Search for content, post, videos

Ѓорѓи Чешмаџиевски – Најмладиот шампион во решавање на Рубикова коцка…

Рубиковата коцка е одлична едукативна и истовремено забавна сложувалка. Помага при развивање на моториката и логиката кај децата. Одлично забава и развој на интелектуалните способности. Рубикова коцка е изум кој е интересен за сите возрасти, како за возрасните, така и за децата. Создадена од Ерно Рубик од Унгарија, по кого е и именувана.Првата Рубикова коцка се состоела од дваесет и седум мали коцки во шест бои. За правилно да се подредат сите шест страни на Рубиковата коцка, која на почетокот била нарекувана магична, постојат четириесет и три квинтилиони варијанти. Дури и самиот Ерно Рубик едвај ја решил сложувалката, после многукратни обиди. Но, откако го сторил тоа, дошол до идеја да го патентира пронајдокот како детска играчка. Тоа го направил по една година од дизајнирањето на коцката. Оваа култна играчка на осумдесеттите години и ден денеска е популарна. Се организираат бројни натпревари за нејзино брзо сложување. Ѓорѓи е најмладиот шампион во решавање (сложување) на Рубикова коцка.

– Значењето на Рубиковата коцка…

Рубиковата коцка за мене има големо значење. За почеток таа е многу забавна, рубиковата коцка ми е омилен предмет кој можеш да си го носиш со себе, за кратко да издвојуваш победа,  таа ми помогна да запознаам многу нови пријатели од целиот свет и да се натпреварувам во многу држави. Јас случајно ја одбрав рубиковата коцка и тоа беше во 2016 година кога бев на одмор. Ја видов на една тезга и тогаш си помислив дека е лесна играчка, но не бев во право. Се заинтересирав како да ја решам, и почнав да гледам видеа на интернет.

– За колку време ја совлада?

Откако сфатив дека нема да имам успех така лесно, а во видеата видов дека има и помала коцка која е 2х2, чекав да стигне помалата коцка. Коцката дојде за два месеци и прво успеав да наместам една страна, а по една недела и целата коцка. Така што ми требаше неколку месеци, за да ја наместам коцката 3х3 која е најпозната и ја знаеме сите.

И така започнаа натпреварите… Кога ги гледав видеата, разбрав дека во светот постојат натпревари во брзо решавање на рубикова коцка. А бидејќи времињата за решавање ми беа се подобри, на моите родители им кажав дека сакам да ме пријават на натпревар. Првиот натпревар кој беше најблиску за да можеме да одиме беше во Албанија. Ѓорѓи досега учествувал на многу натпревари и има освоено многу награди…

Јас учествував на натпревари во Албанија, Бугарија, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и на натпреварите кои се одржуваа во Македонија. По долга пауза, на 10 и 11 јули 2021 година се одржа натпревар во Белград. На натпреварот подобрив 16 национални рекорди, освоив 2 први места и три трети места.

– Кој ги организира и колку е тоа прифатено во Македонија?

Натпреварите ги организира Македонската кјубинг асоцијација, и до пред пандемијата интересот се зголемуваше од натпревар на натпревар. Многу ми е драго дека деца на моја и поголема возраст ми приоѓаат и ми кажуваат дека јас сум ги инспирирал да почнат да ја решаваат коцката. Во периодот на пандемија како и за се друго и натпреварите беа забранети, и единствено се одржуваа онлајн. Резултатите постигнати на  тие онлајн натпревари не се запишуваа, туку беа колку да останеме во форма и да се дружиме барем преку компјутер.

Среќен сум што оваа година повторно ќе се одржи ваков натпревар во Скопје. Cubing Returns Skopje 2021 е натпревар во брзо местење на рубикова коцка (speedcubing) подржан од светската кјубинг асоцијација – WCA и организиран од страна на Македонската Кјубинг Асоцијација. Натпреварот ќе биде одржан на 21 и 22 август оваа 2021 година, во канцелариите на Sopro на самиот плоштад во Скопје! За да учествувате МОРА да се регистрирате преку WCA сајтот. Пријавувањето почнува на 31 јули во 12:00, а местата се ограничени.

Линк за пријавување: https://www.worldcubeassociation.org/competitions/CubingReturnsSkopje2021/register

Минатата година ни покажа дека случувањата околу нас не зависат многу од нашите планови. Јас имам голема желба да заврши пандемијата и да си продолжиме со натпреварите и дружењето како и претходно.

Се разбира училиштето е на прво место.

 

Силвана Јованчева