Search for content, post, videos

Неговото височество – БОСИЛЕК

Босилекот е познат низ целиот свет, a неговите сјајно зелени, миризливи и нежни листови го прават растениe кое има многу примени и секогаш е во служба на здравјето. Се користи во католичката и православната црква, го има во секој дом, во Италија го нарекуваат растение на љубовта, а за Грците ова е кралска билка. Босилекот е крал на билките и лек за многу болести.

Латинското име на босилекот му е Ocimum basilicum и потекнува од фамилијата Lamiaceae -нане. Води потекло од Индија, а традицијата за неговото користење во кулинарството и медицината е стара повеќе од 5000 години. Најприсутен е во Италијанската кујна, иако некои од многуте видови босилек често се користат и во азиските кујни, особено во Индија, Тајланд, Камбоџа, Лаос, Виетнам и Индонезија. Босилекот во вид на грмушка со карактеристичен мирис, претставува зачин, лековито и свето растение, кое во многу региони има посебна важност. Иако потекнува од Индија, во Европа во 12 век го донеле монаси. Православната црква и многу други народи, на босилекот му припишуваат божествена моќ. Постои верување дека на крстење никогаш никој не настинува, без оглед на возраста, бидејќи оваа билка поседува силно антивоспалително дејство. Записите покажуваат дека за босилекот знаеле уште во древен Египет. Зборот босилек доаѓа од грчкиот збор базиликон, што значи кралски или почит на старите култури за неговото постоење. Римјаните го поистоветувале со љубовта и лојалноста и верувале дека мажот засекогаш ќе ја сака жената од која ќе добие гранче босилок, додека во Индија го негувале како симбол на добредојде.

Босилекот е едно од најстарите популарни растенија, богато со голем број хранливи фито-материи кои го одржуваат доброто здравје. Ова ценето растение се смета за „света билка“ во повеќе култури во светот и се одгледува за лековитите лисја и семето. Босилекот најдобро успева во топли, тропски услови. Целосно израснатото растение достигнува височина од просечно еден метар. Лисјата се светло зелени, свиленкасти, Цветовите се прилично големи, бели и наредени во низа, особено листови, има пријатен мирис пред самото цветање и во времето кога ги отвора своите бели, розови или пурпурни цветови. Вкусот е горчлив и ароматичен. Се бере надземниот дел, се сече до над самата земја, а може да се берат и само листенцата.

Постојат повеќе видови босилек. Медитеранската сорта обично се нарекува благ босилек и има светло зелени лисја, за разлика од азискиот босилек, кој има големи, влакнести стебла со розови цветови, виолетови или црвени листови и има силен вкус. Исто така постои и лимонов босилек, кој има „вкус на лимон“. Вкусот зависи од типот на босилек кој се користи, но најчесто потсетува на вкусот на анис, неретко со длабока и слатка арома. Иако во повеќето светски кујни се користат само листовите на босилекот, тие не се единствените делови од растението кои можат да се јадат, па така на пример, неретка е употребата на цветовите од босилек во тајландските специјалитети.

Босилекот е најдобар кога се користи свеж, иако може да се употребува и исушен и смрзнат. Сувиот босилек губи многу од својата арома, па затоа е многу подобро да се замрзне. Можете ситно да го исецкате, да го измешате со малку вода или масло и да го смрзнете. Термичката обработка исто така го уништува вкусот поради што босилекот треба да се додава сосема на крајот од приготвувањето.

Одгледувајте го сами…

Босилекот може да се одгледува во саксија или во градина во дворот, за свежите листови да Ви бидат при рака секогаш кога е тоа потребно. Босилекот не е многу проблематичен за одгледување, па ако сакате секогаш да имате свежи ливчиња во кујната, слободно насадете го во саксија за време на летото, а потоа внесете ја саксијата дома и поставете ја покрај сончев прозорец, бидејќи босилекот бара и сонце и доволно вода. Најдобро е да ги берете ливчињата пред да почне да цвета, а ако редовно ги откинувате врвовите на растението и гранчињата со цветови, уште повеќе ќе го поттикнете растот на листовите. Најчесто има две берби – во јули и во втората половина на септември. Добрите познавачи на лековитите билки истакнуваат дека босилекот собран во јули има подобри лековити својства. Ако е набрана целата билка, се суши во мали заврзани снопчиња, тие се сушат распослани во тенок слој врз чиста површина. Исушената билка би требало да се иситни и да се чува во добро затворена лимена или стаклена кутија, во кои не може да влезе воздух. Содржи етерично масло со елементи на цинеол, тинол, ленеол, енгенол, камфор.

Во продавниците, одберете свеж, органски одгледуван босилек наместо сушен, бидејќи тој има подобар квалитет и подобар вкус. Свежите листови од босилек имаат изразена зелена боја и не треба да имаат потемнети или пожолтени делови. Свежиот босилек треба да се чува во фрижидер, во херметички затворени садови. Сушениот босилек треба да се чува во добро затворен стаклен сад, на студено, темно и суво место, каде што може да остане свеж и до неколку месеци.

Волшебната способност за здравје….

Главното дејство на босилекот, кое било откриено уште од многу одамна од нашите предци е неговата волшебна способност да ни помогне при проблеми со стомакот, подобрување на работата на желудникот, смирување на нервниот систем, несоница, грчеви во желудникот, труења и детоксикација на организамот. Традиционалната медицина исто така ги цени лековитите својства на босилекот. Се користи против кашлица, болести на бубрезите, главоболка и депресија, а во вид на чај за намалување на менструалните болки. Сокот од лисјата се користи против настинки, воспаление на ушите, против несоница и намалување на нервозата, како и за зголемување на апетитот. Босилекот е една од најспецифичните зачински билки, која освен во јадењата, се користи и против многу заболувања, бидејќи има широка палета на лековита моќ.

Чајот од оваа миризлива тревка им се препорачува на нервозни лица, на деца што имаат немирен сон и на возрасни што страдаат од вртоглавица, ангина или мигрена, стомачни грчови – во сите тие случаи се пие два-три пати дневно по едно филџанче чај (мало лажиче се прелева со 2 дл зовриена вода). Овој лек ги растерува црните мисли; лекува астма, воспаление на бубрези, го отвора апетитот, го засилува сексуалниот нагон.

Босилекот има и диуретско својство – помага за подобро лачење на урината. Тој дејствува стимулативно на циркулацијата на крвта и го подобрува крвотокот. Се подготвува на следниот начин: во 1 л вода се ставаат 10-15 г листови; тие стојат во водата од половина до еден час. Есенцијата од босилек се пие во дози од по 5 капки на коцка шеќер, по јадење. Користи против недостиг на желудочни сокови предизвикан од некое нервно нарушување.

Заедно со лукот, босилекот дејствува и против цревните паразити. Важно е и неговото стимулативно дејство на млечните жлезди кај жените доилки, кои немаат доволно млеко. За таа цел еден грст босилек се вари во 1 литар вода и од тоа се пијат по две филџанчиња дневно. Варен во бело вино, плодот на босилекот се користи кај опстипацијата. Интересно е тоа што чајот приготвен од босилек им помага на младите мајки да го зголемат млекото за да можат непречено да дојат. Свежо исцедениот сок од босилек се користи како лек против ушна инфекција.

Разни чаеви од босилек…
Чајот од босилек се приготвува на вообичаен начин како и сите други чаеви кои досега сме ги спомнале, а здрав човек може да го конзумира 2 до 3 пати дневно, без шеќер или малку засладен со мед.
Чајот од босилек во борба против покачената темперетура

Чајот од босилек делува освежително на човековиот организам, а притоа има и антипиретички дејства. При покачена температура секој час се зема една до две големи лажици со ладен чај од камилица.

Чајот од босилек ви обезбедува квалитетен и мирен сон

Вообичаено приготвен чај од босилек е одличен лек за несоница. Секоја вечер пред спиење испијте по една шоља од овој чај, притоа не го засладувајте, а конзумирајте го умерено топол.

Чајот од босилек  ослободува од стомачните проблеми

Главното дејство на босилекот е дигестивниот систем. Не се двоумете доколку имате проблеми со стомакот или грчеви во желудникот да се напиете умерено топол незасладен чај од босилек, бидејќи со сигурност ќе забележите подобрување. Доколку имате цревни инфекции или други дигестивни болести користете го чајот од босилек заедно со дадената терапија за побрзо да се ослободите од проблемот.

Чајот од босилек секако треба да го пијат доилките, бидејќи го поттикнува создавањето на млеко. Се подготвува така што листовите од сув босилек ќе се прелијат со зовриена вода и се оставаат 10 минути. Овој напиток може да се пие секој ден, но по осум дена треба да се направи пауза од две недели. Поради седативното дејство, единствено не се препорачува на бремени жени, како ни на бебиња помали од шест месеци.

Екстрактот од босилекот го намалува крвниот притисок на сличен начин како и лековите. Се верува дека босилекот влијае на нивото на ендотелин, белковина која предизвикува стеснување на крвните садови. Научните студии утврдиле дека состојките на маслото од босилек имаат силно антиоксидантно својство, според тоа делува против стареење, против рак, вируси и микроби, се користи и како дополнителен лек против стрес, астма и дијабетес. Неговата ефикасност се должи на cinnamanic киселината во неа. Таа е позната за подобрување на циркулацијата. Го стабилизира шеќерот во крвта и го подобрува дишењето.

Во кулинарството…

Освен чајот, босилекот може да се користи и како зачин во многу салати и разни јадења кои секојдневно ги користиме. Освен што дава неодолива арома, има и одлични здравствени придобивки. Босилекот може да се користи во различни видови на јадења вклучувајќи сосови како песто сосот, свежи салати, било какви јадења со домати, особено црвени сосови за тестенини, различни супи и чорби, јадења од пилешко месо и риба, а одлично одговара и со било кое месо кое е подготвувано во сос од вино. Може да се комбинира со било кои зачини, иако најдобро одговара со типично медитеранските билки како рузмаринот и мајчината душичка.

Како зачин босилекот дава вкус на јадењата, го подобрува варењето на тешка храна и штити од крварење. Кулинарите го препорачуваат како додаток на јадења од компири, пченка, карфиол и модар домат. Во медитеранската кујна претставува основен дел на сосови и преливи за јадења со тестенини. Сушениот босилек има посилен вкус од свежиот, па треба да се додава на манџи и разни други јадења од зеленчук, како што е грашак и грав, но и во салати и кремови.

Измијте го свежиот босилек со студена вода од чешма или потопете го во сад со вода неколку минути, за да се отстранат евентуалните остатоци од нечистотија. За да се зачува мирисот и вкусот во целост, босилекот во рецептите обично се додава во последен миг, затоа што пролонгираното готвење резултира со испарување на есенцијалните масла. Листовите од босилек се користат за додавање вкус на секој зеленчук, пилешко месо или јадења со печено месо. Босилекот често се користи и за приготвување јадења со домати и јајца, супи, чорби и салати.

Свежиот или сушен босилек се користи за приготвување супи и други јадења. Исечканиот свеж босилек додава свежина на зелените, но и на овошните салати. Босилекот е една од главните состојки во песто, зелен сос кој се додава во супи, зеленчук, риба и тестенини во медитеранските кујни.

Одличните својства на босилекот: Листовите од босилек содржат повеќе растителни хемикалии за кои е познато дека имаат превентивни и лековити својства. Босилекот содржи голем број полифенолни флавоноиди, како ориентин и виценин. Листовите од босилек содржат голем број есенцијални масла кои се корисни за здравјето, како што се: еугенол, цитронелол, линалул, цитрал, лимонен и терпинеол. Овие соединенија имаат потврдени антивоспалителни и антибактериски својства. Деловите од растението имаат многу ниска калорична вредност и не содржат холестерол, но се многу богат извор на голем број есенцијални хранливи материи, витамини и минерали, клучни за доброто здравје. Листовите од босилек се одличен извор на железо, а со оглед на тоа што железото е составен дел од хемоглобинот во црвените крвни зрнца, го одредува капацитетот на пренос на кислород во крвта.

Силвана Јованчева