Search for content, post, videos

Негативни вибрации

Во денешно време егото, парите и капиталот излегоа во преден план, не се води сметка за емоционалноста и духовноста, така што телесните потреби и ниските страсти го издоминираа духот на човекот. Затоа, сé повеќе се деградираат вредносните начела на современото општество, бидејќи моралот и чувството за општо добро се во тотално опаѓање. Проблемот е што не се следи должноста, не постои интерес за обичниот човек, се губи солидарноста и правичноста, а одговорноста и придонесот за заедницата се фрлени на маргините. Ако немаме здравје, љубов, пари, позитивен дух и ведрина, тогаш што може да имаме? Затоа, голем број од луѓето страдаат и многу тешко ги реализираат тие вредносни категории, Но, без оглед на големите ограничувања, сите ние мора од некаде да почнеме и да го трасираме патот кон мирот и хармонијата.

Првиот чекор е духовно да се надградуваме, да читаме корисна литература и да се дистанцирање од негативните вибрации. Тие може да се манифестираат преку загадениот воздух; неквалитетната исхрана; стресот; електромагнетните влијанија; контакти со луѓе кои нé токсицираат; медиуми кои исклучиво пласираат пропаганда и негативни информации. Негативните вибрации може да произлезат и од семејните односи, посебно доколку некој од блиските константно нé критикува и енергетски исцрпува со своето незадоволство. Во таквите ситуации, нужно стануваме разнебитени и многу тешко ќе успееме да го задржиме позитивниот дух.

Причинители за чувството на страв, енергетска истоштеност и психофизичка несигурност, можат да бидат и следниве околности:

  • Не знаеме што ќе се случи со работата;
  • Поради сé поголемото загадување на еко системот, стравуваме од разни болести;
  • Имаме длабок немир поради несигурната перспективата на нашите деца;
  • Гледаме дека на општествено ниво сé помалку се води сметка за колективното добро;
  • Стравуваме за стабилноста и безбедноста на нашата земја.

Овие потенцијални опасности, ни предизвикуваат голема стегнатост и длабок психички немир. Освен што ментално нé блокираат и дисхармонизираат, тие не соочуваат и со лошата енергетска вибрација, произлезена од надворешната средина.

За многу нешта присутни во глобални рамки, одговорни се луѓето, така што емитирајќи ја енергијата, ние ги условуваме и човештвото, општеството и семејството. Одговорноста е наша, затоа треба да се запрашаме: „Кон што ја насочуваме нашата свест, дали со секоја наша постапка придонесуваме да се вкоренат позитивните вредности“? Суштината е да се движиме со  отворен дух и отворена енергија, бидејќи стегнатоста предизвикува да егзистираме како под еден оклоп или како жаба во бунар. Кога нашата свест се наоѓа во таква лимитирачка ситуација, ништо нема да осознаеме, да пробудиме и активираме, бидејќи живееме во блажено незнаење и во апсурдност на постоењето.

Затоа, треба да излеземе од самонаметнатите стеги и да се придвижиме, зашто само така некои нешта може да ни станат појасни. За жал, кај многумина фокусот е ориентиран кон лошите лица и ситуации. Тие не веруваат во начелата на доброто и наоѓаат оправдание за да му слугуваат, да му се подредуваат и да го поддржуваат злото и негативните вибрации.

Некои поединци манифестираат лошо однесување, бидејќи живеат во емоционална шема на недостиг и со уверување дека би можеле да ја загубат лажната сигурност во животот. Тоа пак, од друга страна, ги прави ранливи или ориентирани кон перфекционизмот – со цел да ги контролираат нештата и за да се осигураат дека нема да бидат напуштени од блиските или оставени на маргините. Барајќи ја сигурноста, односно живеејќи во длабока несигурност, тие проектираат високи очекувања и копнеат другите постојано да ги воздигнуваат и да им ги остваруваат желбите. Проблемот е што таквите „умислени личности“ со ништо не се задоволуваат. Неретко нивниот фокус е насочен кон баналните и не толку битни нешта, а суштинските и конкретни проблематики ги игнорираат и не сакаат да ги согледаат како вредни и значајни за семејството, работната организација или општеството. Тоа се случува, бидејќи таквиот поединец живее во одреден недостиг и страв, со чувство на неавтентичност, зашто некои настани во младоста го детерминирале неговиот карактер: се разочарал во љубовта и во некои животни прашања; чувствува дека луѓето не се доверливи и пристапува со законот на отпорот и негацијата; имал комплекс на пониска вредност, кој го маскира со лажна самодоверба и со наметнување на својата квази посебност.

Современиот начин на живеење наметна човекот многу повеќе да се приклонува кон негативното, кон тенденцијата некој да го води, отколку кон личниот развој, себеспознанието и духовната воздигнатост. Затоа, многу ретко се следи и пропагира должноста и посветеноста на општото добро, туку се тежнее да се искористат можностите и придобивките.

За да придонесеме за себе, за семејството и за заедницата, клучно е да ги воспоставиме следниве начела:

  • Откако ќе се увериме дека нештата не се одвиваат на посакуваниот начин, да почнеме да ја иницираме промената;
  • Да работиме на подигнување на своето јас;
  • Да направиме фокус кон тоа што е позитивно и што нé придвижува напред;
  • Да почнеме да се отвораме, да се надградуваме и да се развиваме во правецот на хармоничните можности и еволуцијата на свеста;
  • Да испратиме позитивна вибрација активирана од креативната визуализација;
  • Да изразуваме благодарност за сето добро што го имаме и добиваме од луѓето и животот;
  • Да се ослободиме од емоционалниот отров и да престанеме да бидеме гневни, разочарни и фрустрирани поради грешките од минатото;
  • Да сфатиме дека ако сме добро во себе, на крајот сé ќе биде добро и надвор од себе;
  • Да бидеме во корелација со фреквренцијата, која асоцира: „какви што сме ние, такви личности ќе привлечеме“, бидејќи сé е еден вид на интеракција.

Со концентрација кон сопствените вредности, многу помалку ќе страдаме, зашто што и да произлезе надвор од себе, на крај се имаме себе.

 

Извадок од книгата на доц. д-р Зоран Крстевски „Заштита од злото и негативните вибрации“