Search for content, post, videos

Новогодишна деконтаминација на себеси

Да бидам жива и здрава, да ми биде годината поуспешна, да имам повеќе пари, да престанам да пушам, да ми се остварат сите најскриени можни и невозможни желби…
Секоја година, секој 31-ви декември влегуваме насмеани и оптимистички расположени во Новата година. Додуша, како минуваат годините и не толку оптимистички, со оглед на тоа што со зрелоста стануваме свесни дека сите овие одлуки и желби зависат во најголем дел од нас самите. А и како минуваат деновите сфаќаме и дека поголемиот дел од нив не ги остваруваме…
Не знам, јас лично Новата година ја доживувам како еден обичен, најобичен ден, единствено означен со многуте забави. Забавите од типот ресторани, жива музика и слични кич случувања ми се далеку од мозокот. Не сакам ни да помислам на нив, а камоли да се осудам да присуствувам на некоја таква. Интересно случување може да биде некоја несекојдневна забава, како што ја помнам онаа од пред неколку години која се одржа во музејот… Но во очекувањето на нешто малку понеобично и навистина добро, опцијата – дома, останува тука. Како најдобра, најсигурна, со ширум отворени врати за сите пријатели кои сакаат да дојдат да се насмееме, да се напиеме по некоја со задолжителното новогодишно мезенце и секако, да му плукнеме на кичот в лице пред вклу-чениот ТВ екран.
Е сега, кога веќе почнав за новогодишните желби, некако ги надминав и не ги сфаќам сериозно. Зошто? Едноставно… се што ќе си посакам ќе ми се случи ако самата го направам тоа. Но одлуките и желбите кои ми се битни едноставно не ми паѓаат на ум во Новата година. Ми се раѓаат со секој нов ден, во различен месец, во друго годишно време. Но единствената позитивна работа која ја собирам во секоја Нова година, во токму таа вечер, е мојата желба за културно деконтаминирање на себеси. Секој 31-ви декември повторно ја добивам и секоја година се повеќе ми се исполнува.
Како? Едноставно… Новогодишната ноќ се повеќе е задушена со кич случувањата. ТВ екраните пукаат со “одвратна” турбо фолк музика, кафеаните пак истата атмосфера ја нудат во живо, народот и покрај мизерната ситуација со стандрадот сепак наоѓа пари да ги “фрли” буквално за неколку часа скокање, а потоа целиот јануари го поминува како скриен во глувчешка дупка, едвај чекајќи го 1-ви февруари за нова плата.
Згрозена од масовното неконтролирано, заслепено и невкусно новогодишно случување, секоја година, поточно секоја Нова година си ја замислувам желбата за деконтаминирање на себеси. Како да му се спротивставам на кичот и глупоста, да не дозволам да ме заведе на ниту еден начин, како да се доизградам како личност, како да ја засилам борбата за издигнување на високите културни вредности на човекот и на
околината?!
И во очекување на 31-ви декември оваа година, скокотливо да видам и откријам дали барем малку ќе сплесне новогодишниот циркус, а ќе се случуваат интерсни и вредни за внимание настани ми пресотанува да ви посакам… Среќна Нова година, и секој ден во годината да ви биде барем толку насмеан како што ви е токму тој, со нови сили и во Новата година да му застанеме на патот на кичот со Убавите манири и вистинските
вредности. Само на тој начин ќе успееме да се задоволиме себеси и да го вкусиме вистинскиот успех на живеењето.