Search for content, post, videos

Некултурата на културното време…

 

Изгледа зборот култура стана толку употребуван и искористен што за малку ќе поверувавме дека станавме навистина културни и дека некои нешта конечно се сменија…
За културата можам да пишувам на долго и на широко, да размислувам, да тврдам, да советувам, да предлагам…. Всушност, како што може и секој друг човек. И додека живееме со некое наметнато мислење дека културата полека навлегува и кај нас и тоа онака како што и доликува на една модерна европска земја, надвор гледам една поинаква слика.
Секое утро, за жал, се сретнувам со масовна некултура, на луѓето воопшто. Но искрено, најмногу ми пречи онаа на најмладите. Зашто нели, си велам ајде ова се постари луѓе, не може на стари години да им се наметнува нешто што едноставно нема да го прифатат (иако би можеле кога би сакале), но некултурата на младите е она што повеќе ми пречи и разочарува.
За жал, додека се убедуваме дека се повеќе вложуваме в културата, особено збогатувајќи го културниот живот, младината ни остана целосно глува на тоа. Масовната појава на непоздравување е нешто неизлечиво во нашата земја. Па така имаме војска млади луѓе кои воопшто не сметаат дека е потребно да отпоздрават кога ќе влезат некаде, без оглед дали станува збор за училиште, дома, друга јавна установа… Истите тие млади воопшто не трепнуваат со око за да му помогнат на некој постар човек, особено не станувајќи да отстапат место во автобус, со изговорот “па и јас сум изморен, а ти ако си стар и не можеш да стоиш зошто не си седиш дома туку се возиш со автобуси…”, а воедно се и “оперирани” од почитување авторитети.
И откако почна учебната година, масовната некултура на големо се врати на улиците и си ја живееме секој ден, за жал, не борејќи се против неа. И можам да мудрувам и да раскажувам, да делам совети, но нема да го сторам тоа. Затоа што некултурата, за жал, излегува од секој дом. Детето е слика на семејството, па затоа виновникот за масовната некултура треба да почнеме да го бараме токму таму. А лекот е, како што велат постарите “пет пари”, само треба да се знае, сака и да се почне од почеток.
Не дозволувајте некултурата да стане и ваш сопатник, ваш срам со кој ќе се соочувате секој ден. Да им помогнеме на младите да ја живеат културата , да изградиме вистинско културно општество. Започнете уште веднаш, сега, дома, а потоа продолжете да ја ширите околу себе. Инспирирајте ги и подучете ги младите, ним тоа најмногу им треба…
Слаѓана Тошиќ