Search for content, post, videos

Опера Гарние – раскошна убавина

Од знаменитостите на Париз посебен впечаток остава Операта Гарние, за чија раскошност и убавина насекаде се зборува. Палатата Гарние позната и како Париската Опера или уште попозната како Операта Гарние преставува една од поубавите оперски куќи во светот. Сместена на плоштадот на Операта во Париз,  со своите 2200 седишта оваа оперска куќа зрачи со раскош, угледност, аристократија, убавина.Зградата на Операта Гарние  изградена  во нео-барок стил, а конструирана од Шарл Гарние, преставува ремек – дело на архитектурата во втората половина на 19-от век. Оваа градба е создадена и изградена во склоп на големата реконструкција на Париз во времето на царот Наполеон 3, кој го овластил баронот Осман да ја надгледува целата реконструкција. На конкурсот за градба бил избран проектот на Шарл Гарние за изградба на нова зграда на операта и балетот, така што оваа зграда станала наследник на Театарот на музиката, кој изгорел во 1873 година. Изградбата почнала во 1861 година и со кратки прекини е завршена во 1874 година. Свечено зградата на Операта Гарние е отворена на 15 јануари 1875 година под името Национална Академија на музиката (Académie Nationale de Musique – Théâtre de l’Opéra), за да во 1989 година, кога за главна оперска куќа во Париз е избрана Операта Бастиља, се преименува во Палата Гарние. Површината на зградата е 11.237 метри квадратни. Централниот лустер тежи повеќе од 6 тони. Таванот на Операта ја насликал Марк Шагал во 1964 година. Зградата е дизајнирана да биде екстравагантно искуство со богато украсен простор, со брознени бисти на композитори, како Моцарт, Росини, Бетовен, Спонтини и многу други, со убаво украсени и средени ложи и голема сцена, која може да смести до 450 луѓе во исто време. Внатрешноста на зградата е украсена со разновидни мермерни столбови и статуи, со раскошни скали кои водат до ложите на катот, со многу ходници кои им овозможуваат на голем број луѓе непречено движење. Местата за посетителите во ложите се обложени со црвено кадифе, покажувајки ја раскошноста на целиот ентериер. Зградата била целосно реставрирана во периодот помеѓу 1994. – 2006. при што била заменета целокупната сценска техника, електриката и биле поправени темелите. Палатата Гарние инспирирала изградба на многу други згради во текот на следните години. Многу згради низ светот се градени по примерот на ова творба на Гарние. Неколку згради во Полска беа засновани на дизајнот на Палатата Гарние. Тие го вклучуваат театарот Јулиуш Словацки во Краков, изграден во текот на 1893 година и исто така зградата на Варшавската филхармонија, изградена помеѓу 1900 и 1901 година. Во Укранина влијанието на Палатата Гарние се гледа во зградата на Лавов Театар на операта и балет во Лавов, изградена помеѓу 1897 и 1900 година, како и зградата на Националната опера на Укранина во Киев, изградена во 1901 година. Потоа Театро Масимо Белини изграден од 1870 до 1890 година во Катанија, Сицилија (Италија), следи Театарот Амазон во Манаус (Бразил) изграден од 1884 до 1896 година. Прегледот е многу сличен, иако декорацијата е поедноставна. Зградата Томас Џеферсон, изградена од 1890 до 1897 година, на Конгресната библиотека во Вашингтон е моделирана по Палатата Гарние, особено фасадата и Големата сала. Операта Ханој во Виетнам била изградена од 1901 до 1911 година за време на колонијалниот период на француската Индокина врз основа на Палатата Гарние. Се смета за репрезентативен француски колонијален архитектонски споменик во Индокина. Општинскиот театар во Рио де Жанеиро (1905–1909) исто така бил моделиран по оваа палата, особено Големата сала и скалите. Хотелот Легендс Ченаи во Индија е инспириран од Палатата Гарние, особено од фасадата и статуите. Фасадата на театарот Риалто, поранешна филмска палата изградена во 1923-1924 година и лоцирана во Монтреал, Квебек, Канада, била дизајнирана по Палата Гарниe. Делото на Шарл Гарние не останува невидено, a останува единствено и уникатно.

С.Ј.