Search for content, post, videos

Одбележување на ликот и делото на Академик Никола Кљусев

Продолжуваат деновите на одбележување и славење на ликот и делото на првиот претседател на Владата на Самостојна и Независна Република Македонија, Академик Никола Кљусев. Денес беа презентирани делови од неговото економско и поетско творештво. Се читаше од прекрасното поетско творештво на Никола Кљусев и се раскажуваа прекрасни случки од неговиот живот. На денешното одбележување беа присутни Маргарита Неновска – претседател на Фондацијата Никола Кљусев, Нена Неновска Горгиевска – доктор на мировни науки, хуманистот Живко Поповски Цветин, Катерина Митковска – претседател на Здружението на просветни работници на Град Скопје, проф. д-р. Ванѓа Радевска, Снежана Лазарова Луна – уметник, Викторија Велева, Даниела Царулевска, познатата поетеса Лидија Лучко Јеремиќ и Весна Дамчевска Илиевска, доктор на мировни науки и експерт за ненасилна комуникација.

Д-р. Ванѓа Радевска – која била негов студент, со задовоство се сеќава на ликот и делото на професор Никола Кљусев. Пораката која во една прилика ја кажал професорот Никола Кљусев, засекогаш останала врежана во нејзината меморија. “Говорете на македонски јазик, сакајте го и почитувајте го својот мајчин јазик бидејќи тоа е сржта на еден народ. Македонскиот јазик е основа на македонскиот народ“ – им посочил професор Никола Кљусев. Говорете го, негувајте го и чувајте го македонскиот јазик.

„Академик Никола Кљусев, чиј роденден е на 2 октомври, е ден во кој се родени и големиот великан Махатма Ганди, како и хуманистот Живко Поповски – Цветин, ден кој е прогласен за Меѓународен ден на ненасилството, така и Никола Кљусев беше голем поборник за мир, просперитет и голем хуманист“. – изјави Весна Дамчевска Илиевска.

*

Зборот мој е мојот јазик

Зборот мој е мојот јазик

мојата мисла и говор,

моето време,

мојот простор,

моето јас дека постојам

вчера и денес

и утре вечно ќе опстојам.

 

Мојот јазик е мојот збор

на вистината и лагата

на правдата и тагата.

 

Тој е мојата музика

мојот сон,

мојата пробудна песна,

мојот сончев блесок,

секавична молња и гром.

 

Тој е звучна рима

на мојата химна

блажен тон.

(Од збирката песни „Ода на зборот“ од Академик Никола Кљусев)