Search for content, post, videos

Недостатокот на првиот впечаток и… моќта на комуникацијата

Саморазвојот е дел од севкупното сознание, а тоа пак е невозможно без добра комуникација со другите луѓе. За да ја развиете добрата комуникација со луѓето, потребно е добро да ги разбирате. Зборот е основа за комуникација, но големо влијание во меѓусебната комуникација имаат гласот и говорот на телото, но и мимиките на лицето.

Честопати имате една можност да видите или да слушнете некого за да изградите сопствено мислење. Можеби ќе ви се укаже само една можност да решите со кого ќе работите, кого да вработите или со кого да се спријателите. Затоа е важно да ги разгледувате и анализирате луѓето. Не е потребно многу време за да изградите мислење за некој човек. Понекогаш впечатокот може да се оформи за неколку секунди. Недостатокот на првиот впечаток често пати се заснова врз малку информации.

Цртите кај вистински позитивните луѓе се спротивни на оние кои ги имаат негативните личности. Иако влијаат и многу други фактори за објективна проценка, сепак, според типот на вистинските луѓе го имаат следниот шаблон:

Кодот на говорот

Вистинските типови луѓето се штедри на зборови, зборуваат малку, полека но љубезно и мило. Тие размислуваат пред да кажат нешто и ретко прават гафови. Лојални се и свесни во однос на зборовите и дејствата. Секогаш се чувствуваат одговорни за последиците од своите постапки, зборуваат и дејствуваат во согласност со тоа. Ги прифаќаат луѓето и не ги осудуваат. Во комуникација со слични луѓе, тие се скромни и непретенциозни. Често поседуваат силно чувство за хумор. Не се подбиваат со другите, не се саркастични и низ умот не им поминува мисла да повредат некого со намера. Тие се одлични слушатели, кои успеваат да ги откријат најдобрите црти кај другите.

Гласовен код

Овие луѓе вложуваат различни, но силни емоции додека зборуваат. Кога разгледуваат нешто, тонот е соодветен со чувството за ситуацијата. Ако се вознемирани, среќни, ако се плашат или се несигурни во нешто, ќе го слушнете тоа, кажано со соодветен тон. Висината на тонот зависи од темата што ја разгледуваат. Во начинот на зборувањето секогаш има јаснотија и затоа луѓето кои се околу нив, толку сакаат да ги слушаат.

Кодот на говорот на телото

Ваквите луѓе имаат опуштени, нешто побавни и складни движења на телото, и другите луѓе околу нив се чувствуваат многу пријатно во нивна близина. Имаат навика да ја нишаат главата, за да го охрабрат тој што зборува, но и да покажат интерес кон неговото излагање. Наспроти тоа што имаат опуштен и удобен став, тој зрачи со сила, самодоверба, со исправена глава, исправени раменици и цврсто торзо. Тие прават широки гестови, покажуваат задоволство и искреност кога прегрнуваат и допираат. Многу ефектно ги употребуваат рацете, за да покажат заинтересираност. Нозете им се благо разделени кога седат или се прекрстени во колената, со што ја покажуваат својата отвореност. Стапалата им стојат цврсто  на земјата и се свртени кон соговорникот, а тоа ја изразува нивната искреност.

Кодот на изразот на лицето

Вистински зрелите луѓе остваруваат одличен контакт со очите и не го тргаат погледот. Нивните очи имаат посебен сјај. Кај другите, оставаат впечаток дека се луѓе за почит. Изразот им е нормално опуштен и отворен, што зборува за нивна приемчивост. Мимиките на лицето се искрени, а вилиците опуштени. Нивната насмевка е искрена, од срце. Аглите на усните се кренати нагоре, а околу очите имаат ситни брчки. Тоа покажува дека изразот на лицето се совпаѓа со она што го зборуваат. Ако се вознемирени, ќе го забележите тоа само по тонот, но и по лицето. Ако некој им се допаѓа, или многу го почитуваат, очите им сјаат и често се насмевнуваат.

Обрнете внимание кога луѓето што стојат пред вас како се однесуваат, како зборуваат или гестикулираат, тоа првично ќе ви помогне во препознавањето на позитивните црти кај вистинските луѓе.

Силвана Јованчева