот сакан спие толку длабоко што соседите би помислиле дека хилихоптер слетува на покривот. И која храброст е додека го испраќа помладиот син во војска, да не дозволи да заискри ниту една солза во нејзините очи, а камо ли да ја пушти да потече по образите? Секогаш подготвена секого да заштити и да најде сила
дури и во најбеспомошните мигови да каже: “Не грижи се, се ќе биде во ред, се ќе помине ко настинка… “Женското срце знае да ги чувствува и најслабите вибрации низ воздухот, кога нешто не е во ред. Да љуби без да биде љубено и низ молитва да најде храброст за надеж дека утрешниот ден ќе биде поведар и наклонет токму неа.

УТЕХА. Во најтешките мигови во животот, само едни усни знаат да ја кажат вистинската работа. Утеха, зачинета со малку повеќе љубов, и бескрајно многу бакнежи и прегратки, тоа е вистинскиот лек за тагата. Само ТАА го умее тоа, со своите нежни гестови, со својот смирувачки поглед и насмевката која одмора. Само ТАА ја знае вистинската насока, затоа што има голема
моќ да ги претчувствува нештата и да ги постави работите токму како што треба.

УСПЕХ. Својот вроден талент и квалитети, заедно со она што макотрпно го стекнува во текот на животот и многу сила и љубов, ТАА знае како да стигне до врвот на успехот. Чекор по чекор го спознава светот и со своите доблести, па дури и маани, го прави подобро место за живеење и ја урива девизата на оние примитивните, дека мажите секогаш ќе владеат со жените и ќе ги потчинуваат. Жените успеаја да докажат дека се рамноправни со мажите и дека и тие умеат да успеваат на сите полиња од животот. И без оглед дали е мајка, сопруга или девојка, дали е сакана или не, ТАА е жена и секогаш ќе го има најпривилегираното место на светот.
Затоа што само ТАА знае како да ги пополни празнините со само една насмевка. И нормално,
има непроценлива вредност

Надица Пушкоска